Момчето на кое му се покажа детелина со седум лисја

Шумот на ветрот, небото, ѕвездите, изгревот, залезот, самракот, звуците на шумата, трагите на патот, сето она што упатува на еден свет зад гранците на овој видливиот. Како да постојат еден во друг и еден за друг.

Да се чуе северозападниот ветер и да се поседува вештина да се говори со него, привилегија е на малкумина. Постои еден човек, пораснал на Медведница, Хрватска, кој ја наследил таа дарба од своите баби. Зденко Башиќ, момчето на кое му се покажала детелина со седум лисја. Како и што раскажувале неговите баби, таква една детелина, наменета е за мудреците и волшебниците за откривање на најдлабоките тајни низ времето. „Северозападниот ветер“, чие прво издание е на загрепската издавачка куќа „Планетопија“, а изданието на македонски јазик е на скопската „Артконект“, раскажува токму такви тајни. Слушнати во тишина и преку шепот прекажани.

Во преносот, можеби и најгласни се илустрациите, дело на Башиќ – чудесен начин преку руни измислени од него и визуелни решенија да се тихува во слоеви, бидејќи суштествата од северозападниот дел на Медведница па сè до Самоборските краишта се обраќаат во тишина. Користат знаци да го покажат своето наизглед невидливо постоење. Шумот на ветрот, небото, ѕвездите, изгревот, залезот, самракот, звуците на шумата, трагите на патот, сето она што упатува на еден свет зад гранците на овој видливиот. Како да постојат еден во друг и еден за друг. Во тие светови кои се мешаат во доживувањето и во прикажувањето, ветерот е гласникот, и тој спомнува за самовилите и самовилскиот народ; Савските самовили, Виловникот, Наречниците; Невидливците; Водениот суд; Кватрите; Мразот; Мраковите; Мура; Мрачник; Јагари; Песоглавци; Воден човек; Вештерките; Врагови; Џуџиња и кепеци; Кокиче; Ѕвонче; Зумбул; Кукурек; Јаглика; Ѓурѓевка; Детелина; Самовилска коса; Бела пеперуга; Ѓурѓовден; Иванден…

Пулсира делото на Зденко Башиќ со силите на животот и смртта, создавањето и распаѓањето, космосот и хаосот, и најчесто се најситните, најмалите суштества  оние кои го одржуваат редот. А ветерот и нив им раскажува за нас…За сè она што било, е и може да биде…

Тагови од објавата
More from Мерсиха Исмајлоска
Кадер Абдолах, персискиот ткајач на книжевни килими
Тој ткаач на персиски книжевни килими, вткајува и универзум, суптилно градејќи го...
Повеќе
0 replies on “Момчето на кое му се покажа детелина со седум лисја”