Избор поезија од „Песни“ на Дилан Томас

Даниела Спироска е номинирана за наградата „Драги“ - 2026, за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, издание на „ПНВ Публикации“, 2026 година

Силата што низ зелениот фитил го турка цветот 

Силата што низ зелениот фитил го турка цветот

И мојава зелена доба ја турка; таа што го корне коренот

Го ништи и мојот живот.

И нем сум да ѝ кажам на свиената роза

Дека иста зимска треска ја тресе и мојата младост.

 

Силата што низ клисурата ги турка водите бујни

И мојава алова крв ја турка; суши и грлести потоци

И мене восок ќе ме стори.

И нем сум да им заустам на вениве мои

Дека и на изворот горски иста уста шмука.

 

Раката што водата во вирот во вител ја вие

И живиот песок го меша; го врзува и виежот на ветрот

Го крева ко едро и моето платно.

И нем сум да му кажам на обесениот

Дека и јас и варта џелатот што ја спрема иста сме глина.

 

Усните на времето цицаат од врутокот;

Љубовта капе и се збира, но пролеаната крв

Раните ќе ги смири.

И нем сум да му кажам на ветрот што вее

Дека времето го отчукува небото околу ѕвездите.

 

И нем сум да му кажам на гробот љубовта што ја покрил

Дека и по моето платно истиот црв се свил.

 

Сè што им должам на сопатниците од гробот

 

Сè што им должам на сопатниците од гробот,

И сè што мртвите завештале од бледите имоти,

Лежи во судбинската коска, во шишето крв,

Како сената што се движи низ соголените корени.

Ах, сè што должам е сè што телото наследува –

Љубовите на татковците што ги влечат моите нерви,

Солзите на сестрите што ми пеат над главата,

Крвта на браќата што ги соли моите отворени рани.

 

Наследник сум на жешките жили што ја носат капката љубов,

На моите паднати што носеле навестување на смртта,

Наследник на сетилата-сведоци што сами

Му го откриваат на телото запомнетиот јадеж;

Го заокружувам тоа наследство како што сонцето

Го заокружува своето винско небо, и како свеќите-месечини

Што фрлаат светлина врз моето време. Јас сум наследник

На жените со искривена последна насмевка,

На децата задоени со чума,

На младите обожаватели што умирале со бакнеж.

Сите тие болести ги лекувам во мојата крв,

И сета таа љубов е грмушка посеана во здивот.

 

Тогаш гледајте, очи мои, во оваа безумна судбина

И разгледувајте ги положбите на мртвите;

Цела ноќ и цел ден го гледам искинатиот свет

Низ перископи исправени од гробот;

Цела ноќ и цел ден скитам во истите

Восочни облеки што се лепат на старечките ребра;

Цела ноќ мојата судбина дреме во својот чаршаф.

Тогаш гледај ја, срце мое, пурпурната ризница,

И гледај ја, зрно мое, пченицата што паѓа;

Цела ноќ мојата судбина дреме во својот чаршаф.

 

И смртта ќе нема веќе власт

 

И смртта ќе нема веќе власт.

Мртвите голи ќе бидат едно

Со човекот на ветрот и западната месечина;

Коските ќе бидат соголени па и нив ќе ги снема,

Ќе станат тие со ѕвезди на лактите и стапалата;

Иако безумни, тие благоразумни ќе бидат,

Иако в море ќе втонат, пак ќе се кренат;

Иако вљубените ќе се изгубат, љубовта нема;

И смртта ќе нема веќе власт.

 

И смртта ќе нема веќе власт.

Под виорите бескрајни морски

Тие долго што лежат не ќе умираат в бескрај;

В грч растргнати жили кога се кинат

Врзани на колец, сепак, не ќе се скршат;

Верата в раце нивни надве ќе се скрши,

И злото еднорого ќе ги прободе;

И расчеречени пак не ќе попуштат;

И смртта ќе нема веќе власт.

 

И смртта ќе нема веќе власт.

Нека веќе не слушнат крик од галеби

Ниту брановите на брегот гласно кај се кршат;

Каде некогаш цвет се веел, цвет не ќе може

Глава да крене на дождот што шиба;

Иако безумни и ко камен мртви

Нивните глави низ полското цвеќе ќе никнат;

Ќе распукаат на сонцето дур сонцето не се распрсне,

И смртта ќе нема веќе власт.

 

Овој леб што го кршам

 

Овој леб што го кршам некогаш бил жито,

И ова вино од незнајна лоза

Во плодот се беше свило;

Човекот дење или виното ноќе

Житата ги ожнеал, на гроздот радоста ја згмечил.

 

И некогаш во ова вино крвта летна

Биела во плодот лозата што ја кител,

Некогаш и во овој леб

Житото се радувало на ветрот;

Човекот сонцето го стиснал, ветрот го скротил.

 

Ова парче што го кршиш, оваа крв што

Низ жилите ја пушташ да пустоши

Биле еднаш жито и грозје

Од плотски корен и сој;

Мое вино ти пиеш, го кршиш лебот мој.

 

Не оди во таа добра ноќ мирно и кротко

 

Не оди во таа добра ноќ мирно и кротко

Староста нека жари и реве на крајот од денот

Против смртта на зракот беснеј, беснеј жестоко.

 

Мудрите знаат крајот сигурен иде секако

Но дека зборот нивен не распарал небо со екот

Не одат во таа добра ноќ мирно и кротко.

 

Добрите, бранот краен штом се крене, жалат жарко

За трудот нивен кревок неразигран во заливот тивок,

Не одат во таа добра ноќ мирно и кротко.

 

Дивите, сонцето што го зграбиле и опеале громко

Предоцна учат, та жалат дека си оди зракот

Не одат во таа добра ноќ мирно и кротко.

 

Строгите, крајот кога ближи, со поглед што гасне тивко

Ќе видат дека и слепо око ко метеор може да блесне в радост

Против смртта на зракот беснеат, беснеат жестоко.

 

А ти, татко мој, горе на небото жално, небото високо

Колни ме, благослови ме со солзи жешки, мене, грешниот

Не оди во таа добра ноќ мирно и кротко

Против смртта на зракот беснеј, беснеј жестоко.

издание на „ПНВ Публикации“, 2026 година

Тагови од објавата
0 replies on “Избор поезија од „Песни“ на Дилан Томас”