Трибина „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“ по повод 10 години од објавувањето на антологијата „Ветерот носи убаво време“

Што се случи на македонската книжевна сцена во изминатата деценија? Дали настапи нова стилска формација или изразен книжевен индивидуализам? Какви поетики се доминантни во македонскиот книжевен простор и дали со нив се остварија нови вредности во естетската вертикала на нашата книжевност? Колку од авторите што пред десет години беа млади и надежни, дел од нив и дебитанти, денес се доминантни пера во македонскиот книжевен простор и дали за нив и натаму важи одредницата „млад автор“? Дали се случи некаква промена во рецепцијата на читателите за современата македонска книжевност? Кои и какви се актуелните нови гласови во македонскиот книжевен простор? Каква беше улогата на антологијата „Ветерот носи убаво време“ за македонската книжевна стварност?
Ова се дел од прашањата кои беа отворени на трибината „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“, која ја организираше Културно-информативниот центар – Скопје, по повод 10 години од објавувањето на „Ветерот носи убаво време“ – антологија на најмладата македонска поезија и проза (Скопје: Матица македонска, 2012). Трибината се одржа на 8 ноември 2022 година (вторник), во Културно-информативниот центар – Скопје.
Уводни излагања на трибината имаа приредувачите на антологијата „Ветерот носи убаво време“, Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а со свои согледувања од перспектива на веќе етаблирани автори, издавачи и организатори на книжевни манифестации се вклучија и Јулијана Величковска и Жарко Кујунџиски, по што се поведе и дискусија со присутните – поети и прозаисти, издавачи, книжевни критичари и преведувачи.
Во рамките на настанот, преку куси видео-излагања беа презентирани и согледувањата на авторите Ѓоко Здравески и Давор Стојановски, инаку и двајцата застапени во антологијата „Ветерот носи убаво време“ објавена пред една деценија, а денес едни од најприсутните автори на македонската книжевна сцена, иако и двајцата се со ангажман надвор од земјата.
Во завршницата на трибината се одржа и поетско читање на дел од актуелните млади поетски гласови кај нас, оние кои всушност, денес се носители на новото време во македонскиот книжевен простор – Андреј Ал-Асади, Ивана Јовановска, Викторија Ангеловска, Андреј Медиќ – Лазаревски, Марија Велинова и Диме Данов.
Пред десет години, со антологијата „Ветерот носи убаво време“ се промовираше нов бран автори и поетики во македонката книжевност и се бараше простор за нив во македонскиот книжевен простор како тогашни носители на ново книжевно време. По изминување една деценија од објавата на оваа антологија, со оваа трибина се направи обид за критичко осврнување кон остварувањата и случувањата во македонската книжевна стварност во периодот од тогаш до денес, а со тоа и уште еден обид да се даде влог во критичкото опсервирање на македонската книжевна вертикала во актуелниот миг.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Уметноста може да ве фрли во транс
Интервју со Дени Бојл, режисер на филмот „Транс“ кој набрзо ќе се...
Повеќе
0 replies on “Трибина „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“ по повод 10 години од објавувањето на антологијата „Ветерот носи убаво време“”