Избор поезија од „Неред“ – Питер Мекеј

Никола Ѓелинчески е номиниран за наградата „Драги“ - 2026, за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година

Рајска градина

Секој јазик си создава Рајска градина

по свој лик: бојата на лисјата,

цврстината на стеблото, вкусот на грешното,

злото, забраната, страдањето.

 

Ева, калеша мома на шарена чешма

полни барде со студена вода:

лицето ѝ е симид грлото грутка шеќер,

бисерно ѓерданче ги кити белите гради;

 

Адам, речит аџамија, седнал во камен меана,

пие рујно вино, со китап од Рисјанска вера на маса,

се милува со лута змија и реди фалби:

„шалом“,„дедо Боже“,„игдрасил“.

 

Протекување

 

Сигурно протекувало со денови,

од разлабавените плочки од горниот стан

до таванот на нашата остава

пред тишината од дрвото и водата

да го пробие чепот та водата прокапила, а потоа потекла

 

водје без починка,

и си зела за право да помине

низ шајките и конзервите со боја и правосмукалките:

ситнуриите поклопени, подавени и повлечени од

растворен лак што се разлева

и остава отпечатоци по ѕидовите од иверица.

 

Но, ете, сега е Божиќ, и протекувањето

нема да се поправи со денови.

Дотогаш времето се мери

со кофи и дамки,

изложеноста на лепливата внатрешност

на ѕидовите од иверица, фајдето

што може да се извлече од природата,

и постојаното кап-кап

во и низ нашите животи.

 

Сега речиси како да не можеме да живееме

глуво и спокојно,

небаре сме само тоа што протекува од нас,

и не ѝ веруваме на беспрекорната прозрачност

од тоа што го кажуваме.

 

Голем северен нуркач

 

Велат дека копје-птицата пробивала

низ мразот од северните мориња –

со шилецот како казма што копа

долж замрзнатата тиркизна синевина –

во потрага по круглоперки и песочни јагулчиња,

со закржлавените крилја што ја туркаат

низ кристали од поларна светлина

што ѝ растела на крзноперјето

и што мразот ја поклопил врз нуркачот,

којшто нуркал и скршнувал

како атом во деклинација

или како ангел сред пад

додека кората станувала сè подебела.

Под мразот сè уште може да се чуе

штракањето на илјада клунови.

 

Некој ден ќе појдам на лов со трска,

јадица и динамит. Би сакал

да ја зграпчам рибоптицата,

да ги изложам нејзините коски ширум светот –

во Мет, во Келвингров –

да го продадам јајцето од нејзината утроба

за едночудо пари,

да ѝ ја наполнам кожата со песок:

да ја закотвам во сегато и во овдето,

да ѝ го скротам гргорот во грлото.

 

Линаан

 

Кога ќе чујам за твојата смрт, од втора или трета рака,

некое време по настанот, мислам дека ќе помислам

на денот кога тргнавме да го искачиме Линаан Врв

и решивме да се вратиме кај една надвисната, лишава карпа,

зашто ако продолжевме понатаму ветрот

беше таков што можеше да нè однесе,

 

и ќе се сетам како таа ноќ, сосема понесен,

нежно ти го окружив зглобот со ветроизложена рака

додека твоите облакопрошарени нокти во мојот грб го ископаа ветрот

од моите времеполни бели дробови. Сега, кога мислам

на сето тоа, замислувам дека ние двајца сме како две карпи –

ератици – што навевот ги споил на ридскиот врв.

 

Затоа, години подоцна, ги барам имињата на врвовите

во Конемара, пред споменот засекогаш да биде однесен.

Дали навистина се искачивме на Линаан? Или беше Шарена Карпа?

На кој ли рид ти ја пружи пегавата рака

во мојата? Со години ме учеа да мислам

дека телата се како пејзажи и сега умот си го проветрувам

 

а спомените за тебе се соединуваат со ишибаните од ветер,

кривулести и магливи падини на Голвеј Врв.

Сево ова е ептен погодено, не мислиш?

Небаре сето мое минато да е нанесено

во јазли полни вина од Вордсвортова рака.

Претпочитам спомените да ми бидат грамадна карпа,

 

да се сеќавам на повеќе детали како стоевме ко карпи

непоканети на пензионерска рокенрол вечер што ветрееше

па со време за тепање се втропачивме рака под рака

за последна пијачка во распаднатиот хотел во Солтхил, време да врви.

Кога игравме џајв дали здрвените колкови ни се занесоа

или дали ослободените раце и нозе се движеа побрзо од што мислевме?

 

До ден-денес не знам зошто престанав да обмислувам,

и го прекинав тоа што почнуваше меѓу нас пред ко карпа

да се сруши врз несигурните темели на нашето пријателство, и се однесов

далеку од тебе како што живата се оддалечува од магнет, како ветер

што се прекршува, се преобразува, преку сртот на врвот,

или како глина што му се лизга на невешт грнчар од рака,

 

и со кое право, кога помислувам како неизбежниот северен ветер

еден ден ќе ги сомеле тие карпи и ќе ги разнесе тие ридови и врвови,

сè уште копнеам по цврстиот стисок на коренот од твојата рака.

 

Бубри

 

што туку зјапострепиш така?

хах! јас сум птицобик

велеизгубен во Лох ан Дун –

седумнаесет од твоите витриноорли! –

кога ќе се подуплашам коњовлечам

кочијобреме во езерото

 

бедроизмери ми го вратов, ајде:

можам ограда да оптегнам на мене.

можам да го задржам здивот

многупотоа откако твојот ќе го снема.

можам да ти ги изедам младочамците,

видри среде џагорлива игра.

 

Букаецобукотам букотам

БУКОТНИЦИ БУКОТНИЦИ.

се извинувам.

се телосменувам.

бикоптица. коњоптица. водоптица.

 

гледај како трчам по врвовите од лохбрановите.

гледај каква сум полувода полуплот

остај ме да треволежам на лохбрежје

повеќе од полузаспана.

 

не плаши се од клунов,

триесет сантими прав па свиен.

клунот си е самоклун.

не плаши се од утробогруткава

што плива низ небото.

 

треволегната се телосменувам

не-тој не-таа не-тој

бикоптица меѓу добитокот

птицобик во варовникот

не плаши се од бавнотрепкачот.

[ Бубри (boobrie) – митско суштество од шкотскиот фолклор, најчесто опишувано како огромна водена птица или воден дух што ги населува езерата и мочуриштата; во некои преданија може да си го менува обликот. (Заб. на прев.)]

издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година

Тагови од објавата
0 replies on “Избор поезија од „Неред“ – Питер Мекеј”