ВЕСТИ
Пристигнуваат новости
една по една,
заедно со утринскиот воздух:
на едниот крај од Земјата –
војна,
на другиот крај –
непозната болест,
на третиот крај –
цунами…
Никој
во дневните вести
не кажа
дека во трошната куќа
во мојот комшилук
се роди детенце
кое силно заплака
од среќа
радувајќи се на првиот ден!
Вестите се
приказни од минатото,
историја
од заплеткани набори
на изгазена черга,
облаци
што го замрачуваат сонцето
за да не се види
иднината која чека.
19. 11. 2014г. Панде Манојлов
ВО ТЕБЕ – ЈАС
Денеска,
како и секој друг ден
со широко отворени соништа
гледам како се венчаваш
со надежта.
Како фантазер
си застанал пред метафората
како пред отворена мудрост
со небесен вкус,
пред мрежата на брегот…
Сенка ли си,
патник намерник,
виорно знаме ли си
што се вее
во ветровито време?
Јас сум, во тебе – јас!
Самотник и сам,
сенка и црн човек
пред кристалните порти
на поезијата!
19. 11. 2014 г. Панде Манојлов
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest