Не сте вие параноични, ние стварно ве следиме

(За „Очи со боја на чевли“ од Петар Андоновски)


(За „Очи со боја на чевли“ од Петар Андоновски) 

Додека читав, имав чувство дека гледам филм. Не знам зошто, но пред очи цело време ми излегуваше приказната за Амели Пулен. Можеби поради начинот на кои се раскажани приказните за Ема и Нестор, но можеби и поради тоа што романот е инспириран од фотографија на Јанаки Манаки, па и самиот произведува слики кај читателот.

Петар, т.е. неговиот омнисцентен раскажувач, раскажува две приказни: едната за Ема, жената што следи мажи со убави чевли, а другата за Нестор, писателот што живее во параноја дека го следат. Двајцата прават совршен спој на гонител и гонет. Приказните формално не се преплетуваат, раскажани се одделно, прво приказната за Ема, а потоа, во вториот дел од романот, таа за Нестор. На тој начин, формалната поделба на два дела во стварноста на романот резултира со две животни приказни што живеат една покрај друга, но сѐ до самиот крај не се допираат.

oci-so-boja-na-cevli

Ликовите на Ема и Нестор се едноставно и прецизно насликани. Раскажувачот дава минимум информации за нив. Секој атрибут што му е даден на ликот преоѓа во акција, а  секоја мината акција преоѓа во атрибут. Така ликовите се полнат со значење и по вертикала (парадигматски) и по хоризонтала (синтагматски). Нарацијата е кристално јасна, речениците се кратки и ослободени од украси што само би ѝ пречеле на приказната.

Во оваа кратка интерпретација на романот „Очи со боја на чевли“ не би се занимавал подробно со анализа на ликовите, но ќе предвидам дека за овој роман ќе се пишуваат магистерски и докторски студии што ќе го толкуваат низ призмата на психоаналитичките теории. И Ема и Нестор се ликови што за своја почетна точка имаат некоја траума од детството. Ема е ќерка на генерал што останува инвалид во воениот конфликт од 2001 година (во романот се дадени јасни маркери за време и простор, иако приказната е универзална и воопшто не мора да се врзува за македонското поднебје). Односот со нејзиниот татко, кој е пуританец во секоја смисла на зборот, е трауматичен и тој однос е семето за фетишот што Ема го развива кон совршено чистите машки чевли. Таа мажите ги сведува на чевли (метонимиска реификација), а чевлите ги смета за огледало на карактерот на човекот. Манијакалната потрага по совршено чисти чевли е, заправо, потрага по совршениот татко од детството. Нестор, пак, за кого исто така чевлите се огледало на карактерот на човекот, во детството е напуштен од своите родители и голем дел од својот живот поминува со својата грбава тетка, која својата неостварена амбиција да стане писателка ја проектира на својот внук, кого го затвора во темен шкаф, нарекувајќи го тој процес час по креативно пишување. Иронично, Нестор се прославува пишувајќи роман за својата грбава тетка, но во романот тогашната власт гледа скриена симболика, па славниот писател одлежува шестгодишна робија. Така ја добива својата хронична параноја дека е постојано следен. Токму оваа врска помеѓу една жена што манијакално следи мажи поради нивните чисти чевли и еден маж што е параноичен дека е следен од тајните служби е движечката сила во романот. Во тоа вкрстување лежи главната мајсторија на приказната, која е доведена до трагикомичност, до апсурд. Разрешницата на романот е фројдовска, но, за да не бидам каменуван, ќе го премолчам крајот.

„Очи со боја на чевли“ е одличен роман. Петар Андоновски е комбинација на талентиран и учен раскажувач, кој многу добро знае што напишал. Во романот оставил многу траги за својот имплицитен читател. Читајте внимателно.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Хумус
Хумус (Humus) е проект на Џузепе Ликари (Giuseppe Licari) кој зборува за...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *