Забава

Сакаме бол, но и лекови.

Мојот пријател и колега одлучи да приреди забава. Во чест на новото откритие – најмоќниот микроскоп со кој што може да се видат сите вируси и причинители на болестите. Забавата имаше симболично име „Крајот на сите болести“.

Проблемот беше што на забавата никој не ме позна. Иако беа присутни најпознатите личности од медицината денес, управителите на медицинската асоцијација, луѓе со голема политичка и економска моќ.

Го прашав мојот колега како е тоа можно? Измислив машина која ги убива вирусите на сите болести вклучително и ракот. Пронајдов 4000 различни фреквенции кои уништуваат бактерии од секаков тип. А тој ми одговори: „Луѓето се такви. Тие често прават компромис во животот. Се лажат себе. Гледаат само тоа што сакаат да видат. Парите се единствениот бог на кој тие се поклонуваат“.

„Најважно е да им понудиме нешто што ќе запаметат, да го одбележиме крајот на сите болести, нели?“. И навистина беше во право. Животот не се состои од грижи. Тој е уметност. Доколку му се заканува опасност, било однадвор или одвнатре, тој повторно ќе ја врати својата внатрешна рамнотежа. Едноставно, таков беше животот. Секогаш ќе најде начин како да опстане.

  • Каде е домаќинот?
  • Го нема.
  • Тогаш да продолжиме со забавата.

Вирусот на злото не можев да го уништам. Тој бдееше во луѓето. Во нивните глави, во нивните срца, во средината, насекаде. Што беше најстрашно, тој бдееше во мене. Јас го измислив лекот за сите болести, или можеби лекот ме измисли мене?

Неговата фреквенција осцилираше надвор од моите способности. Сепак, за да се скрши една чаша вино потребен беше звук со највисоки децибели. Не бев доволно зол да ја пронајдам вибрирачката сила која ќе ја уништи најголемата болест.

hiv-1903371_1280

Ги гледав како танцуваа валцер. Валцерот беше отпор против времето и неговиот причинско-последичен тек. Прегратки во круг кои се движат спротивно на стрелките од часовникот, враќајќи се така кон почетокот, барајќи го изворот на силата и вечната младост.

  • Вашиот живот сакате да го исполните со лекови. Зошто сакате бол и страдање господа?
  • Сакаме бол, но и лекови. Од двете нешта ќе профитираме.
  • Но јас ви нудам решение. Крај на сите болести без лекови.

Го изгорев својот пронајдок и пепелта ја ставив во нивниот пијалок. Им ставив крај на нивните проблеми еднаш засекогаш.

  • Што е? Сега не ви е интересно? Сакавте да пиете? Сакавте да се спасите од смртта, нели?
  • Зошто го уништи пронајдокот?
  • Не го уништив. Тој стана невидлив како и човекот што не го гледате. Пепелта како и вашите тела станува дел од земјата. Земјата одново ќе роди. Ново дрво со нови плодови.

Сите што пиеја добија рак. Тогаш, сите го забележаа докторот кој стоеше на крајот на редот. Тие добија втора шанса.
Четириесет и четири реномирани доктори во 1931 година во Пасадена, САД,  присуствуваат на забава во чест на докторот кој го открил дотогаш најмоќниот микроскоп. Подоцна, секој од нив ќе признае дека воопшто не го познава.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Огнен Коцевски
Извинете, кого барате / Карантин / Куќата на камен
Заради еден микроорганизам прогласивме пандемија, воведовме полициски час, карантин. Светска економска криза....
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *