ДА ЈА НАЈДЕМЕ ПОВТОРНО ЉУБОВТА – ЗБОРОТ МОЖЕ ДА ЈА ПОБЕДИ ТУПАНИЦАТА

Голем книжевен настан беше гостувањето на Елој Морено на БУКСТАР 2026. Кога би го претставиле низ призмата на филмската индустрија, тогаш доаѓањето на Морено во Скопје, на БУКСТАР, е како да дошол некој актер или режисер од А-продукција на филмови, како Леонардо ди Каприо или Пенелопе Круз, Кристофер Нолан или Педро Алмодовар, или, посебно за мене, врзано со мојата страст за спортот (покрај за книгата и особено за книгата за деца и млади), како во Македонија да сме го довеле Рафаел Надал. Во „Новото патување на Малиот принц“, токму Малиот принц вели:

„Возрасните речиси никогаш не се осмелуваат да го кажат тоа што навистина го мислат, повеќе сакаат да го кажат тоа што сметаат дека другите сакаат да го слушнат… особено ако другите се важни личности. Особено ако другите се поважни личности од нив.“ (2026: 18)

Во тој контекст, и моја дрскост е Елој Морено да го оквалификувам како писател од А-продукција (ако може така да се каже). Самиот тој, низ разговорот што го поведовме на настанот што се одржа на 28 септември 2026 година во „Лабораториум“, со почеток во 19 часот, ни се откри како автор кој се радува што неговите книги се толку популарни и кој, ете, според темите и начинот на кој ги развива своите приказни, чувствува дека некако повеќе ѝ припаѓа на светската отколку само на шпанската книжевност.

За кратко време дури четири негови книги ги имаме на македонски, благодарение на исклучителниот книжевен осет за добра, популарна книга што го има Жарко Кујунџиски, секако, и неговиот тим и преведувачката Виолета Јагев. Сепак, овој мој осврт акцентот го става на „Невидлив“ (2018, македонското издание е од 2022) и „Мрежи“ (2024, македонското издание е од почетокот на 2026) и особено на „Новото патување на Малиот принц“, за кои и зборувавме на таа наша средба. Моќта на „невидливоста“ како метафора за психолошкиот одбранбен механизам на момчето кое е жртва на брутален булинг во училиштето е во основата на романот „Невидлив“, додека романот „Мрежи“ ги отвора прашањата за зависноста од интернет-платформите. И некако се поставува прашањето: Дали отсекогаш имало врсничко насилство? Дали ова денешново е сепак поразлично од она дамнешното? Зошто имам чувство дека сега е пострашно, посилно, штом станува популарна тема во книжевноста? Затоа, меѓу младите сега не е хит да се читаат „Сликата на Доријан Греј“ или „Смртта во Венеција“, туку „Невидлив“ и „Мрежи“!

Иако ова се романи со приказни од нашето секојдневие, современи се и се случуваат и во нашето опкружување, имам впечаток дека Елој Морено постојано си поигрува со самата сказна, црпи од неа искуства, ги користи и ги преобликува/преоблекува тие искуства.

Приказната во „Невидлив“ не е раскажана само низ очите на жртвата. Гледната точка вешто се менува помеѓу прво лице (гласот на момчето) и трето лице, прикажувајќи ги размислувањата на насилникот, родителите, пријателите и наставниците. Романот започнува од последиците: едно момче се буди во болнички кревет, со повреди и без јасно сеќавање како завршило таму. И додека закрепнува, тоа му објаснува на докторот дека ја поседува моќта да биде невидлив. Всушност, тоа верува дека оваа супермоќ ја развило со цел да се заштити од оние што сакаат да му наштетат. А таква супермоќ имаат само големите херои како Бетмен или Супермен, или како оној Ле Жба од „Тино од мојот влез“ на Жарко Кујунџиски.

Од друга страна, Елој Морено намерно речиси и да не користи лични имиња за главните протагонисти. И со тоа слободно може да се заклучи дека приказната добива универзален карактер. Така, таа може да биде приказна за кое било дете, во кое било училиште во светот. Неговите ликови како да имаат двојни имиња. Најголем дел од нив имаат лични имиња. Но, освен личното, како Кира, Заро или низ иницијалите ММ…, тие имаат и семантички полно име како: девојката со стотини белезици, лицето со лузната на веѓата или момчето со девет и пол прсти. Во тој контекст, како да се надоврзува на особеноста и на народната (запишаната) и на авторската (напишаната) сказна, во кои семантички полните имиња функционираат и како лично име, но и како минипортрет, како што се Црвенкапа или Пепелашка на Перо и браќата Грим, или Девојчето со кибритчињата и Принцезата зрно грашок на Андерсен, па и Малиот принц на де Сент-Егзипери. Единствено Невидлив останува невидлив до крајот на романот или станува момчето што некогаш беше невидливо веќе во романот „Мрежи“.

И во сите тие реални ликови се појавува и змејот. И тој змеј, истетовиран на грбот на наставничката по книжевност, не е поразличен од змејот во народните сказни, во волшебните приказни. Така, приказната „Невидлив“ е и приказна за Луна и змејот. А со самото тоа што токму на наставничката по книжевност ѝ се дава улогата на лик-помошник или лик кој ќе го избави Невидлив, „Невидлив“ прераснува и во роман за самата наставничка по книжевност. Зашто Морено едноставно верува дека зборот може да ја победи тупаницата. Така, и во „Новото патување на Малиот принц“ старицата од планетата на мудроста му одговара на Малиот принц дека и покрај тоа што информациите ги има насекаде, сепак, вистинските одговори може да се најдат само во книгите или, како што вели таа: „Таму каде што е запишано сѐ што се случило некогаш.“ (2026: 65) И така го упатува кон планетата на книгите. „Новото патување на Малиот принц“ од Елој Морено, напишана како продолжение на „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, акцент става и на верувањето дека приказната може да го совлада насилството, насилството во сите облици.

Во романот „Мрежи“ ја имаме Бети, која преку фиктивната социјална мрежа Митин (Meeteen) се заљубува во момче по име Алекс, кој „не е човек, но е реален“ (2026: 223). Таму Бети станува Битбит. И покрај тоа што таа е една од ретките што ќе успеат да направат „некој што е роден од вештачката интелегенција да се вљуби“ (2026: 223) во неа, таа: „Не може да прифати дека чувствувала толкава болка, толкава љубов, толкава надеж, толкава анксиозност, толку среќа, толку страв… за некој што не постои.“ (2026: 221). Оваа врска ги отсликува мрачните аспекти на модерното живеење, како што се дигиталниот притисок, кој е прикажан преку барањата за испраќање интимни фотографии (sexting), потоа психолошката манипулација, која се манифестира преку изложеноста на дигитално демнење, уцени и т.н. геслајтинг (gaslighting), како и зависноста од екраните. Иако Бети е во центарот, книгата ги следи судбините на неколку тинејџери кои се заробени во истата „пајакова мрежа“, како: девојката што рекламира брендови или девојката со виолетова коса, но и момчето што гледа порновидеа на мобилниот телефон (тој, оној истиот Заро или момчето со лузна на веѓата што го изневерува својот другар Невидлив), или мрсулкото, или децата-излог, или т.н. рекламни деца, но и судбините на цели семејства што го покажуваат извежбаниот живот на екраните, на родителите што ја проституираат приватноста на своите деца… И во таа галерија на детски, младешки ликови како да се крие и некој нов поттик да се напише нов роман, како за детето без една нога, за мрсулкото, за навлечениот на порновидеа. И во тој контекст, Морено откри дека можеме да очекуваме најновиот наслов да биде еден вид надоврзување и на „Невидлив“ и на „Мрежи“.

ДА СЕ БИДЕ ДЕТЕ Е СОСТОЈБА НА УМОТ

На годинешниот БУКСТАР Елој Морено беше специјален гостин и поради промоцијата на неговата најнова книга во превод на македонски „Новото патување на Малиот принц“ (2025). Со посебно нагласување дека овој превод на македонски е меѓу првите преводи на оваа книга воопшто. Очигледно, Фондацијата за млади „Антоан де Сент-Егзипери“ верувала дека токму Морено ќе може да го направи продолжението на „Малиот принц“, па така и самиот Морено морал да верува дека може тоа да го направи. Овој потег не е нешто ново. Едно вакво искуство – да се напише продолжение на една светска книга за деца (па и за возрасни) – веќе се оствари преку романот за деца „Петар Пан во црвено“ од Џерладин Макоркран, кој е продолжение на „Петар Пан“ од Џемс Бери. А некои други книги од регионов се врзуваат со „Малиот принц“ на де Сент-Егзипери. Така, „Белиот кловн“ на Дамир Милош во книжевната критика и јавноста многу често се нарекува и опишува како „хрватскиот Мал принц“, т.е. „Малиот принц на хрватската литература“. Како што Малиот принц патува низ планетите за да ја разбере суштината на љубовта и одговорноста, така и Белиот кловн (момчето кое не ги разликува боите, т.е. има некој вид далтонизам) трага по значењето на боите, чувствата и сопствениот идентитет во циркускиот свет. Малиот принц вели: „Најважното е невидливо за очите, се гледа само со срцето.“ А Белиот кловн не ги гледа боите со очите како другите луѓе, но преку разговорот со слепиот старец учи да ги чувствува боите преку емоции (на пример: дека сината е тага, а црвената е љубов или лутина). Истото може да се каже и за романот „Јас сум Акико“ на Стефан Тиќми, кој е окарактеризиран како „српскиот Мал принц“ или „Малиот принц на српската литература“. Зашто Акико е необично девојче кое не сака граници и има свој свет во кој важно место зазема едно дрво баобаб, што силно потсетува на астрономскиот свет и симболиката на Малиот принц на де Сент-Егзипери. За жал, во македонската книжевност за деца немаме такво искуство.

Елој Морено успева исклучително вешто, игриво и поучно да создаде своја верзија на Малиот принц, кого го поведува на некое ново патување. Така, Малиот принц ќе тргне на тоа ново патување оттаму каде што завршило претходното. И во тој контекст, тој останува доследен на поентата дека да се биде дете е состојба на умот, без разлика на која возраст сме. Секако, тоа не претставува инфантилна состојба, туку состојба на чистота и невиност која може да ги открие најголемите мудрости за смислата на животот. Впрочем, и според биографиите, како што де Сент-Егзипери е пилот и писател, но најпрвин бил пилот, па потоа писател, така и Морено е информатичар и писател, но најпрвин бил информатичар, па потоа писател. Сега е само писател. А како што кажа и самиот, посакувал да биде рок-ѕвезда. Но неговите книги, неговите приказни и особено оваа најновата даваат и вистински одговор на прашањето: Дали компјутерскиот менаџмент и ИТ-сферата/секторот можат да ја дадат смислата на животот?

Приказната „Новото патување на Малиот принц“ дава одговор на прашањето што се случило со Малиот принц откако тој исчезнува во пустината. И во ова патување кое го (за)пишува Морено, Малиот принц, неговата роза и лисицата тргнуваат во нова авантура, но овојпат тие ги истражуваат планетите на нашиот современ, модерен свет и дигиталната ера. Сѐ уште Малиот принц го води страста кон цртањето, а популарниот цртеж во кој оние без фантазија гледаат само обична „шапка“, а кој е всушност боа што лапнала слон, овде добива и некои нови димензии. Имено, првиот цртеж ја прикажува суштината однадвор и затоа тој личи на шапка, додека вториот цртеж ја претставува внатрешноста, односно утробата на боата и проголтаниот слон. Така се разјаснува првиот цртеж и притоа се открива разликата меѓу внатрешниот, длабок поглед на светот и надворешниот, површен аспект. Оваа епизода на „Малиот принц“ на де Сент-Егзипери става акцент на имањето фантазија, односно инсистира на можноста на животот да се гледа како на креација, како на уметност и притоа да се приграби можноста тој живот да се насочува кон позитивните промени. А цртежите на Давид Сиера во „Новото патување на Малиот принц“ создаваат некоја нова магија преку цртежот на умножените шапки, но и на кутијата која го заштитува или вдомува кртот.

Малиот принц патува на седум метафорични планети (патување кое како да ги заменува оние четириесет дена на пат околу светот на Жил Верн). Тие се населени со егоисти, зависници од технологија и социјални мрежи кои зјапаат во екраните и целосно го игнорираат убавото ѕвездено небо, општества заробени во индивидуализам и осаменост, каде што луѓето се изолирани едни од други, светови кои се соочуваат со загадување на околината и пренаселеност, луѓе опседнати со работа, наметнати правила, натпреварување и структури креирани од возрасните. Малиот принц на Морено, всушност, се соочува со актуелните проблеми на денешницата, на нашето време. Но има меѓу планетите и такви како што е четвртата планета, која е населена само со цвеќиња, или шестата, која е изградена само од книги. Но и таму не е сѐ розово. На крај, тој стигнува и до нашата планета, до Земјата. Преку својата карактеристична детска невиност и чисто срце, Малиот принц уште еднаш станува „непријатен набљудувач“ кој ги преиспитува апсурдните норми на возрасните. Книгата е емотивна и поучна критика на хаосот на денешниот свет, потсетувајќи нè дека и во 21 век – најважните нешта остануваат невидливи за очите.

„На почетокот помислив дека тоа било сон, но, малку по малку, додека очите ми се навикнуваа на темницата, забележав дека нежната светлина на месечината осветлува едно човече што стоеше покрај мене.

Не го тргаше погледот од мене.

Веројатно, ако тоа ми се случеше првпат, од стравот ќе паднев во водата, но тој што стоеше таму не ми беше непознат. Тоа беше мојот малечок принц.“ (2026: 21–22)

И тука е вистинскиот предизвик. Секој од нас да открие дали ова е само негов малечок принц или наш малечок принц, Малиот принц на секој еден од нас.

И сосема на крај, добро е да се поентира со уште една сцена од „Новото патување на Малиот принц“ од Елој Морено:

„– Насекаде има вода, а сепак не можеме да ја пиеме.

– Да, океанот е навистина противречно место – признав.

– Тоа се случува и со љубовта, ја има насекаде, а понекогаш не успеваме да ја најдеме – ме прегрна уште посилно.“ (2026: 106)

Па, да ја најдеме повторно љубовта читајќи ја „Новото патување на Малиот принц“ од Елој Морено (со илустрации на Давид Сиера).

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
КАКО СЕ ГРАДИ КУЌИЧКА ЗА СЕДУМ НАЏУЏИЊА
КАКО СЕ ГРАДИ КУЌИЧКА ЗА СЕДУМ НАЏУЏИЊА (за сликовницата „Куќучката на 7те...
Повеќе
0 replies on “ДА ЈА НАЈДЕМЕ ПОВТОРНО ЉУБОВТА – ЗБОРОТ МОЖЕ ДА ЈА ПОБЕДИ ТУПАНИЦАТА”