ДЕВОЈЧЕТО ШТО СЕ ИЗМОЧКА ВО ГАЌИ

Расказ во коавторство со Лулу.

Едно девојче се беше изгубило во шума. Скиташе, скиташе цел ден, ама никако не можеше да го пронајде излезот од безпатиетто. Така изгубена ја фати и ноќта, па девојчето, иако инаку беше многу храбро, почуствува како со надоаѓањето на темницата расте и нејзиниот страв.
Тогаш здогледа како таму од темните длабочини нешто светка. Најпрвин како запрена светулка што трепка во ноќта, а кога девојчето почна да се прикрадува, светлината зајакнуваше се повеќе и повеќе, додека конечно пред неа не се откри голема куќа на три ката и со неколку осветлени прозорци на секој кат.
Девојчето се уште не знаеше дека тоа е Куќата на животните и дека во неа живеат најразлични животни, диви и домашни – мајмунот, срната, лисицата, магарето, мачката и уште многу други. Но и дека главниот, најглавниот, кого сите животни го слушаа и од кого помалку се плашеа беше босот – Ти Рекс!
Кога девојчето некако стигна пред куќата, беше здогледана од една мачка која сакаше ноќе пред спиење да се шета низ дворот. По кусо двоумење, мачката и притрча, почна да се умилкува вртејќи се со подигнатата опашка околу нејзините нозе и да ја потпрашува: – Мррр, која си ти? Од каде доаѓаш? Како се викаш, мррр?
Девојчето се обидуваше нешто да каже пред буицата прашања, ама мачката Роза (таа во меѓувреме успеа да се представи), и се туркаше во речениците не сослушувајќи ја, туку и самата одговараше: – Од далеку,а, мррр, а тука живееме триесет и три животни, мррр, Лулу, а така, мррр, не знам како ќе се снајдеш меѓу нас, мррр…
Иако очигледно беше дрдорливка и изведуваше пируети со опашката и зборовите, мачката Роза на некој начин и се допаѓаше на девојчето, па можеше отворено да ја запраша: – Ќе можам ли ноќеска да преспијам кај вас?
– Па, да се обидеме, мррр, зависи од босот, мррр, тој ако ти дозволи, тогаш мррр…
И така девојчето, водена од Роза, се најде во големата дневна соба во Куќата на животните, исполнета со ликови и гласови на жителите. Крадешкум се загледуваше во присутните, виде интересни лица – мајмунско, петелско, магарешко, лисичје… – и се прашуваше „Кој од овие е босот?“.
Претпоставувате, затоа што босот Ти Рекс не беше таму, девојчето не можеше да знае како тој изгледа, односно, колку е застрашувачка неговата појава.

Но, кога вревата меѓу животните одеднаш замре и во просторијата влезе тој, босот лично, се и стана многу појасно.
И… мошне се исплаши.
Најпрвин, беше многу, многу гоолем! И многу, многу заблест! Во најмала рака, лицето му беше ОПАСНО ПО ЖИВОТ! А на тоа застрашувачко лице, неговите ситни непријатни очи забележуваа се. Веднаш ги впери во девојчето.
– Ова суштество не е животно! – грмна неговиот глас – Која си ти, кажи ми!
– Јас… јас сум Лулу.
– А што си ти?
– Девојче. Малечко девојче.
– Аха. Така значи. А што бараш тука, во мојава куќа?
– Таа, шефе, мррр… – милозливо се вмеша Роза – таа се изгубила во шумата, мррр… па замоли ако можете да и дозволите ноќва да преспие тука, мррр…
Ти Рексот го наведна својот долг и силен врат и се заѕвери во девојчето и мачката: – Дали сум јас тоа добро информиран?!
И двете се смрзнаа од страшната близина на босот.
– Би можела ли… само една ноќ… – успеа да промрмори девојчето.
– Може, ама само под еден услов – прос’ска Ти Рексот – Никако, во никој случај, не смееш преку ноќта да се појавиш во мојата соба. Јасно?! Строго забрането! Повтори уште еднаш!
– Строго… забра… нето…
На девојчето телото, а и мозокот, и беа стаписани, додека Ти Рекс со тежок чекор ја напушташе дневната.
– Не плаши се толку. Не му е првпат вака да заповеда – и шепна Роза – Таков му е табиетот.
Иако може да се каже дека и таа се уште беше вкочанета од громогласниот глас на големиот шеф.
По неколку минути, кога и двете се смирија, Роза ја поведе кон постелата што во меѓувреме за девојчето ја беа подготвиле животните.
– Ќе спиеш тука, веднаш до мене, мррр… – па ја гушна со опашката околу нозете – Имај убава ноќ, мррр…
Девојчето беше толку исцрпено, што едвај чекаше да се фрли во постелата меѓу чаршафите.
Веднаш заспа. Сонуваше уф уф уф како се качува по некој стрм рид, ама не беше рид туку планина уф уф уф, одвај си ги влечкаше нозете, насекаде околу неа шума, а зад неа некој ја бркаше и беше се поблиску и поблиску. Уф, уф, уф, се трудеше таа да избега, но, како што тоа бива во сонот, како да беше вкопана во земја. Не можеше ни да се заврти за да види кој е тоа зад неа. Иако беше сигурна дека гонителот е страшниот бос Ти Рекс.
Се сепнува и се буди, накострешена, сета во пот. И тогаш, за белја, од страв и се примочкува. „Што да правам, што да правам?“, се истревожи девојчето – Роза, Роза, пробуди се, те молам Роза, помогни ми.
Ама мачката Роза не се помрдна, само продолжи мррр, мррр, да преде во сонот (сигурни сме дека таа сонуваше нешто многу поубаво). Девојчето се стиска, очигледно дека е во неволја – ама што да прави, не знае каде е тоалетот, а ако ја промаши вратата и влезе во собата на Ти Рекс, тешко неа, и… – се мочна во гаќи!
Каков срам!
Утрото кога босот правеше проверка што животните ја викаа „смотра“, веднаш го откри неделото.
– Кој тоа се осмелил да се измоча во постела?! – грмна Ти Рексот.
Молк. Никој не се осмели да писне. И тогаш, мачката Роза одлучи пак да го спаси девојчето: – Јас бев таа, ете, и тоа е можно, сонував дека многу ми се пие вода, и дека покрај мене од некаква чешма капе, онака кап, кап, кап, и … се случи.
Босот само што тргна да ја казни, кога некој го запре. Погодивте, тоа беше девојчето! Однекаде најде храброст да му се спротивстави: – Роза не е виновна. Јас се измочкав во постелата – кажа гласно.
Босот Ти Рекс како да беше затечен од овој нејзин одговор. Му беше потребно да се снајде и да смисли со какви страшни зборови да возврати, но за тоа време девојчето продолжи: – И тоа зашто ми забранивте да влезам во вашите простории.
И девојчето си кажа се по ред, а притоа не го тргна погледот од неговите мали, лоши очи. За чудо колку повеќе го гледаше, толку неговите очи омекнуваа и некако се подраширија.

Девојчето се осмели на крајот да му рече: – А сега да ми се извиниш што ме извади од памет
– … извини… – на општо запрепастување промрмори Ти Рексот. Дури додаде дека претерал, а подоцна Роза тврдеше дека очите, онака подзголемени, му се насолзиле.
Се на се, од тој ден работите се сменија.
Така девојчето продолжи да престојува во Куќата на животните. Една, две, можеби три години. И не му беше ич лошо. Задругарува со сите триесет и три животни, најмногу со мачката Роза. Почна со нив да пее, дури да танцува по куќата. И токму поради неа, во Куќата веќе немаше страв. Најмногу, како што кажавме, поради веселото девојче Лулу, но и затоа што еден ден ќе се открие дека босот не е страшниот Ти Рекс, туку убавиот принц кој поради тоа што некогаш бил самовљубен и себичен самовилите го преобразиле во страшен диносаурус. И дека можеби љубовта и добрината можат да му го вратат некогашниот изглед.
Но тоа веќе заличува на друга бајка, зарем не?
Ете, мила моја Лулу, јас се потрудив некако да ја запишам твојата приказна, не знам колку баш успешно, но, како што велат нашите пријатели Ескимите, „нека сите мои грешки се вратат на своите места и нека при тоа не прават многу врева“.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
СЛИКИ OД САКСИЈАТА
Кон збирката хаику „Штурецот во саксијата“ од Драган Ј. Ристиќ
Повеќе
0 replies on “ДЕВОЈЧЕТО ШТО СЕ ИЗМОЧКА ВО ГАЌИ”