Берлин

Автобусот застана. Ги отворив очите и го прашав Б. каде сме.

Берлин

Автобусот застана. Ги отворив очите и го прашав Б. каде сме.

„Берлин“, рече.

„Значи стигнавме?“, велам.

„Да“, рече.

Се симнавме.

Во Берлин плативме ноќевање за два месеци. Ја прошетавме секоја главна и споредна улица и сите сокачиња, ги поминавме сите пешачки премини по четири пати. Се сликавме пред сите значајни и незначајни споменици, порти, ѕидови, музеи и дрва. Бидејќи во Берлин ги има многу, па така потрошивме четиристотини и тринаесет филмови и купивме двесте и седум разгледници, напишавме сто и дванаесет хаику песни и дваесет и девет писма со впечатоци за градот и им ги испративме на пријателите, бидејќи сакавме да се надмине баналноста на мигот и мигот да го претвориме во траење. Нашата љубопитност немаше граници, па одлучивме да ги посетиме сите двесте и шеесет музеи и да земеме автограм од сите кустоси во нив.

Така, трчајќи по улиците на Берлин, заборавивме да се вратиме дома.

 

Изложба

На изложбата на Б. имаше една слика во ефтина рамка. На сликата Б. имаше нацртано кутија, од која се гледаше глава на човек како држи молив во десната рака.

На изложбата имаше многу посетители. Мислиш дошла цела држава. Меѓу гостите имаше владини и невладини сеирџии, пратеници и министри, дојдена беше дури и премиерката на државата, инспирини од рекламите во весниците, интернет порталите и билбордите.

На изложбата сите трчаа да ја видат сликата на Б. Пред сликата на која се гледаше само глава на човек, кој држи молив во десната рака, сите воздивнуваа. Восхитено вртеа со главите и велеа:

„Фамозно!“

„Вакво нешто заслужува да види Европа!“

„Автентично оригинално!“

„Ова е невидено!“

„Уникатно!“

Човекот што беше насликан на сликата ја поткрена главата од кутијата, го фрли моливот кон вџашената публика, излезе од кутијата, ја скрши рамката во која беше врамен и излезе од кафулето. Никогаш повеќе не се врати во својата држава.

 

Претстава на репертоарот

Во претставата што вечерва е на репертоарот гостува театар од соседството. Во претставата учествува само еден глумец. Ја глуми улогата на Безимениот. Излегува на сцената, се поклонува и ја започнува својата улога:

„Бучни минувачи низ градските улици, Вам ве прашувам, зошто постојано бучно ги џвакате своите мастики, зошто гласно пцуете пред да се запали зелено светло за пешаци и зошто постојано се довикувате од едниот до другиот крај на булеварите, а кога ќе се разминете еден покрај друг се одминувате како никогаш да не сте се виделе? Зошто ги фрлате своите отпушоци…?“, глумецот го продолжи својот двочасовен монолог.

Кога заврши преставата, глумецот учтиво се поздрави со громогласниот аплауз на публиката, влезе во гардеробата, ја избриша својата шминка, ја издади периката, си ја соблече облеката, си ги извади нозете и рацете и отиде дома да се одмори за утрешната претстава. Во друг град.

Драгана Евтимова

Тагови од објавата
More from Драгана Евтимова
Драг Сашо
Писма од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *