Беше доба злодоба.
Провеви беа, корона ера.
Се вакцинирав со кинеска вакцина зашто дружината овде беше убедена во кинеската супериорност.
Мантрашевски, другар ми, поради тоа, како срце антиваксерско, очекуваше да ме стрефи удар.
Ми се јави еден далечен дедо со безбедносно минато. Ме перцепираше како националистички радикал, бидејќи на некоја семејна теревенка заговарав прогласување на воена состојба, и тој школски ме погледна и рече: ‘тоа што заговараш е чист милитаризам.’
Во меѓувреме доживеав разни еволуции и деволуции, зависи кој како гледа.
Во неговиот цитроен ми рече: сакам да те поврзам со еден човек со про-руски ставови. Како тоа да е препорака.
Во неговата тетратка, поради мојата наклонетост кон руската литература, од ракав ме прогласуваше за некаков пан-славист.
„Достоевски не бил за Путин. Особено Гогољ”, му одговарав и се смеев.
Но на сè му давав преголемо симболично значење.
Тие денови Мантрашевски ги врвеше вртејќи се околу разни иницијативи. Од нигде никаде ме обвини на Instagram дека во 2017 сум се залагал за промена на името. Рака на срце, на денот на Нивице спиев цел ден и кога се разбудив и видов дека се менува името, бев во блажен шок. Мантрашевски беше прописно шатиран и демантиран, но тој упорно продолжи: брат, да не вадам што ти се зборуваше за Грујеб, а што за Зајеб.
Подголтнав. ОК, не вади. Тогашната опозиција, таа 2021, беше лоша власт и сите разумни бегаа накај ќе стигнат. Точно е, си помислив, бев кивен на авторитарниот режим.
Бев поканет на средби со тогашниот лидер Заев кој мртов-ладен вадеше големи бели листови хартија и запишуваше. Го прашав: што запишуваш, човеку? Авто-биографија?
Ми одговори срцепарателно: „другарче, како да ќарам 500 000 гласа.”
Навистина имав средби тој период со многу политичари. За кои треба да напишам томови.
И од почеток не умеев да преговарам, нешто што школото требаше да ме научи. Наместо тоа, говорев нешто небитно. Сеедно.
Човекот не можеше да ме запознае, но „невладините Македонци околу Прчко” го насочија да ми даде препорака да се вработам во Музејот на македонската борба. Или музејот на ВМРО, повторно ме следеа тажни фиксации.
„Не одбирам ништо што содржи зборот ВМРО, бидејќи тоа име е како да земеш име од надгробна плоча. Свето е, но неупотребливо.”
Тој упорно побуната против тогашната портокалова влада ја мешаше со желба за промена на името.
Седевме со дедото на булеварот кај коцката во Битола, покрај Драгор, возејќи до Сали мост и назад, и правеше да се сретнам со господинот Филип Паљачовски – Паљачо.
Си пуштивме рака кај новиот трговски центар горе кај грчкиот супермаркет Веро.
„Дали си за Фукујама или Хантингтон?” му беше првата трик-реченица на овој весел арлекин.
Размислив и му реков: „за Жижек”.
„Ахх”, рече Паљачо, „вие неолибералите сте заебани.”
„Не сум неолиберал, се дружам со комунисти”, одговорив.
„Познат си по тоа дека различно кажуваш.” Помислив дека претерано бегам од уточишта и политички етикети.
„Знаеш”, продолжи, „спремам политичка пресметка.”
Подоцна, кога ги склопував коцките, помислив дека оној Мантрашевски, невладиниот волонтер, всушност бил службашки гласник. Затоа ме обвини дека го сменав името.
Се обидов рационално да му објаснам дека сум невработен и скоро социјален случај — од каде влијание за таа работа?
Но ете, сега сум tet-a-tet со враќачот на името. Тој беше затекнат и изненаден од мојата анти-капиталистичка реторика и ме позиционираше за анационален.
„Ќе формирам движење.”
„Како ќе се вика?” наивно прашав.
„Не знам, имаме млака левица, но може ни фали цврста десница.”
Леванка, десанка…
„Извини”, му одговорив, „јас сум левица, но националистичка.”
Тоа не може, вресна.
„Пиши ме како анти-елита”, рече.
„Ти, откако ги всели во гломазни станови како градежник, сега ќе ги рушиш?”
Не знам колку веродостојно го пренесувам дијалогот. Дедо ми стоеше на крајот од масата и немо зјапаше во далечина.
Паљачо којзнае како, би го реконструирал дијалогот.
Не го препознавав како идеолог.
Рече: Ударно ќе бидеме 10 души од разни градови и на него ќе му поднесуваме рапорт.
„Каде е хоризонтала?” — полутивко прашав, но веќе почувствував дека употребуваме различен политички жаргон за нешто што тој помпезно го најави како Naaaazy.
Станав и ја напуштив масата.
Скоро не можам да се досетам на детали. Не можам и да сакам да го компромитирам човекот.
Тој си е осуден.
Енде.
