ФИЛИГРАНСКАТА МАЈСТОРИЈА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

(За „Одбројување“ од Фросина Пармаковска)
  • (За „Одбројување“ од Фросина Пармаковска)
  • Една од најважните работи во прозата, за мене, е суптилноста во изразот. Важно ми е авторот да го остави раскажувачот на раат да си ја раскаже приказната. Важно ми е да биде колку што е можно поотсутен, да не ми покажува колку многу знае да раскажува и колку владее со техниките на раскажувањето. Да ми верува дека во деталите ќе му ја препознаам мајсторијата. Тоа е одлика на зрел ем талентиран автор, оној што умее да се оддалечи од приказната што ја раскажува.

    „Одбројување“ е така раскажана приказна. Ненаметливо и без напрегање, со јазик секојдневен, како да ве седнала на кафе раскажувачката и ви раскажала што имала да ви раскаже. И, притоа, ви велела: „памти го сега овој муабет, ќе те вратам после овде, ќе ти разјаснам“, како настаните од приказната навистина да се случиле во стварноста, а не во главата на онаа што ја измислува приказната. А која е разликата помеѓу тие две стварности?

    За да не ви ја расипувам приказната, односно за да не ви правам „спојлери“ – што би се рекло на современ македонски јазик (инаку, зборов го среќаваме и во ракописите што ги има оставено Висарион Дебарски) – во текстов ќе им се посветам само на ликовите и на тоа како се тие создавани, или полнети со значење.

    Првиот лик со кој се среќаваме е раскажувачката, која раскажува – се разбира – во прво лице еднина. Следниот лик – кој се појавува истовремено, веќе во првата реченица од романот – е нејзиниот маж, односно „мојот маж“, како што го именува низ целиот роман. Овие два лика – кои се стожерни (онаа што раскажува и оној за кого се раскажува) – немаат свои лични имиња. Зошто е тоа така можеме да нагаѓаме. Ми се чини дека знам зошто е така, но тука нема да кажам. Веднаш на почетокот ја добиваме и првата информација за овие два лика: таа го изневерува својот маж. Тоа е јадрото на целата приказна, а прашањето што се провлекува низ приказната е: Зошто? Која е причината? Клопчето се одмотува наназад во времето, сѐ до раното детство на ликовите.

    „Мојот маж“ е поради нешто параноичен, поради нешто е сомничав, сите се против него, а тој, пустиот, верува во совршена љубов, во возвишена љубов, тој умее прекрасно да се искажува за љубовта, со саати да зборува за неа, ама таа е секогаш некаде „далеку“. Тоа е зборот што го опишува „мојот маж“, вели раскажувачката: „далеку“, „дома е далеку“. Совршена основа за невротичен лик. Зборува за љубов, но не ја практикува. Но, од каде му иде маката?

    Споредните ликови во приказните се секогаш многу важни, од нив зависат многу работи, од нив многу често зависи и хуморот. Во цртаните филмови, на пример, ликовите помошници го носат хуморот, тие ги прават сплетките, тие ја прават бељата.

    Ако бирам омилен лик, тоа ќе биде Даница, свекрвата. Комплексен лик како и сите други ликови, трагикомична во своите постапки, со постојано вкочанета насмевка како кај меанџика што е учтива со гостите, ама груба со своите вработени, лажно срдечна, за Даница важи правилото: „да се остане позитивен“, без разлика што светот во неа и околу неа со години се распаѓа и сѐ што се случува е лажно, важно е тоа да не му се признае на светот.

    Митко, пак, свекорот, сопругот на Даница, го опишува фразата „да се биде конструктивен“, тој е стабилен и стегнат, вистинки столб на идеалното семејството. Лажен столб, се разбира, на лажното семејство. Ама, секако, за тоа да не разберат комшиите.

    Алек, помалиот брат на „мојот маж“, е логичен производ на своите родители: умислен „експерт во сите спортови и многу други области“, а во суштина обично исплашено партиско човечуле. Во целата оваа лажност се вклопува и Ема, најдобрата пријателка на раскажувачката, која ја бодри велејќи ѝ дека „тоа што има љубовник е единствената нормална работа во целата хистерија“. Да, нормална е, според нормите е на општеството.

    Цел еден свет превртен на глава. И после зошто криење, зошто подметнувања, зошто ментални заболувања, па гласови слушал „мојот маж“, па не излегувал од соба. И тоа како има зошто.

    И, за крај, уште нешто многу важно во целава приказна: декорот, амбиентот, мизансцената, она што реалистите го нарекуваат „неполезен детаљ“. Неполезните детали совршено функционираат во приказнава: баналните муабети за времето, тоатиешоќепраиш-муабетите, некои ситни дијалози или коментари, за некого можеби неважни или незабележливи, оние места што лесно може да се прескокнат при губењето на фокусот, оти се кратки и неочекувани. Тие ја прават приказната веродостојна, тие ме „купија“ најмногу од сѐ, во нив се гледа филигранската мајсторија на раскажувањето.

    Тагови од објавата
    Напишано од
    More from Ѓоко Здравески
    Писмо до авторот
    (За „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски)
    Повеќе
    0 replies on “ФИЛИГРАНСКАТА МАЈСТОРИЈА НА РАСКАЖУВАЊЕТО”