Кратко со … Марија Грубор

Книга која ти го променила животот
„Сидарта“ од Херман Хесе. Растев со раните дела на Хесе, во кои првпат се најдов себеси раскажана и кои темелно ми ја обликуваа мислата. Таму некаде, браната меѓу мене и светот се стопи и повеќе не бев невидлива. До ден денес помислувам често на реката која се смее.

Книжевен guilty pleasure
Хари Потер. Еднаш во неколку години се гасам од штекер, се повлекувам во една соба и ги читам сите седум книги наеднаш. Моето детство непречено живее таму.

Жанр без кој книжевноста може да преживее
Не би укинала ниеден жанр, но би киднапирала една добра количина наслови од областа на духовност-за-една-употреба, плитко посветени на варијации на „потсвеста“, и би ги пренаменила за black out poetry или пакување тегли со ајвар 😊

Писател/ка со кој/а би поминал 24 часа заглавил во кафана
Данил Хармс. Мислам дека би смислиле некои одлични бељи заедно. Буковски е позади шанкот, Кафка свири виолина.

Ако до крајот на животот смееш да читаш само една книга, тоа би била:
„Тао Те Чинг“ – класично дело со исклучителна податливост за бескрајно читање. Некогаш ја читам од корица до корица, а некогаш ја отворам на тепка, кај ќе ми се падне, читам два-три стиха и потоа долго време им го чувствувам вкусот. Со фина слоевитост, ненаметлива густина и моќни поетски слики постила некои од најдлабоките сознанија на човештвото во форма лесна како пердув. Лек без рок на траење ♡

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Кратко со … Марија Грубор”