Невозвратената љубов, болеста и фантастиката во македонските самовилски народни песни и “La Belle Dame sans Merci” од Џон Китс

Вовед

Овој труд ги анализира мотивите на невозвратената љубов, мистериозната болест и натприродната женска фигура во македонските самовилски народни песни и во баладата “La Belle Dame sans Merci“. Во двата поетски корпуса љубовта кон суштество од друг свет не води кон исполнување, туку кон постепена физичка и духовна деградација.

Самовилската болест во фолклорот се манифестира како слабеење, бледило и изолација, додека витезот кај Китс покажува слични симптоми по средбата со мистериозната дама. Сепак, овие болести претставуваат структурно сродни модели за разбирање на разорната моќ   на надостижната (или невозвратената) љубов.

Дополнително, се разгледува биографскиот контекст на туберкулозата во животот на Китс, особено смртта на неговиот брат, како фактор што ја засилува врската меѓу љубовта, болеста и смртта. Заклучокот покажува дека фантастичните женски фигури функционираат како симболи на другоста и трансцендентното. Болеста се јавува како метафора за неможноста да се премине границата меѓу човечкиот и натприродниот свет.

Анализа на баладата

Романтичарската песна “La Belle Dame sans Merci” е авторска балада која говори за смртоносната љубов помеѓу витезот и мистериозната жена. Дамата е опишана како егзотична жена од нејасна природа, со постојани алузии на нејзината сличност со самовилите.

На почетокот херојот е претставен како тажен рицар кој патува низ шумата и лирскиот субјект низ реторички прашања се обидува да ја открие причината зад неговата јад и бледило. Просторот на темната шума ја активира традицијата на средновековниот хронотоп. Во него, граничните простори функционираат како места на допир меѓу човечкиот и натприродниот свет.

Неговата меланхоличност е истовремено надворешна (болест) и внатрешна (тага, невозвратена љубов). Тажниот и блед витез не е само лик во движење. Тој е фигура на егзистенцијална исцрпеност. Неговата телесна состојба станува прв сигнал за внатрешна и духовна криза.

,,Ах, што те гнети рицару,

горд скитник, блед осаменик!

онемел шамакон езерски без птичји рик

… ,,Те влажи јад, те роси треска,

врз чело лилјан ти е блед.

Цветот врз лик што ти расцутил

Ќе ти го попари лед/”. (1-4, 9-12).

Описот на неговата физиономија кореспондира со природата: бледилото и црвенилото предизвикани од треската се огледуваат во расцветаната флора. Наративот продолжува со запознавањето на витезот со мистериозната жена (Дамата без милост), која тој ја еротизира и егзотизира како суштество од другиот свет.

,,Средполе сретнав жена,

Лична самовила беше:

очи и раѓаа пламења,

Косата ѝ се виореше.” (12-15).

Нејзината привлечност не создава блискост, туку опсесија што го оттурнува витезот од човечкиот поредок. Љубовниот однос се одвива во лиминалниот простор на пештерата: премин од реалност кон фатална илузија. Потоа следи негово физичко и духовно исцрпување. Витезот ,ја презема убавицата на својот коњ, каде денот му минал вчас. Самовилата го носи заљубениот и заслабениот витез во нејзината пештера, каде постепено му ја одзема енергијата низ сладострастие.  Таа го служи со ,,див мед и слатки корења”, шепотејќи му в уво :

,,Те сакам! – со сладострасност

на чуден јазик” (23-24).

Мистериозната самовила наликува на похотниот демон сукубус. Таа полека го уништува мажот низ љубовниот чин (кој парадоксално носи живот). Витезот легнува заедно со неа  и заспива така

„мака судна:

сонот свој заден го сонував

под ричка студна“. (50-51).

На последниот сон му се јавуваат бледи цареви и воини со капнати глави каде пеат во хор:

,,La Belle Dame Sans Merci

во синџири те стави”.

Биографски контекст и болеста како културна метафора

Разбирањето на симболиката бара и биографски увид. Китс со медицинско образование и лично искуство со туберкулозата, бил длабоко свесен за нејзините симптоми и исходи. Во романтичарската култура туберкулозата често била естетизирана како болест на чувствителните души, поврзана со страдање и духовна интензивност. (Lawlor, 2006 :76).

,,Поттикната од болното лично искуство на Китс со туберкулозата, „La Belle Dame sans Merci“ прикажува случајна средба меѓу безимен минувач и витез на умирање, покрај бреговите на едно осамено езеро.” Неговата нездрава бледост е истакната преку студеното, побледено чело („врз чело лилјан ти е блед“) и обезбоените образи („цветот врз лик што ти расцутил“), а го мачат изнемоштеност („изморен и пропаднат“), треска и ноќни потења („те влажи јад, те роси треска“), тоа се симптоми на туберкулоза. Флоралната симболика тука има двојна функција. Во прилог на ова оди тврдењето дека „цветната симболика била тесно поврзана со поезијата на туберкулозата, при што нејзината главна функција била да ја симболизира болната впечатливост на (раната) смрт ставена во контраст со убавината“ (Maiti , 2017: 48-49).

Како студент по медицина, Китс добро ги познавал предупредувачките знаци на туберкулозата. Откако го гледал неговиот брат како бавно умира од истата болест, мислата дека ќе го следи истиот пат силно го оптоварувала. (Ibid: 49).

Симптомите на туберкулозата се присутни и во витешкиот сон. Витезот ги опишува жртвите како луѓе со „усни мртовечки“ (44) и ,,високи глави“ (45) додека го изрекувале своето предупредување од жената. Бидејќи овие големи луѓе (кралеви, принцеви) не пропаѓаат сè додека не се сретнат со самата  La Belle Dame, таа добива конотација на заразна болест. Таа е убава само затоа што, како што објаснил Китс, страдањето на ситуацијата ја засилува нејзината убавина во нејзината улога на Муза. Исцрпените фигури на претходните жртви нудат и прилично пластичен приказ на жртва на туберкулоза во физичка смисла. Тоа се кралеви, принцеви, воини: големи луѓе кои заминале пред своето време. Не само тоа, туку и самиот витез е блед и трескавичен, што е универзален знак на болест. Стихот за „бледите усни“ добива ново значење како слика на болниот од туберкулоза кој пропаѓа и од самата болест, но и од тогашните медицински мерки како што се пуштањето крв.

“La Belle Dame” е истовремено и љубовта која витезот/Китс ја сакал, а се плашел да ја загуби, и смртта од која се плашел, а во очај мистички ја обожавал. Туберкулозата ,,претставена во форма на смртта, и Фени Броун, како бледа алузија, го презедоа ликот и обликот на ‘La Belle Dame sans Merci’. На овој начин ликот ја  симболизира љубовта и смртта, како и поезијата која го преобразува животот и смртта во мистерија на убавина без милост.“ (Параграф 8).

Песната настанува во периодот на љубовта со Фани Броун: време обележано со болест и економска несигурност. Сепак иако таа исто го сакала, љубовта била неостварлива поради болеста и лошата економска состојба на авторот. Мејти вели (2017) дека Китс потпирајќи се на личните искуства и сопствената имагинација, одекот на неговите проблеми го преточува во неговите дела. ,,Оваа песна (La Belle Dame sans Merci) како и ред други, биле напишани само еден месец или нешто повеќе откако и самиот ги покажал првите симптоми на болеста. (51-52).

Низ смртоносната претстава на Дамата Китс алудира на источноевропските фолклорни верувања, во кои туберкулозата често се поврзувала со вампиризмот.” (Putzer 3-4).  Иако песната La Belle Dame е повеќеслоен симбол, мора да се истакне дека дамата не е само олицетворение на неговата Муза (Фани); таа не претставува страв од жените, туку ,,страв од сознанието за сопствената претстојна смрт. La Belle Dame sans Merci повеќе изразува фрустрација кон фигурата на Музата отколку кон жените воопшто” (Ibid: 49).

Митолошки и јужнословенски пандани

Во фолклорната традиција самовилите се извонредно убави, но опасни суштества поврзани со природата и граничните простори меѓу световите.Тие можат да заведат, да помогнат или да казнат, но нивната љубов ретко е безбедна за човекот. Во фолклорниот модел, љубовниот контакт со самовила резултира со т.н. „самовилска болест“: културно кодиран синдром на телесно слабеење и социјална изолација што означува нарушување на космичката рамнотежа. Компаративен модел се јавува во баладата на Китс, каде што витезот е прикажан како фигура на постепено умирање. Тој е осамен, блед и отсечен од природниот циклус, а пејзажот околу него ја одразува неговата внатрешна пустош. Жената што ја среќава е означена како самовилско суштество, што ја поврзува со самовилите од интернационални фолклорни системи.

Ваков мотив е длабоко вкоренет во народните (келтски и македонски) и книжевните традиции.  Во македонските самовилски народни песни, како и во баладата „La Belle Dame sans Merci“, љубовта не е спасоносна сила, туку опасна привлечност кон суштество што не припаѓа на човечкиот свет. Контактот со таквата жена резултира со мистериозна болест, постепено слабеење и губење на животната енергија. Ваквите архетипови покрај нивното присуство во македонската и англиската традиција, постојат и во келтскиот фолклор. Келтските самовили слично на македонските биле смртоносни жени кои ги заведувале смртните мажи, принудувајќи ги во краткотрајна врски, каде мажите постепено ја губеле нивната животна енергија и сила, умирајќи на крај. Иако самовилската болест и туберкулозата имаат различна природа, тие функционираат слично како културни кодови и наративи за невозможната љубов.

Аналогијата се воочува кај самовилата во јужнословенските верувања. Во прилог на оваа теза можеме да го наведеме тврдењето на етнологот Танас Вражиновски за врските помеѓу самовилите и смртните мажи: ,,Во македонските верувања, многу интересни се претставите за односите помеѓу луѓето и самовилите. Интересно се изложени половите односи на самовилите со смртни луѓе. Тие честопати за свои партнери избирале убави, здрави и силни мажи, најчесто планински овчари. Луѓето коишто биле во врска со самовилите, по својот изглед се бледи и болникави” (Вражиновски, 2015: 184).  Самовилите како натприродни и самостојни женски суштества, имале потполна контрола врз љубовниците кои ги избирале, поместувајќи ги динамиките од врската. Самовилата преку љубовниот чин ја манифестира својата активна и доминантна позиција. Покрај тоа, постоеле строги правила за смртните љубовници:

,,Избраникот на самовилата не смеел да влегува во љубовни врски со друга жена. И тука правилата биле многу строги и ригорозни – потполна верност и трајност… Многу е опасно ако некоја самовила ,влезе’ во некој маж. Таа нему му влегувала в срце и тој веќе не бил во состојба да одржува никакви односи со други жени. Карактеристично за овие луѓе е нивниот краток живот, обично живееле околу пет-шест години. По нивната смрт, заедно оделе во рајот, со таа разлика што луѓето им станувале слуги на самовилите.” (Ibid: 184-185).

“Ваквото убивање, смртта како последица, односно како казна поради односот, е мотив и во бајките за самовилите на Балканот, во кои мажот, по односот со самовила, полудува и набрзо потоа умира. На различни локации на Балканот се јавува верување дека ако маж води љубов со самовила (најчесто употребуваната фраза е дека самовилата влегува во мажот), тој оболува, се опседнува, полудува и повеќе не може да има односи со друга жена. Понекогаш тој дури и умира неколку години подоцна” . Мотивот го има во песната ,,Ангелина и морската самовила”, каде сестрата се обидува да го излекува својот брат, кој девет години бил опседнат од самовила. Но, бидејќи не се насмевнала пред самовилата, туку од страв се расплакала, разбеснетата самовила го убила братот.  (Фрчкоска, 2022:144).

За слични песни каде самовилата го заведува смртникот, ја посочуваме следната песна. Имено, Јана се шета низ шумата берејќи билки за да го исцели братот од љубовната опседнатост и болест. На тоа самовилата Ѓурѓа одговара дека трудот ѝ е залуден: ,

,ти ќе видиш тамо дрво јаворово,

за дрвото врзан брат ти за косата,

тамо си го љубам неговото лице.

Не надеј се, Јано, при тебе да дојде. (Пенушлиски, 2004: 123-124)

Аналогна претстава на самовилата која го заведува и оддалечува мажот го има во народната песна ,,Јанко, мајка му и самовила”. Иако самовилата е отсутна, главен фокус е нејзината улога врз мажите да ги одведува мажите во туѓина, криејќи ја нивната врска како тајна. На прашањата на мајката зошто синот излегува секоја ноќ без да каже, тој говори:

,,oдам, мамо, у пустиња

Тамо љубам посестрима,

Посестрима, Самовила.

Она ме је зак’нала

да не кажам, каде одам!“

Се верува дека самовилите им се одмаздувале на луѓето преку болести кои им испраќале. Како пример за причинител на болестите, антропологот Душица Брациќ (2024) наведува дека постојат чести претстави за болести како невидлива сила определена со женски род (како женскиот дух на чумата, или самовилите). Оттука, во продолжение наведува дека стравот од болестите е претставата за ,,Другиот” (149).

За ваквите болести се сметало дека причинители биле апстрактни ентитети, пр. „од ветер“, ,,зли очи”, или пак од „нагазување“ и „налепување“ на самовилски места (каде според првото се верува дека поединецот директно згазнал на самовилски круг, па следува состојба на болест и брза смрт, без можност за лекување…(147).

Самовилите во македонските народни верувања најчесто се претставени како натприродни суштества со амбивалентна, но претежно непријателска наклонетост кон луѓето. Нивниот однос кон смртните мажи често се манифестира преку казна, особено во контекст на нарушени љубовни односи и невозвратена љубов. Како што забележува Нина Анастасова-Шкрињариќ, „самовилите знаат да бидат осветољубиви и завидливи на особините со кои некои луѓе се изедначуваат со нив според ум, телесна убавина и убавината на гласот“ (2002: 522). Истата авторка воспоставува и поширока митолошка рамка, посочувајќи паралели меѓу самовилите и женските божества во индоевропските религии: страшни и сурови божества како Афродита, Артемида, Астарта, Иштар…(Ibid: 523).

Ваквата семантика на суровост и немилосрдност може дополнително да се поврзе со насловот на баладата La Belle Dame sans Merci од Џон Китс. Француската синтагма sans merci („без милост“) не е само стилска романтичарска позајмица, туку семантички маркер што ја кодира фаталната природа на женскиот лик. На тој начин, именувањето на Китсовата дама функционира како лексичка кристализација на истата онаа митолошко-фолклорна матрица во која самовилите се појавуваат како прекрасни и сурови женски ентитети чие присуство носи љубовна опсесија, казна и егзистенцијална пропаст

Заклучок

Како што беше покажано, девојката од песната на Китс претставува симболична фузија на невозможната љубов на Фани Броун и смртоносната туберкулоза која го окончува неговиот краток живот.

На крајот, и фолклорните песни за словенските самовили и баладата на Китс ја прикажуваат натприродната жена како фигура што ја отелотворува другоста, желбата и опасноста од трансцендентното. Покрај натприродната ,,самовилска” претстава на двата лика, може да се воспостави и паралела во нивната свирепа природа и наклоност да казнуваат.

Еротичната привлечност се трансформира во демон на љубовта кој плени со својата похота, и ги става мажите во субмисивна улога. Средбата со оваа Дама доведува кон нурнување на мажот во ефемерна егзистенција на еротска опиеност. Витезот низ процесот на љубење физички и психички страда: тој се разболува, ослабнува, полудува, и на крај умира. Љубовта кон ваквиот женски архетип не води кон исполнување, туку кон постепено исчезнување, што ја претвора страста во судбина од која нема враќање.

 

Користена литература:

Balakrishnan, P. (1991). Tuberculosis and La Belle Dame Sans Merci: John Keats. Triveni Journal. https://www.wisdomlib.org/history/compilation/triveni-journal/d/doc71805.htm.

Lawlor, C. (2006). Consumption and literature: The making of the romantic disease. London: Palgrave Macmillan.

Maiti, A. (2017). “The Sov’reign Shrine of Veiled Melancholy: The Shadow of Consumption on ‘La Belle Dame Sans Merci’”. Quest Journals – Journal of Research in Humanities and Social Science, 5(8), 45–57.

Putzer Hung, J. (2017, January 31). “Where no birds sing: Tuberculosis in Keats’ ‘La Belle Dame Sans Merci’”. Hektoen International. https://hekint.org/2017/01/31/where-no-birds-sing-tuberculosis-in-keats-la-belle-dame-sans-merci/.

Анастасова-Шрињариќ, Н. 2002. Македонската митолошка народна поезија (политеистички тенденции). докторска дисертација. Скопје: Универзитет   „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Брациќ, Д. (2024). ,, Стравот од болести во Македонија во периодот на XIX и средина на XX век“. МЕЕТ 2023. Откривање или креирање на вистината: синоними или антоними? Зборник на трудови од научната студентска конференција МЕЕТ 2021, одржана на 12 октомври 2023 година во Скопје. Марковски, Ф. (уредник). Скопје: Филозофски факултет, УКИМ, стр. 141-.155

Вражиновски, Т. 2015.Македонската народна религија. Скопје: Силонс.

Гилевски, П. Силјан, Р. 2004. Прилози за наставата по литература: Романтизам. Скопје: Матица.

Пенушлиски, К. 2004. Македонски народни балади. Скопје. Матица.

Фрчкоска, Л. 2022. ,,Од Лилит до Вили”. „Меморија и екокосмос“. Македонски Фолклор, LIV, 83. Скопје: Институт за фолклор ,,Марко Цепенков”. УДК 2-264:159.964.2.

https://doi.org/10.55302/MF2383133f.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Борис Симоновски
Пролетен реквием
Пролетен реквием Мирисите на липи и цутови Танцуваат до нашите ноздри И...
Повеќе
0 replies on “Невозвратената љубов, болеста и фантастиката во македонските самовилски народни песни и “La Belle Dame sans Merci” од Џон Китс”