НОВИОТ МАКЕДОНСКИ ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛИСТ

(Давор Стојановски. „Собирачи на пепел“. Скопје: Или-или, 2016)

Кон крајот на 2016-та година младиот и извонредно талентираниот автор Давор Стојановски, го обелодени својот нов романсиерски потфат. Со првенчето „Ненасловена месечева соната“ се вивна веднаш во височините и застана рамо до рамо до големите имиња во трката за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник во 2013 година. Уште тогаш тој се исправи и пред македонската читателска публика, но и пред македонската критика, како што рече и напиша тогаш Венко Андоновски, како „целосно зрел и оформен автор“, како автор „кој е можеби и еден од најперспективните на една млада генерација писатели која допрва надоаѓа како убав бран.“ Андоновски за оваа првообјава истакна и дека на стилски план добивме зрел, раскошен роман, со чести промени на стилските регистри и богат прозен ракопис со убаво развиена приказна и извајани ликови – сето тоа на ниво на писателско мајсторство на кое можат да се угледаат далеку поискусни и повозрасни автори. Така се пишуваше тогаш, кон крајот на 2012 и во почетокот на 2013. Ама еве четири години подоцна, „Собирачи на пепел“ се прославува со „Роман на годината“ на Утрински весник.
Но, каков е новиот Давор Стојановски? Како ненасловената месечева соната им даде шлагворт на собирачите на пепел? Дали зрелоста и раскошноста кои го одбележаа стилот на „Ненасловена месечева соната“ го запоседнуваат и овој, најновиов?
„Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски е роман кој се совпаѓа со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност. Но тој е, истовремено, и едно типично ново егзистенцијалистичко писмо, кое македонската книжевна сцена го чека уште од времето по појавата на „Кратката пролет на Моно Самоникот“ на Димитар Солев. Моно на Солев еве конечно доби свој наследник во Јаков на Стојановски.
Кој е Јаков? Која е неговата приказна?
Јаков е еден вистински привлечен и шармантен заводник, бонвиван и еротоман, кој покажува индиции на зависност од секс. Тој живее сам во својата гарсониера во Кисела Вода, без фиксно работно место и без никакво посебно постигнување во животот.

city-1759377_1280

Почеток – полн погодок.
Пишуван е од позицијата на самиот Јаков или, едноставно кажано, Јаков е тој што вели јас и оној кој ја раскажува својата приказна. Всушност, преку таканаречениот „внатрешен монолог“ авторот Стојановски буквално ја следи струјата на непосредното забележување и сеќавање на својот лик која е во основата на добро познатиот т.н. „романот на текот на свеста“ кој до детали го разви Џојс во својот „Улис“.
За разлика од претходниот роман, приказната во овој се случува во Македонија, поточно во Скопје. И без никакво претерување може да се рече дека Јаков на Стојановски е всушност македонскиот Улис поточно македонскиот Леополд Блум (38 годишен добавувач на огласи во весници), а во добар дел при скитањето во пределите на своето сеќавање израснува и во македонскиот Антоан Рокантен на Сартр.
Џојсовиот Улис се открива низ една постојана аналогија меѓу „митските“ скитања на Одисеј и „вистинските“ скитања на нововековниот Одисеј – Леополд Блум. Јаков на Стојановски своето скитање го започнува на пат до Бутел каде оди на погреб кај една познаничка и на враќање оттаму, притиснат од преполниот мочен меур и од потребата за уринирање, провалува во најблиската куќа, чија врата, случајно или не, е отворена. Олеснувањето на мочниот меур ја иницира и неговата потреба од ослободување од потиснатите слики. Купатилото станува вистинско митско место, зашто таму почнува да се чувствува пријатно и удобно. А удобноста доаѓа од: мирисите на омекнувачот, чистината, уреденоста, предметите на кои налетува, кои ги гледа и допира со очите, со рацете. Сите сетила се во погон. Сето тоа го враќа во детството… таму далеку назад во неговиот живот во кој било многу поразлично, не поубаво, туку, едноставно, поразлично од она што го живее сега.
Затоа и слободно може да се каже дека Јаков е еден човек на денешнината кој е задоволен со/од својот потентен живот и од своето навидум ненаситно либидо.
Но кој е навистина Јаков?
Млад човек, некогашен провинцијалец кој живее сам во својата гарсониера во населбата Кисела Вода на „големиот“ град. Никогаш нема да ги доврши студиите, никогаш не постигнува ништо од што би можел да се чувствува горд, но скоро секогаш наоѓа различни работи за да спечали малку пари. Поминува низ неколку краткотрајни врски и менува многу партнерки за една ноќ, со кои ги задоволува секогаш силните страсти и нагони. Исклучително брзо го губи провинцискиот акцент, како што ја губи и желбата да се врати во родниот град и да стапи во контакт со родителите. Интересно е дека тој постојано купува билет за родниот град, каде што живеат неговите родители, меѓутоа никогаш не се качува во автобусот за да ги посети, како и нашите вечни пекачи-гастербајтери кои ја плачат својата татковина, а немаат сили да ја посетат. Останува без никаков контакт со мајка му и со татко му. Понекогаш лаже дека тие се починати, лаже дрско, лаже искрено зашто верува во тоа што го лаже, лаже и без никаква причина.

sidewalk-657906_1280

Јаков е страшно фобичен по однос на било каква близина. И како што еден ден Рокантен со збрканост и страв открива дека нешто се случува во него, дека почнува да го чувствува оној егзистенцијалистички страв при што забележува дека му се јавува одвратност кон реалните/секојдневните нешта, така и македонскиот Рокантен еден ден во непознатото, а сепак толку познато, купатило, решава да се испразни и да се измие и во буквална и во преносна смисла. Да се испразни, да ги измие рацето од земјата која ја фрла на сè уште непокриениот со земја ковчег, да ја исплакне устата од грозниот вкус од повратениот сендвич што го зема за „душа“ на мртвата, да се ослободи од сите потиснати емоции, од сите прикривањата на кои така добро го имаат научено мајка му и татко му. Атмосферата во неговата глава е едно сериозно философско размислување или една обемна анализа на неговата психолошката состојба. И Стојановски, како и Сартр, го доведува чувството на мачнина до страв и агонија. Тегобноста е чувството што го носи Јаков. Тегобноста е чувството што Јаков сака за првпат да го сподели со нас. И така преку чинот на читањето за измивањето на Јаков се измиваме и ние. Се измиваме и се прочистуваме. Можеби затоа Јаков во неколку наврати (ни) кажува дека се чувствува како катализатор во животот на другите. Преку таа негова исповед, Јаков станува и наш катализатор т.е. катализатор на читателското доживување и уживање.
Сиот роман го опишува неговиот живот во кој тој се справува со различните крајности: помеѓу потребата да биде сакан и омразата кон себеси и кон сите други, помеѓу убедувањето дека е потребен и тоа дека излишен. И тоа како на филмска лента прелетува во неговата глава.
Јаков е свесен дека сето она што го прави е илузорно, дека сексот (како и алкохолот или дрогата) е средство со кое човек бара да пребегне во нешто, дека му дава краткотрајна удобност; но сака да верува дека таквиот животен пат му се допаѓа и дека таквиот живот му е доволен. И кога мислиме дека ништо повеќе нема да се случи …тогаш некој од домаќините веќе почнува да тропа на вратата од купатилото. Луѓето сфаќаат дека некој им провалил внатре.
Последната сцена е истовремена и вознемирувачка/возбудувачка и смирувачка. Ја имаме сликата на Јаков како се тушира во купатилото, како ја набљудува нечистотијата што се излева со водата во кадата, и како потоа сосема гол, како нов човек во нов живот, на ново и сосема непознато место во кое чувствува семејна атмосфера и некаква неопислива припадност, исчистен од секаква маска и лажливост, излегува од купатилото – оди до масата во кујната, гол како од мајка роден, седнува, и ги гледа избезумените и исплашени лица на домаќините. Им ги погледнува непознатите лица со насмевка и, со детска наивност, морничаво прашува што има за вечера.
Крај како за полн погодок!
И со сето срце, но и разум можам да напишам: Наградата е во вистински раце. Членовите на Комисијата покажале дека имаат вистински сенс за приказните кои внесуваат нови содржини и форми и кои ја придвижуваат македонската култура кон европска и светската. Зашто романот „Собирачи на пепел“ на Давор Стојановски ги отвора вратите за темите на денешнината и тоа за вдоменоста и бездомноста, за чувството на недостиг, за чувството на осаменост покрај сите оние познати и непознати луѓе околу себе, за стравот од блискоста, за потребата од далечноста со своите и туѓите, за …

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
Личниот и особено женскиот идентитет во светлината на колективните општествени превирања
Вистинската причина зошто жените сакаат ќерки, лежи во фактот дека синовите не...
Повеќе
0 replies on “НОВИОТ МАКЕДОНСКИ ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛИСТ”