Извинете, кого барате / Карантин / Куќата на камен

Заради еден микроорганизам прогласивме пандемија, воведовме полициски час, карантин. Светска економска криза. Сега е веќе доцна. Настапи ноќта. Работите се извршуваат додека е ден. Пророштвото почна да се остварува.

Извинете, кого барате

– Извинете, кого барате?
– Го барам Бог.
– А, вие ја барате иконата! Не е овде. Украдена е. Имаме копија. Сакате?

– Извинете, кого барате?
– Го барам Бог.
– А, не е овде. До неодамна ја имавме неговата мајка. Прекрасен кип на Богородица. Донација. Ја преместивме во спомен куќата на Мајка Тереза.

– Извинете кого барате?
– Го барам Бог.
– А, вие го барате Светото Писмо! Се продаде! Но имаме сликовница со приказни. Можеби ќе ве интересира?

– Извинете кого барате?
– Го барам Бог.
– А, свештеникот само што си замина. Знаете, уште малку започнува полицискиот час. Дојдете утре ова време!

– Извинете, кого барате?
– Го барам мојот пријател.
– Кога беше примен кај нас?
– Вчера, имаше срцев удар.
– Соба број 3, лево.
Откако влегов го видов мојот пријател кој се насмевна во тага.
– Се радувам пријателе што те гледам!- рече. – Бев болен и ме посети, бев во затвор и ми даде храна, бев бос и ме облече, бев гладен и ми даде да јадам. Вистина ти велам, ти направи за мене повеќе од сите останати.
Така го најдов Бог, мојот пријател.

 

Карантин

Мислевме дека знаеме сè. Ете до каде стигнавме. Заради еден микроорганизам прогласивме пандемија, воведовме полициски час, карантин. Светска економска криза. Сега е веќе доцна. Настапи ноќта. Работите се извршуваат додека е ден. Пророштвото почна да се остварува.
Пишано е: „Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи. Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.“
Додека беше ден, бевме темнина.
Ако светлината во нас ја претворивме темнина, каква ли ќе биде темнината?

 

Куќата на камен

Се фалеше дека ја завршил целата работа. Го промени името на државата, потпиша договор и ја зачлени земјата во големите светски сојузи.
Тогаш, дојде отплатата. Настанаа тешки времиња и духовна криза. Господи, прости ни, велеше народот, што ја урнавме куќата на камен!
Оти, Македонија беше избран сад преку кој се ширеше божјото слово. Откако Господ му се јави на апостолот на сон, му рече: Дојди во Македонија и помогни им! Бидејќи погледна во нивните срца и го виде бесот, омразата и скаменетоста на лукавиот. И му натежна.
„Ви дадов небесен устав, во кој ве нареков Македонија и Македонци“, им рече. „Секој кој го прекршил мојот устав прилега на човек кој си изградил куќа. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно. Зошто дозволивте да падне куќата изградена на камен?“
„Господи, ти рече дека куќата на камен нема никогаш да падне!“
„Ете, доаѓам повторно да ви изградам нова куќа која никој не може да ви ја собори и ќе ви дадам ново име кое никој нема да го знае, освен оној што победува!“
Тогаш ги допре со мечот на духот и секој во своето тело стана куќа на Неговиот храм. Никој не можеше повеќе да ја собори куќата на камен.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Огнен Коцевски
Господе, дај ми љубов / Црковниот отец / Лебот насушен / Благодатен оган
Поради пандемијата верниците влегуваа во црквите во мал број. Се собираа двајца...
Повеќе
0 replies on “Извинете, кого барате / Карантин / Куќата на камен”