Ортома

Ѓелески е автор на збирката хорор раскази „Морбидизам“ која, по појавата во PDF формат, наскоро ќе се објави и во печатено издание. Расказот „Ортома“ се издвојува по вештата комбинација на хумор и хорор.

tumblr_mgji3bJH7W1qa9b8ro1_1280

Мојот пријател беше мошне загрижен за тоа како младите генерации залудно ја трошат сопствената младост. Некогаш и тој бил на тие години, па не се расфрлаше со нив на сите страни. Се сеќаваше на својата младост и дружбата, солидарноста и забавувањето со неговите пријатели и нивните заеднички излегувања, нешто што беше странски поим на неразбирлив јазик за денешната младина која, како што кажуваше тој, е „расипана уште откако ќе ги тргнат устите од брадавицата на мајка им“. Тие мислеле дека се понапредни од сите генерации и со тоа созреваат десет години побрзо, а всушност биле забарикадирани клошарчиња во домените на нивните предрасуди, навлечени на лесни дроги и алкохолизирање, зависни од покажување на машкост и масовно озборување за туѓите животи, наместо да уживаат во живеењето на своите. Според мојот пријател, како да мислеле дека со тоа ќе ги потегнат врвките на другите кукли. Сметале дека се најпаметни и дека другите им завидуваат на годините, не учествувале во ниту еден собир кој се однесува на нивната иднина, а виртуелните социјални мрежи биле реалниот социјален живот. „Наместо да играат на улица играа на компјутер.“ Тој почувствувал дека мора да направи нешто за да им помогне во завршувањето на нивното пребрзо созревање.

Отвори продавница за јажиња за бесење која се викаше „Ортома“. Тој сакаше да направи нешто корисно за генерациите кои мислеа дека се раѓаат паметни, а живеат живот исполнет со неизживеаност и кукање, па затоа одлучи да им излезе во пресрет. И беше во право. Неговата бизнис идеја се покажа како доста доходовна затоа што смртта е неизбежен дел од животот, нешто како прехранбената индустрија – на луѓето секогаш ќе им треба некој да им помогне да си ги исполнат своите смртни желби. Клиентелата доаѓаше само еднаш во неговата продавница, го купуваше посакуваниот производ и наредниот ден ги гледавме нивните лица во некролозите во весниците и залепени низ градот (симбол за успешноста на неговиот бизнис и квалитетот на продадената стока). Неговиот најголем триумф беше снабдувањето на цела една генерација која се обеси пред еден спомен-дом, а нивните обесени мртви тела први ги пронајдоа децата од училишна екскурзија за еден патронат. Тоа грандиозно дело на смртта сигурно оставило долготрајни впечатоци во животите на тие деца.

Имаше и реклама за својата продавница: „Дојдете во Ортома. Кај нас ќе ги најдете најсофистицираните и најиздржливите јажиња во светот. Ние сме тука за вас, да ви помогнеме во вашата најважна и последна одлука во животот. Имаме специјален попуст за љубовни парови, за цели семејства кои сакаат да го споделат заедно последниот здив, а на секои пет купени јажиња даваме едно гратис. Слободно дојдете во Ортома. Со купувањето на нашите производи со реномиран квалитет и докажана издржливост, вие оставате впечаток дека го напуштате овој свет со стил и класа. Не купувајте куршуми и пушки, купете јаже во Ортома.“

Понудата од јажиња беше зачудувачки голема. Тие беа со најразлична боја, големина и дебелина, а најбарани беа тие со специфични ароми (на јагоди, трендафил, ракија), за луѓето кои сакаат убаво да мирисаат во мигот кога се збогуваат со животот и се поздравуваат со смртта. Наголемо ги купуваа за масовни егзекуции (кои баш поради тоа повторно станаа актуелни), а на оние што не можеше да ги поднесе, мојот пријател им даваше јажиња да се обесат бесплатно – беше дарежлив и добродушен човек кој сакаше да им помогне на луѓето.

Честопати се случуваше клиентите кои ќе купеа јажиња во „Ортома“ да се обидат да ги вратат откако во последниот миг се искукавичиле и одлучиле да не си го одземат животот, но купената стока во „Ортома“ не се враќаше. На тие што толку лесно го менуваат мислењето ништо не може да им се погоди, а згора на тоа, неупотребено јаже е жално да се врати. Доколку некое се скинеше (што ретко се случуваше), беше бесплатно заменето со ново. Едно време и јас работев во продавницата и пишував проштални писма за тие што сакаат нивните емоции да бидат соодветно пренесени на хартија, специјално за најблиските и најсаканите. Така и почнав да се занимавам со човечките емоции и со литературата. Треба само да издаваме дрва во шумата и да ѝ бидеме конкуренција на шумата Аокигахара во Јапонија, каде годишно се самоубиваат 50-100 луѓе. Доста популарно место за дружење, па и за склучување нови пријателства кои траат до крајот на животот.

„Ортома“ се здоби со светска репутација поради својот уникатен пристап кон окончувањето на животот, па и ден-денес е лидер во индустријата на смртта, зад продавачите на парцели на гробови и индустријата за погребни ковчези. Мотото на „Ортома“ беше: „Ако веќе ја планирате својата смрт, изведете ја со стил, купете ортома.“

Голема благодарност до сопственикот на „Ортома“

22.8.2011

 

Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден 1986 година во Битола. Основно и средно училиште има завршено во Кичево, а дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година. Живее во Скопје.

Активно работи во промовирањето на хорор културата во Македонија. Автор е, уредник и издавач на хорор списанието „Кошмар“ од 2008 година до денес. Тој е еден дел од водителската екипа на радио хорор емисијата „Danse Macabre“ на Канал 103. Има објавено голем број на филмски рецензии во неколку магазини и е уредник на интернет страницата movies.mk , а има објавено и неколку музички рецензии на plagijat.mk. Тој е еден од организаторите на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“.

„Морбидизам“ е неговата прва збирка на раскази, од кои неколку беа објавени во хорор списанието „Кошмар“ пред неколку години. Моментално во подготовка е печатеното издание на „Морбидизам“ кое во наредните месеци ќе се најде во продажба.

Напишано од
More from РЕПЕР
Животот е фатиморгана, кој фати, фати!
Животот воопшто не е тежок, тој е само еден меур од сапуница...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *