Одочесници
Во таа судбоносна година
сретнав јас отшелник
прегрнат од својата пустинска родина
пронижен со моленија беше секи негов делник,
А телото пак со пепел-црна схима го китеше
под сончниот здрач што секое утро образот ќе му го усвитеше.
Во тоа судбоносно лето
го призвав да прословеше со мене едно слово
додека песокта се ширеше низ сето,
но тој не ми даде одвет на зовот,
Но вчас почна да трепети, како вештението да ми го сетил
како да ги предвидел – словата клети:
„Во тој судбоносен ден,
Цариград и протоктистите се сложија,
исохристите ги земаа за свој плен
твојата душа од таинственото Тело ја разложија”
Падна наземи, заплака, ништо не го хранеше во пустината дива
сем рајскопеколната Светлост која врз душата Оригенова се облива…
Парменидова не-инкарнација
На А.Т.
Не сум се родил,
ниту некој ден ќе замреам
оти во оваа кугла-свет ништо нема да се згоди
— од памтивека сум ист и сам
Ниту спијам
ниту можам да бдеам
ниту вино в чашка не леам
ниту смогнувам да го пијам.
Ниту сон не знам да сонувам
ниту од сон најаве станувам
за н’едно собитие не доцнам
ниту за некое пак ранувам.
Оти сѐ е подвоеност
ни едно јас не сум!
Ниту можам да помислам на нешто што ќе биде
дури и она што е да не ми се свиде
ниту можам да си претставам нешто да го снема
оти мислата небитието не умее да го зема.
Но усештанието ја засенува битијната чистина
ја оспорува непоколебливата вистина:
Гледам река во ток
на токот му припишувам рок
но смрзнати се нејзините води
и ни една капка никамо не оди.
Сем ни јас во таа река не стапнувам дваж
а не сал помалку, ами ни еднаш
глув сум а жубор слушам, слеп гледам додека мижам
— ко Хераклит се движам.
Шелинг
Берлинска уличка надесно се свива
пред мојава душа крива
запрегната со слоевитоста на мненија дива.
Ноздрите мои ги обвива темјан каден
простран кроце низ вечерниот ветар ладен
пред мојов избрчкан образ, таговен и гаден.
И по миризливоста замаена душава ми броди
на уличкава која вон градот оди,
која со дално црквиче ме згоди.
При езеро темно суградено,
кон небосводот гордо вдадено,
а околу него опкрш песочно плошје заладено.
И одвнатре гледам врз олтарот слика бледна
да ја растрепети ставава моја бедна —
и образов во трогнат поклон да го веднам.
Богомајката како Синот Свој со солзи Го помазува,
како сал скрбно Го држи во Својата пазува
— о, тој взор што Небо и Земја поразува.
Та да повела Один на боговите во секој небесен кат
да запрат сред својот круговртечки пат
и сите во восторг пред Неа да оддивнат.
Додека капе од Него опкрш крвта смешана со водата
каде што се поистовети нужноста со слободата
и се помири дух со плот, таму — во Раните на Апсолутот.
Заемно проникнување
Сети се, кога писанија на мудреци в пазуви скривавме
и чувствувавме дека вечноста преодноста ја целиваше,
кога душата моја сета во твојата пливаше
и ридања радосни на образот на Севишниот изливавме.
Кога се вознесе духот мој во круговртот на сферите небесни
во микрокосмосот на очите твои што сонцето ги ареса,
што Логосот ги окружи со сто и една црна реса,
кога од присутноста твоја ми одекнуваа в умов безброј песни.
Сети се, сега сал те опсипувам со солзи во моите моленија
сал те губам меѓу нотите, во нивната сплетена леса
сал ја закопувам твојата појавност во стихувани словеса
сал под светлоста на твојата сима чинам ноќ за ноќ бденија.
Сал се одвива пред тебе клопчето на битиево мое до бескрајно раздолжување
сал се отсекува врвцата папочна, се вдава бол до горко раскајување
сал ме пленат твоите изреки овековечени во нивното одѕвонување
сал стихиски се разбранувам од копнеж за заемно проникнување…
