Од орнаментализам до супрематизам: апстрахирање

Умот и уметникот првично произволно се изразуваат со слики и фигури, но потоа, кога се обидуваат да ја подражавaат/имитираат стварноста и нејзиното разнолико богатство, имаат потреба да најдат правила во целата таа разноликост и хаотичност и наместо просто подражавање се обидуваат да ни прикаже промислена стварност или да најдат ред во стварноста и природата.

Од орнаментализам до супрематизам: апстрахирање

 

Во уметноста средбата со супрематизмот во сликарството за мене беше  настан, супрематизмот се уште го доживувам како граница, крајна граница до каде може да се оди со апстрахирање и нешто како линијатa која го одвојува релјефот од хоризонтот.  До супрематизмот како екстремна  апстрактна уметност или уметноста во своето врвно апстрахирање се доаѓа или тој е резултат на процес на уметничко и човечко развивање/зреење. Супрематизмот како појава позната во сликарството на почетокот на 20. век –  може да означува и временски развој на уметноста од почетоците до тогаш – до супрематизмот како врв.  Таквиот  развој на уметноста  во времето донекаде кореспондира и со развојот на (уметноста во) човекот од детството па до „некаква фаза на зрелоста“. На пример едно дете своето уметничко изразување го почнува орнаментално и му треба време од орнаменталноста да премине до повисоките степени на уметничко развивање и изразување. Ако  правиме паралели помеѓу детските слики и орнаментализмот  тогаш развојот и зреењето на детето од орнаментално до повисоки и поапстрактни начини на изразување кореспондира со патот на уметноста од орнаменталност до супрематизам и постсупрематизам затоа што иако супрематизмот е некој врв сепак не е вредносно највисоко уметничко изразување и ги има слабостите што произлегуваат од такво апстрахирање(како што е штуроста). Сепак таквите паралели се полни со исклучоци, не секогаш орнаментализмот кореспондира со раните фази на развојот на уметноста, и воопшто, фактот што орнаментализмот и денес е застапен значително на блискиот исток и што кај многу возрасни луѓе е присутен тој орнаментален елемент како доминантен  само кажува дека не секогаш по правило има праволиниски развој а и секако користењето на орнаментот не секогаш значи инфериорност. (Супрематизмот исто не  го достигнуваат сите и не само во уметноста. Ако слободно  го парафразираме Кант, супрематизмот во еден значаен дел е сведување на разноликоста на светот на шематизмот на умот.)

Супрематистичката слика  гледано од страна и лаички изгледа како произволен производ (на пример, супрематистичкиот круг), но тоа е резултат на зреење. Како и супрематизмот и орнаментализмот често се користи  со геометриски фигури но во орнаментализмот како и кај детскиот цртеж е вклучена само раката и се ужива во орнаментирањето додека умот е вклучен речиси само планерски/распоред/мозаик (ако исклучиме некој претходен природен елементарен развој), органското  речиси и да не учествува(освен вегетативно чисто)  во креирањето на орнаменталното,(секако и во овој случај ако исклучиме некое вродено емоционално богатство или некој дотогашен внатрешен пат). Геометриските фигури се сами по себе нешто совршено и чисто (и вегетативно) како и детскиот свет  но од орнаменталните геометриски фигури до супрематистичките фигури има долг пат на зреење, промислување и апстрахирање.

Умот и уметникот првично произволно се изразуваат со слики и фигури, но потоа, кога се обидуваат да ја подражавaат/имитираат стварноста и нејзиното разнолико  богатство, имаат потреба да најдат правила во целата таа разноликост и хаотичност и наместо просто подражавање се обидуваат да ни прикаже промислена стварност или да најдат ред во стварноста и природата. Овој процес кој е навидум само надворешен е пред се  внатрешен, човекот апстрахира како од надворешната стварност така и од себе и во себе. Како што се обидува да ја промисли стварноста исто така се промислува себеси, колку повеке се промислува себеси и светот тој се образува и се повеќе се просветлува, секоја мисла е зрак светлина која го осветлува својот предмет на промислување. Со осмислувањето на својот дотогашен живот или на својата природа, и на својата психофизичка и органска природа фактички се продуховува човекот и неговиот организам или се внесува светлина во плотта. Така постепено  во крајна линија се доаѓа до продуховување на секоја клетка, еден вид атомизација на организмот (а тоа е според мене дефиниција за среќа) и себереализација.

Но, прво од разноликоста на светот и од сопствената разноликост и комплексност,  процесот на апстрахирање доведен до крајност ја сведува ова разноликост на нешто нај просто – кое прикажано со слика може да биде на пример со примери од супрематизмот т.е квадрат (црн или бел?) или круг итн. (Човекот до истиот резултат на апстрахирање може да стигне и навидум без промислување – само со повлекување и рефлектирање во себе – Јас – , јас и како се или ништо/празно т.е во супрематизмот како бел/црн квадрат, но тука за нас  е битен процесот). Човекот може и апстрахира од се што наоѓа во себе како зададено, се повлекува од сета своја комплексност и искоренува се што се издигнува и постои како независно, така целата разноликост и комплексност ја претвора во површина  под која додуша се наоѓаат многу гребени, непромислени разноликости, неистражени длабочини, неосветлени или засенчени предели, (болни) остатоци од минатото покриени од заборавот, формативни влијанија исто заборавени иако овој човек е во голема мера нивни резултат. Цел овој процес на осветлување е бавен и природен а може да се случува и преку реминисценции од минатото и од детството, закопани спомени кои сами испливуваат итн. Крајната цел е до секоја точка да допре мислата, мислата е светлина и сама по себе ги осветлува и ги ожитворува или ги излекува ако станува збор за болни остатоци од минатото, кај што ќе допре умот исчезнува царството на сенките. Но затоа што овој процес е бавен а човекот е желен за ред или сака да се измолкне од (својот) хаос, процесот на повлекување и апстрахирање од целиот хаос или од разноликоста и комплексноста кои ги наоѓа во себе и окулу себе,  тој само се повлекува и апстрахира и прави површина од хаосот – на пример главната мисија на уметноста е сите длабочини да ги претвори во површина. Таа површина е совршен ред и човекот постепено ја дотерува со натамошниот процес на просветлување, кој е во служба на усовршување на подигнатата апстрактна површина и прави од неа и од себе идеална фигура, на пример прави или го наоѓа во себе супрематистичкиот круг. Најдете го супрематистичкиот круг во себе и ја најдовте сопствената совршеност, оти би биле болно осетливи до колку кругот не би бил совршен, а на ова ниво на издигнатост кога сме свесни за таквата идеална фигура, стануваме  свесни и за недостатоците на заокруженоста, наборите и тн. и го дотеруваме кругот и се усовршуваме себеси преку процесот на просветлување – од ова произлегува дека сите луѓе се потенцијално совршени. Ова совршеност опива но сепак крие  немир затоа што под себе крие цела несредена стварност, оваа површина е повеќе резултат на издигнување преку апстрахирање и повлекување, таа не е резултат на целосно просветлување, туку само делумно во служба на усовршување на идеалната фигура. Целосното простветлување би се случувало со пополнувањето на астрактната површина. Ова површина наликува на стаклен мост врз опасна клисура или на музика која со брзината на нотите сугерира на површина и блескавост ама која  како да се плаши да подзастане и  погледне под себе во длабочините и повеќе сака да избега од светот во кој се наоѓа отколку да ги истражи длабочините или сметот/тињата/талогот во нас или во општествеството. Сепак тој немир и таа опиеност од сопствената совршеност само ке го продолжи процесот на просветлување и ќе ја пополни празнината на апстракцијата. Тој процес мора да продолжи и затоа што таквата целосна апстрактност представена од супрематизмот е оскудна и штура, таа не може да задоволи, тоа се и слабостите на супрематизмот.  Супрематизмот мора да послужи како некој вид платформа а не како крајна цел.

Од уметничка гледна точка супрематизмот го има и тоа големо значење оти укажува дека уметничкото дело мора да биде рефлектирано и објективизирано и дека колку повеќе  рефлектирано и објективизирано е, толку повеќе  има уметничка вредност оти повеќе содржи суштественост – рефлектираноста укажува на суштината – заедничко со религиозноста, која е повисок степен на духовност и единство.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Од орнаментализам до супрематизам: апстрахирање”