Кревок

На главата госпоѓата носи сламен шешир со широк обод кој е обвиткан со виолетова лента што се спушта од двете страни на нејзиното лице, подврзана под брадата во голема машна.

КРЕВОК

(втор дел)

На главата госпоѓата носи сламен шешир со широк обод кој е обвиткан со виолетова лента што се спушта од двете страни на нејзиното лице, подврзана под брадата во голема машна. Тенкaта усна намачкана со јак циклама кармин ѝ стрчи од жолтата старачка кожа. Над горната усна испрчени ѝ се ретки темни влакна. Нејзиното меко, диносаурско тело замотано е во темно виолетова ткаенина. Од неа, како паштета која веќе не можела да издржи под притисокот во пластичното црево, па истекла од двете страни, висат млитави мускули во вреќи од кожа што се прелива преку лактите. На нејзиниот нос, густо прошаран со црни митисери, почиваат огромни очила за сонце, непотребно масивни, како споменици на ненормалната потрошувачка на неразградливи материјали. „Колку е чудно што во цело срање што ми се случува способен сум да го забележам и сето ова“, си помислуваш.

– Еве, дајте да ви помогнам – вели и се приближува со растреперени раце да те фати под пазувите.

– Што? Ах, тоа. Нека, можам сам…

Се обидуваш да ги исправиш нозете и што поскоро да станеш за да те остави госпоѓата на мир, но затегнувањето на лигаментот на колкот што ти ги полни очите со солзи те држи како закован за земјата. Се обидуваш уште еднаш, но само ти се испушта крик.

– Немојте сам, јас ќе ви помогнам. Само полека – вели, не чекајќи твоја согласност.

Во нејзиниот здив можеш да намирисаш хектолитри кафе и цели насади со тутун, тие ужасни испарувања сега лазат по твоите ноздри и ти го гранатираат олфакторниот систем. Надвор од сите очекувања, околу ребрата чувствуваш силен, речиси машки стисок, со кој госпоѓата додека трепнеш те поставува на двете нозе, пренесувајќи ги истовремено сите болки од целото твое тело до мозокот. Оддивнуваш од агонија, а гласот неповратно ти се губи некаде во грлото.

Децата се собираат околу тебе додека се подигнуваш, а од другата страна на улицата неколку минувачи љубопитно посматраат. За среќа, никој од нив не приоѓа.

– Не знам како… Наеднаш само го изгубив тлото под нозете. Ова шишево, изгледа паднав на него.

– Ајде, ништо страшно. На сите им се случува. Ама можевте вратот така да си го скршите. Една моја пријателка ја бришела така прашината на врвот од плакарот, одеднаш се онесвестила и изгубила рамнотежа и паднала од столот. Рече дека не пиела ништо, ама знам јас дека сака да си натегне од винцето кога е сама. А крупна жена, пријателкава. Толку си го повреди грбот што со месеци не можеше да стане од кревет. Среќата во несреќата што била онесвестена, па мускулите на грбот не ѝ биле згрчени, инаку ќе останеше неподвижна… – вели госпоѓата, а потоа продолжува за рехабилитацијата на својата пријателка со дополнителните наравоученија од случувањето, не испуштајќи те од нејзиниот неумолив стисок.

– И оттогаш нема пивнато алкохол, ни капка.

– Што? Зошто вие така… – дрекна штом успеа да си ги собереш мислите, избезумено откинувајќи се од прегратката на госпоѓата. Почнуваш да си ги чистиш панталоните со десната рака, а левата ја држиш испружено, подалеку од телото.

– Па, мислев дека ви се слоши од…

– Ама јас немам пиено! Не ми се слоши!

– Добро, добро. Тоа за пријателката ви го раскажав онака. Како пример.

Повторно помислуваш колку е глупава оваа ситуација, а таа нејзина изјава и болното чувство на гушење од оваа идиотска сцена ти го притискаат мозокот.

– Сега морам да одам. Ме чекаат – велиш, гледајќи да избегаш од нејзиниот поглед. Госпоѓата претпазливо чекори кон тебе, како кон диво животно кое може да се исплаши од секакво ненадејно движење и да побегне.

– Чекајте. Сакате да ве испратам до влезот? Куцате.

– Не куцам. Морам да одам, ме чекаат.

За да ја увериш, почнуваш сѐ посилно да си ги чистиш панталоните додека се оддалечуваш. Но секој чекор ти предизвикува толку многу болка што главата неконтролирано ти се тресе.

Не знаејќи што со дланката од која сѐ пообилно ти тече крв, со крајот од окото забележуваш дека госпоѓата те следи, а со неа и сите оние деца. Огромна, досадна кралица опкружена со нејзините неподносливи минијатурни поданици. Толпата од другата страна на улицата малку се растурила откако те видоа дека се исправи. Го забрзуваш чекорот, но колку и да се мачиш, грчевито одземајќи го изгледот на човечкиот од со своите чекори, не можеш да протрчаш доволно далеку од нејзиниот глас:

– Каде брзате? Чекајте, чекајте! Дајте да ви помогнам. Зошто не сакате да ви помогнам?

– Тетке, тој е пијаница – довикува едно дете од толпата.

– Не сум!

– Па крв ви тече. Чекајте, ве молам!

– Не тече, добро сум.

– Пие тој често, знам јас – дофрлува гласчето.

– Ќути, будало. Што ти е тебе гајле? – одговори друго дете.

– Е, па гајле ми е!

– Не ти е!

– Ми е!

– Деца, некој мора да му ја прегледа таа рана.

– Пак пиел.

– Па што? Не мешај се, гледаш дека му тече крв.

– Не му е првпат.

– Така е, така е, и јас го имам видено и порано.

– И јас. Дома се враќа пијан.

– Застанете! Господине! Па чекајте, аман!

– Што ти е тебе гајле.

– Човече, ама е направен, види го.

– Не го сакам, не ми се допаѓа.

– Кој е овој човек? Смрди! Ха-ха-ха.

„Ова е хајка“, помислуваш, „што ја водат овие демонски деца, и ме бркаат со нивните кратки гранки наместо нозе, предводени од ова страшило. Од кај се појави овој калабалак што ми се качи на главата, оваа гневна толпа што ме следи, како волци што намирисале крвава трага?“

Раната на раката се лади и сега те пече со полна, зрела болка, а од секој дамар што ти поминува по колкот ти чкртаат забите. Згора на сѐ, како пак да прокрвари и месото под излуштената плускавица. Безуспешно се обидуваш да потрчаш, целиот извалкан и искршен од болка, и тој адреналин веќе те толчи.

– Ни мене не ми се допаѓа.

– Ха, ха, види како се тетерави. Како кловн.

– Замолкнете веќе! Не знаете како му е. Гледате дека го боли. – се издвојува гласот на некое девојче.

– Деца! Дечки! Морате… да го… запрете…

Штом решиш да застанеш и да ѝ се предадеш на потерата, бидејќи веќе немаш сила да бегаш, го гледаш детето на кое му припаѓаше првиот глас, тоа што те обвини дека пиеш. Малишанот извика на сиот глас:

– Што ќе ѝ е на Еми таков татко!

Тоа мало русокосо буцкасто дете е истото што пред малку те застрела со пластичниот калашников. Неговите зборови се крупни капки киселина кои ти продираат во градите. Крвавата дланка, колкот кој ти отече и се наполни со некаква врела течност, грозниот плускавец што сега се шири преку целата петица, сета таа болка сега се крева до гласните жици, презема контрола и давенички од грлото вриска:

– Оставете ме! Губете се! Мрш!

Стоиш така свиткан во половината, со левата дланка ја придржуваш десната, и самиот уплашен од сопствениот глас. Гледаш како децата се разлетуваат насекаде низ улицата, тротоарот и влезовите како листови хартија, додека госпоѓата се заковала на дрвените потпетици, со устата изобличена од напнатото дишење.

Се откажала. Ти победи.

Минуваш низ пасажот од зградата и излегуваш на другата страна зашто знаеш дека натаму нема да има никој. Конечно те оставија на раат. Сам си. Твоето викање не привлече внимание, нема публика, никој не ѕирка зад завесите, никој не сака да ти помогне и да те испраќа до дома. Не можеш да одлучиш дали сега да го извадиш тоа стакло од раката или да го оставиш додека не стигнеш дома, па таму да го дезинфицираш. Во меѓувреме, болката се засилува, се менува, се шири под кожата, се враќа, напаѓа, се откажува, наеднаш престанува, па се појавува посилна од порано, и овие осцилации претставуваат концентрат од агонија.

Куцајќи понатаму се сетив на млекото. Топлото, свежо млеко на улицата Мика Алас. Долен Дорчол е безбедно место, особено оној дел што се протега од Дубровачка кон пругата и понатаму кон Дунав. Некогаш, добро се сеќавам на тоа, иако временската клисура од неколку децении зјапа помеѓу мене и тие спомени од детството, некаде на пола пат до утрото, кога ќе ги почувствував оние подмолни болки во стомакот што ме будат среде ноќ, ќе се отвореше вратата и темната силуета на мајка ми ќе се влезеше во малата соба за да види зошто нејзиното дете згрчено лежи и вреска. Во раката ќе ја носеше старата шолја, прошарана со избледени портокалови цветови, а во неа ќе ми донесеше топло млеко со малку мед. Со секоја голтка од белиот мелем што се разлева низ стомакот болката сѐ повеќе исчезнува, а очите ми стануваат пријатно тешки, и додека му се препуштам на безгрижниот полусон размислувам за истата вечна енигма на која ѝ се препуштав целото мое детство – дали ќебето ќе ме заштити од чудовишта кои почнуваат да танцуваат околу креветот штом ги затворам очите?

И за време на студиите ми се случуваше да не можам да заспијам од таква болка, но тогаш веќе не беше безопасна и детска, предизвикана од премногу сливи или ледена вода после играње. Тоа беа јазли и кинења на цревата пред испитот по економија. Страдав од неа и покрај моето верување дека сум предодреден за оваа наука. Како можев да не верувам во тоа, кога професорите толку многу го фалеа мојот студентски есеј за современото читање на „Богатството на народите“ од Адам Смит. Но, тој мој успех беше донекаде и разбирлив, зашто есејот го напишав под силната гравитација на идејата дека само преку економијата може да се спроведе конечна промена на општествениот систем. Толку темелна и длабока промена, што на крајот би довела до укинување на економијата, бидејќи би станала вишок. Кога завршував гимназија и требаше да се одлучам за студии, бев убеден дека во дваесеттиот век не беше останала веќе никаква движечка сила во филозофијата, социологијата, психологијата, историјата… Па дури ни во уметноста. Сето тоа ми делуваше инертно, надминато. Никако излишно, се разбира, но тие науки беа украси, дополнувања на политичката економија, која беше единствената што можеше навистина да ја спаси мојата земја, чие полувековно уредување веќе пукаше по рабовите, а од тие пукнатини се покажуваше грдото лице на уредувањето на слободниот пазар. Кога на крајот и самиот се соочив со пазарот на трудот, идеализмот не ме напушташе, но моето убедување дека сум пронашол метод за промена на системот заснован на угнетување на работниците почна да ме угнетува мене. Станав актер затрпан со работа во општествената улога на татко и сопруг, снабдувач и заштитник кој трпеливо како вратоврска на вратот ги носи грозните лузни од оковите на бирократијата. Дотогаш не најдов ништо околу мене, ни движење, ни организација, ни партија во која би се приклучил, а камоли подземје од заговорници кои работат на уништувањето на капитализмот пред неговите очи. А поради мојата мрзеливост, не се ни очекуваше од мене самиот да започнам такво некакво движење.

Многу добро знаеш што ќе се случи сега во станот. Мирисот на омекнувачот ќе те порази уште на влезот, ќе се завитка околу тебе, ќе ги собере сите мириси од телото и ќе ги затури некаде кајшто нема да пречат. Кога ќе поминеш низ кујната покрај ручекот кој се оладил, на терасата ќе видиш жена во куќен летен фустан, во кој сè уште изгледа како девојка, како или ги простира алиштата на децата, или пресадува цвеќе, или ги преместува теглите со зачини, или нешто друго што ќе те скрши .

Ќе посакаш да ѝ се приближиш, нежно да ја фатиш околу половината и да ја бакнеш на вратот. Но знаеш дека Вера нема да се сврти. Дури и да се заврти, на нејзиното лице веројатно нема да има ништо друго освен уморот од илјадитото разочарување што ѝ го предизвика. А истото ќе ги чека и Лука и Ема, кога нивните другари пред зградата ќе им раскажуваат за падот на татко им. Несовесно и бездушно како што можат само децата.

Седнуваш на клупата. Размислуваш како толку многу не знаеш. Не знаеш дали веднаш да го извадиш парчето стакло од дланката или да почекаш додека не стигнеш дома. Не знаеш дали некаде го имаш исфлекано твоето најдобро одело. Не знаеш каков изговор да најдеш за тоа што дома се враќаш толку доцна и во ваква состојба. Не знаеш како да ги завршиш тие извештаи и анализи кои Бубрежњевиќ ги бара од тебе. Не знаеш зошто така се однесуваше кон госпоѓата која само сакаше да ти помогне. Не знаеш како да ги вратиш изгубената гордост и достоинство на кои падна и ги здроби со колкот. Не знаеш колку далеку треба да одиш за да пронајдеш место на кое ќе можеш да почекаш да помине сето ова незнаење што те мачи.

Каде се изгуби сето тоа? Сè што стои помеѓу овој момент и твојата младост? Деведесет и пет проценти од возбудата во изминатите дваесет години се состои од перипетии околу плаќањето на сметките и болестите на децата. Две, можеби три возбудливи летувања, како и двајца, можеби тројца пријатели кои сè уште се спремни за лов на вински мушички. Две, можеби три жени кои те полудеа, за среќа безопасно. Две, можеби три книги и два, можеби три филмови кои те држеа буден неколку ноќи.

Би требало: да го зграпчиш тој кукавичлук како дезертер за вратот, да го завртиш преку главата и да го шутнеш низ првиот ветар, далеку во штрбавата, матна река по која плутаат утробите од минатото, на парчиња да го искинеш тоа најдоброто одело и гол да заминеш до својата колиба на карпата над густата, студена шума, па да си го одереш грлото од довикување со ѕверовите. Тоа!

Ама ти ќути си, сирото мутавче, како секогаш што си ќутиш во тоа твое ќоше во кафаната, откако цел ден си го триел ропскиот врат од парталавата јака, за на крајот да завршиш истурајќи го сиот тој евтин пијалок во себе. Тркалај се во кал и прашина, крвав и претепан како куче. Дери се на баби пред децата и моли се таа цироза да те стигне веќе еднаш и да ја земе со себе надежта од сѐ што не смееше да направиш од својот живот.

Гледаш сега дека си немоќен да ѝ се спротивставиш на патетиката, а во тие твои слаби раце нема никаква сила за да препливаш низ животот штом се појават вртлозите. Кога би се обидел, би те одвлекле долу, до дното на твојот страв, а во твоите гради би пукнало нешто за што отсекогаш си мислел дека е обликот на твојата суштина. Но, не е важно, дотогаш само остани во својата поза на меланхолик чиј рбет се подвиткал како прашалник.

Тој оди наведнат, ја држи левата рака со десната и се сопнува како некој подгрбавен изрод. Ги затвора своите крупни, уморни очи и со движење на неизлечлив флегматик со ракавот ги брише солзите и мрсулите што му се собираат околу устата. Застанува покрај некаква ‘рѓосана железна ограда. Се потпира на решетките за да одмори и да се собере, кога нешто нежно и лесно ќе го допре по образот, па ќе исчезне. Потоа уште еднаш, па уште еднаш. Потоа ќе го почувствува и на носот и на челото, тоа нежно скокоткање што брзо се помножува. Кога ќе ги отвори очите, гледа како бели пердуви лебдат во воздухот, ослободени од високите гранки од блиската топола. Прозирни снегулки танцуваат насекаде околу него, нежно се дофаќаат и пуштаат на топлиот ветер што ја смекнува сончевата врелина. Околу неговите нозе почнува да се собира снежно-бел прелив и да се натрупува на тревата. Оживува спарната новобелградска панорама. Здивот му се пресекува од возбуда, и тој спектакл му го пресекува плачењето. И тогаш, скршен и немоќен пред овие дразби, паѓа на колена, го прекрива лицето со рацете и почнува неконтролирано да липа.

Кога учениците од основната школа ќе се приближат до оградата која го дели нивниот двор од тротоарот, баш таму каде се потпира осамената топола и ја искривува, ќе видат од другата страна човек клекнат на земјата, и неговиот грб што се грчи и тресе. Од дланките не му го гледаат лицето, но гледаат дека задниот дел од левата рака му е облеан со свежа крв. Од чевелот му виси крвав чорап, а тегет оделото му е прашливо и со темни флеки на левата ногавица. Покрај децата, околу него тивко се собираат десетина граѓани.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Данило Лучиќ
Кревок
Денес беше, во најмала рака, вообичаен ден во канцеларија, онака тажен, мртов...
Повеќе
0 replies on “Кревок”