Уметноста не е за секого


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Иако изгледа како загрозен вид во ова лудило од време, кое постојано технолошки се забрзува, уметноста не може да биде убиена.

leonid-tishkov

„Господине Русјаков, дали ќе сакате да напишете уводник за нашето интернет списание за култура и за уметност – ’Репер’?“ Порака во моето сандаче на Фејсбук. А под срочената молба стои список со прашања за уметноста, на кои уредниците би сакале одговори од мене.

„Хммм, зарем смислија гаџет и за скриена камера преку Фејсбук?“, тоа е мојата прва мисла. „Некој се зеза со мене“, така гласи втората мисла. Почнувам да се убедувам дека сонувам кога некој од мене ќе побара да напишам или да кажам пред камера нешто, а тоа да не е мислење за дневнополитичката турли-тава во нашево општество. Ма, дај не ме зезајте, интернет списание за уметност, сигурни сте дека ова не е „сто педесет и десеттиот“ портал со преземени вести од политиката заедно со задолжителните фотки од типот „газе на денот“, плус ексклузивни вести ала „Дадар си ја поправи шолјата“, „Викторија Лоба си го чукна коленцето“ и „На Сузана Гавазова ѝ се мрдна прерамката за три милиметри полево“?!

Е па, вистина е, никој не се шегуваше со мене, еве го мојот уводник за нешто што неверојатно многу недостасуваше низ интернет просторот кај нас.

[pullquote align=”left”]сѐ почесто уметноста брутално се исфрла од медиумите[/pullquote] Спротивно на појавата на вакво списание, сѐ почесто уметноста брутално се исфрла од медиумите. Сеедно дали сте човек што дневниот весник почнува да го чита од првата или од последната страница, до страничката на која се начичкани куси информации за културни и за уметнички настани ќе стигнете на крајот; тоа е мистеријата на дневните весници, до информациите за нечија креативност стигнувате кога веќе сте преморени од негативни вести и од небулозни трачеви. Кај и да е, очекувам да ја видам рубриката „Култура“ заедно со некролозите. Нашите новинари очигледно се опседнати со купишта политички прашања и спинови, па затоа изгледаат како да им треба егзорцизам – тие едноставно не знаат сами да склопат вест кога ќе ги повикате на конференција за печат за некој културен настан. Секоја чест на исклучоците, ама повеќето новинари чекаат да им дадете веќе готов текст со општи информации. Телевизиите се сосем друга тажна приказна. Нивните уредници најчесто ќе ви кажат дека публиката сака кич и политика. Никогаш не се ни обиделе да видат дали публиката сака нешто друго, креативно и квалитетно. Тоа е затоа што поаѓаат само од сопствениот вкус, ако кичот и политиката воопшто можат да се наречат некаков вкус. Толку за медиумите и за уметноста, медиумската пропагандна машинерија сѐ уште вади пиштол на поимот култура.

leonid-tishkov1

Сепак, за среќа на оние што не одлучиле да си ги спакуваат Умот и Душата во тетрапак со краток рок на траење во оваа материјалистичко-консумерска агонија од секојдневие, културните настани што вредат да се одбележат се многу. Нема тука да ги набројувам сите оние филмски фестивали, концерти и опери, театарски премиери и филмови што конечно почнаа редовно да се снимаат кај нас, новите музички албуми и литературни дела, затоа што, фала му на Бога, ги има, оти оние љубители на уметноста што седат дома и што кукаат дека тука ништо не се случува како во Њујорк, на пример, треба да направат само еден потег… да се спакуваат и да се преселат во Њујорк. Оние што творат тука, во зависност од квалитетот на создаденото, ја наоѓаат својата публика. Како што и ова списание за култура и за уметност ќе си ја најде својата публика. На крајот на краиштата, колку и да звучи елитистички, уметноста не е за секого. Затоа и постојат турбофолкери, сапунски серии извадени од калап, спонзори и спонзоруши, партиски митинзи, жолт печат, салони за убавина и шопинг центри. Понекогаш, дури и претворањето на луѓето во кукли е нечија цинична креативност.

А таа, креативноста, е умеење да создаваш. Таа е дел од нашето Битие, создадени сме да создаваме. Едни можат да ја разбудат таа креативност во себе, други едноставно ја имаат удавено во талогот на опсесивното трчање исклучиво кон материјалните вредности, трети креативноста ја имаат мутирано во деструктивност. Оние што креативноста ја поврзуваат само со создавањето уметнички дела, најчесто грешат. [pullquote align=”right”]Ние, луѓето, отсекогаш сме биле свесни за креативноста во нас и околу нас[/pullquote] Ние, луѓето, отсекогаш сме биле свесни за креативноста во нас и околу нас. Во древните списи Творецот и првиот Креатор, а ние сме создадени според неговиот образец, значи и ние сме креативни. Создаваме живот, создаваме стол удобен за седење, создаваме мир во душата на оној што го сакаме, создаваме лулашка за своето дете. Спротивно на ова е одземањето, тоа е деструктивност. Создавањето уметност во оваа наша совршена креација на постоењето е само способност на поединецот да создаде нешто убаво од ништо посебно.

Многу творци од светот на уметноста, соочени со суровоста на секојдневието, сфаќајќи дека светот не се ничкосува на колена пред нивната уметност, едноставно паѓаат во очај со мислата дека уметноста умира, без да знаат дека вистинското уметничко дело секогаш наоѓа гнездо во нечија душа. Без разлика дали е тоа за време на животот на уметникот или по неговата смрт. Колку и да ја осудуваме на смрт уметноста, таа ќе опстои, затоа што постоела отсекогаш и ќе заврши кога и со нас ќе биде готово. Иако изгледа како загрозен вид во ова лудило од време, кое постојано технолошки се забрзува, уметноста не може да биде убиена, оти доволно е да почне да се раѓа во една единствена душа, еден стих среде бетонската асфалтирана џунгла низ која трчаат козметички обработени тела во брендирана гардероба; ако влезе само во едно срце, во чие било срце, и ако го промени ритамот на неговото чукање, уметничкото дело наречено стих ја постигнало својата цел. Оти, како што реков и претходно, уметноста не е за секого.

Авторот е уметник

Фотографии: Леонид Тишков

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Кутија на спомени
Единствена шанса да објавиш своја творба во електронското списание за уметност!
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *