Вибер Битници*

Тој копнееше да ја бара смислата на животот преку невозможното.

Никола им се восхитуваше на храбрите. На оние кои копнеат по нови искуства, по љубов никогаш неиспробана, религија никогаш неистражена, свет никогаш и од никого не замислен. Тој копнееше да ја бара смислата на животот преку невозможното.

Никола беше хомосексуалец. Беше лудо вљубен во еден дечко кој го запозна во старата чаршија. Се викаше Јусуф. Роден во богата фамилија која живееше во Чаир, висок, згоден, русокос со зелени очи, Јусуф беше вистински магнет за жените и за мажите. Се претставуваше себеси како андерграунд брокер кој се бави со интернет трговија. Ако некој имаше нешто да продаде, тој наоѓаше купувач и собираше провизија од двете страни. Оставаше другите да го преземат ризикот. Неговиот живот беше мрежа од сложени трансакции низ која тој се движеше смислено и со цел.

Во очите на Никола, Јусуф беше најангелското суштество.

Но, Јусуф имаше девојка. Иако Азизе беше негова девојка, нејзината насмевка полна заби ни од блиску не можеше да се спореди со аурата која зрачеше од сексапилот на Јусуф. Едноставно, немаше позгоден дечко од него во градот. Никола беше само еден од многуте кои се натпреваруваа за да ја добие неговата наклонетост. Љубоморен беше на секој оној кој имаше што било со Јусуф. Посебно на Азизе, која личеше на Селин Дион. На Јусуф, пак, му годеше вниманието на неговиот црнокос, симпатичен пријател. Тој го следеше насекаде, постојано му пишуваше пораки на фејсбук и на вибер. Заедно го посетуваа „маалото на хулиганите“ и скопското геј подземје и заедно шмекаа згодни типови. Во очите на Никола, тој беше негова судбина.

Viber bitnici (2)

„Еднаш штом ќе ја вкусиш слободата, нема враќање назад. Слободата е ризична работа. Таа креира и таа уништува“, еднаш рече Никола. Но Јусуф не признаваше ништо за своите хомоеротски нагони, тој ја прогонуваше секоја средба со неговиот пријател која требаше да биде повеќе од секс. Често велеше:

„Хомосексуалците се непријатели на самите себе и на општеството! Опасност и пропаст лежат на тој пат! Давањето дозвола не е слобода, туку конфузија, хаос и анархија! Ти велам, тебе ти треба психијатар!

Но, тоа ни малку не ја намали опсесивноста на Никола. Со време неговата заљубеност доведе до намалување на неговиот социјален статус. Крајната цел му беше секогаш иста: постојано да биде во близина на својот сакан пријател. Макар и да го продава своето тело на проститутките!

„Ајде да избегаме одовде. Ќе одиме во Париз! Ќе пушиме марихуана и ќе носиме беретки!“ рече. А Јусуф, пак, силно заљубен во својата девојка, покажуваше целосно амбивалентен став кон љубовните знаци на Никола. Често ги игнорираше неговите изливи на љубов, но за чудо, секогаш му одговараше на повиците кога го викаше да се видат. Јусуф велеше: „Сигурен сум дека јас сум причината за расипување на неговите односи со неговите и со колегите!“

Секогаш кога излегуваше, соседите го забележуваа како го следеше како некоја тажна сенка. Азизе, пак, покажуваше отворена одбивност спрема Никола. Еднаш во неврзан разговор таа му рече на Јусуф:

„Ене ја мајка ти!“ притоа мислеше на Никола.

„Ах, морам да го откачам. Многу е досаден!“ рече, „Кога не е покрај мене, ме брка низ цел град, прашувајќи се живо каде сум!“

Viber bitnici (3)

Еднаш шетајќи заедно поминаа покрај неговиот стан. Тука се бакнаа и се разделија. Пред да си замине, Азизе одлучи да го посети Никола. Неговите беа заминати на пат. Силното тропање не неговата врата го разбуди и веднаш се втрча да отвори во својата долна облека. Таа топло го поздрави и потоа му рече:

„Мислам дека целата оваа работа околу Јусуф е како царството небесно, илузија родена од една потреба, која лебди наоколу во некакво нејасно, магловито платоновско никаде, секогаш присутно наоколу, како некаков свет на идеи, но никогаш овде и сега. Сакаш да заминеш со него, да пробаш, но се плашиш, зашто знаеш дека нема да успее“.

Никола се сепна, трепна неколку пати и со изненаден израз на лицето и рече, „Молам?“ Очигледно Јусуф и беше кажал се. За момент, се повлече во себе. Завладеа тишина. Реши да се соочи со самата вистина:

„Не,“ рече Никола, „Јас сакам да спијам со него. Но го сакам неговото внимание повеќе од што и да е на светов. И сакам тоа да биде постојано“.

„Слушај ме сега“, му рече Азизе „Ќе ти повторам уште еднаш: Јусуф не е геј! Можеби ќе спие со тебе, во што се сомневам, но што и да е друго постојано е невозможно. Освен, се разбира, ако не сакаш само пријателство“.

Никола се доближи до прозорецот и застана ставајќи ги налутено двете раце на своите колкови:

„Посакувам да ме сака.“

„Ти си луд“.

„Знам дека со време ќе го смени мислењето“, рече насолзено.

Jack Kerouac on the football field

„Факти, човеку, време е да се соочиш со фактите“, Азизе фати да зборува на висок авторитативен тон. „Што не направиш нешто со себе, нешто по што тој би се гордеел и би посакувал? Погледни се, личиш на скитник!“ излезе трескајќи ја вратата позади себе.

Беше депримиран. Се чини дека таа му го испрала мозокот. Следните денови Јусуф не му одговараше на повиците, а го блокираше и од фејсбук! Му испрати само една кратка порака на вибер која гласеше:

Мислам дека е подобро да бидеш подалеку од мене!

Што мислиш со тоа?? 

Подобро за мене. Збогум

Што? Сериозен ли си??

Пораката покажуваше дека е видена но тој не одговори. Од тој момент натаму тој можеше да види само колку часови и колку денови последен пат Јусуф беше онлајн!

Една неделна вечер, додека пиеја виски во еден скопски бар во чаршијата, Јусуф заедно со неговата девојка разговараа што ќе прават понатаму со нивните животи. И со Никола. Влегоа во суштинска расправија. Јусуф стана се повознемирен од љубомората на неговата девојка која премина во крајна настојчивост. На крајот, се разделија во жестока расправија. Одејќи кон дома, пијан и растревожен го сретна Никола чие присуство уште повеќе ја потпали неговата длабока исфрустираност. Никола ја искористи неговата пијана состојба и го фати за панталоните и почна да ги соблекува. Јусуф го дофати својот десет сантиметарски `рѓосан нож од својот џеб. Во темницата двајцата се најдоа во страшна пресметка, маж против маж.

Околу 4 часот по полноќ, ножот на Јусуф веќе патуваше кон градите на Никола. Можеше да ги почувствува неговите воздишки во кои беше измешан стравот со љубовната страст. Никола се бореше за воздух додека врвот на ножот грубо ја расекуваше неговата кошула, а потоа неговото тело.

„Зарем не ти беше доволна мојата љубов“, му рече.

„Не! Мухамед вели дека секој оној кој врши содома заслужува смрт!“

Со уште еден замав безмилосно му го заби ножот длбоко во срцето.
Никола се онесвести и падна на земјата. Крвта од неговото тело го потопи зеленилото на земјата.

Јусуф беше во шок.

„Боже Господе! Што направив? Убив човек. Ќе се самоубијам!

„Никола, не заминувај. Еве, земи цигара“, рече додека со своите раце во трепет ја дофати кутијата со цигари натопена во крв. Додека полека умираше и неговото тело се тетеравеше, во очите му светеше чудесна живост. На крајот изговори:

„Животот треба да се живее така, што во ниту еден негов миг нема да вкусиш смрт, ниту пак, грдотија. Затоа, бараj ја добрината насекаде, и кога ќе ја најдеш, извади ја од нејзината скривница, нека биде слободнa и бесрамна!“
„Вилијам Саројан“, рече со насмевка и воздивна.

Јусуф набрзина ги облече своите алишта. Мораше да избега. Но трагите на убиството беа се уште таму. Останаа кутијата со цигари и ножот со дамки од крв. Ги пикна во џебот. Подоцна ќе види што ќе прави со нив. Направи уште едно нешто-телото го фрли во реката. Ја избриша и последната видлива трага.

Се помоли на Бога да го спаси од гревот на злосторството. Ѕвездите исчезнаа и се појави првата белина на небото. Утрото тукушто доаѓаше.

Viber bitnici (5)

*Расказот е инспириан од познатото битничко убиство кое се случило во 40-тите години помеѓу американските бит-поети Луциен Кар и Дејвид Камерер.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Огнен Коцевски
Забава
Сакаме бол, но и лекови.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *