„Мариово филм“ – обид да се документира еден регион

Интервју со основачот и раководител на првиот документарен портал за Македонија, „Mариово филм“.

mariovo

Како се роди идејата за „Мариово филм“? Што Ве поттикна и како се усогласивте со другите членови во проектот? Неколку збора за почетокот…

Идејата за првиот документарен портал за Македонија, „Мариово филм“, произлезе од моето речиси дваесетгодишно новинарско искуство и од мојата потесна специјалност (патописите, а пред сѐ – патописите за нашите убави села), од речиси четириесетгодишното искуство на снимателот и фотограф Лука Суша (кој, воедно, е и мој ментор точно дваесет години), како и од заедничкото дваесетгодишно непрекинато патување низ селата во Македонија (при што посетивме точно 1.600 од вкупно 1.984 села, колку што, според нашата статистика, има во Република Македонија) и од суровиот материјал од видео, аудио, фото и пишани документи, кој го имаме во нашата документација, а кој досега е необјавен. Првиот документарен портал за Македонија, „Мариово филм“, го носи името на еден од многуте региони во Македонија, а тоа е Мариово, кое се распостила во јужниот дел на Македонија. Опишано е во романите „Крпен живот“, „Калеш Анѓа“, „Толе Паша“, „Шаќир Војвода“, посветени на вистински личности што живееле во Мариово, а кои имаат посебно место во документарниот опус на порталот „Мариово филм“. Првиот документарен портал „Мариово филм“, така да речам, е поделен на седумнаесет региони; секој регион во себе содржи патопис, фоторепортажа, документарен филм и фотогалерија. Исто така, во состав на тие седумнаесет региони имаме и регион за Егејскиот дел на Македонија, со наслов „Егеј“, и регион за Пиринскиот дел на Македонија, со наслов „Пирин“. Првиот документарен портал за Македонија,„Мариово филм“, е отворен за соработка со сите што имаат свои видео и аудиостории, како и фотодокументација, со што тој ќе биде поблизу до граѓаните.

mariovo2

Која е целта на проектот? Што е крајниот продукт и како ѝ ги презентирате на публиката создадените дела? Дали можеби имате соработка со некоја организација или слично? Како се финансира овој проект – само од волјата на учесниците или…?

По неколкуте неуспешни обиди да го објавиме во нашите пишани и електронски медиуми, решивме овој материјал да го објавиме преку првиот документарен портал „Мариово филм“, и тоа преку патописи, репортажи, фоторепортажи и преку документарни филмови, со цел да не остане заборавен,туку да им го оставиме на генерациите Македонци да го имаат како документ, како составен дел од историјата на македонскиот народ. Порталот „Maриово филм“ се финансира од сопствени средства; имаме своја техника, почнувајќи од теренско возило, па до сѐ она што е потребно за финален производ од ваков вид работа.

Можеби е малку чудно , но вистина е – првиот документарен портал за Македонија, „Мариово филм“, работи, што се вели, со минимални трошоци, а тоа се должи на големиот фонд од видео, аудио и од пишан материјал што го има порталот „Мариово филм“ и што чека за обработка. Тимот на порталот „Мариово филм“ има неколку подготвени документарни проекти, како што се документарните серијали и документарните играни серии, а средства ќе обезбеди како на домашниот пазар, значи во Македонија, така и надвор од неа. Можеби малку чудно, ама, пак ќе речам, вистинито, порталот„Мариово филм“ промоцијата на својот производ најмногу ја има кај обичните граѓани во Македонија, така да речам, меѓу селското население, затоа што извориштето од каде што тој црпи информаци е селската популација, а секако и преку големите масовни медиуми, преку националните и локалните телевизии, преку националните и локаните радиостаници и портали, преку домашните печатени медиуми, како и преку медиумите што се во сопственост на наши сонародници што живеат во Америка, во Европа и во Австралија.

mariovo3

Како за крај, кои места сте ги посетиле досега со својата екипа, кои места Ви оставиле силен впечаток и по што, како и што може да се очекува во иднина? Кои се следните места на Вашата листа?Колку е предвидено да трае проектот?

Во изминативе дваесет години непрекинато патешествие низ Македонија, речиси нема место каде што не сум бил. Реков дека сум посетил 1.600 села, меѓутоа сум поминал и низ другите 384 „непосетени“.

Импресиите се големи и никогаш нема да исчезнат од мојата меморија. Прекрасни места има Македонија, тешко ми е навистина посебно да одделам, секое камче и секоја капка вода си имаат своја тежина и убавина – со еден збор, Македонија е убава земја. Порталот „Мариово филм“ се подготвува на 7 мај оваа година, на Велигден и на Ѓурѓовден, да биде присутен меѓу нашинците во регионот Гора во Косово, да сними материјал за неколку патописи, репортажи и документарни филмови. Кон почетокот на јуни, тимот на „Mариово филм“ ќе биде меѓу нашите во Голо Брдо во Пустец, а во текот на ова лето и во селата населени со Македонци во Србија и на уште многу други места.

Македонија има голема историја, таа треба да се открие, да се осознае и да им се остави на поколенијата што доаѓаат по нас. Првиот документарен портал за Македонија,„Mариово филм“, ќе настојува да им остави што поголем документарен материјал на генерациите што доаѓаат на парчето земја на планетава што од памтивека се нарекува Македонија и на народот што од памтивека се нарекува македонски, а проектот се надевам дека ќе трае сѐ додека постојат имињата Мариово и Македонија.

Зоран Костески-Шваца е основач и раководител на првиот документарен портал за Македонија, „Mариово филм“.

Напишано од
More from РЕПЕР
Од љубовта – љубов
Кај нас, во веќе познатата Стара скопска чаршија, има останато само уште...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *