Дозволи му да се брани, но донекаде
Братот на исчезнатиот изгледаше смален, спласнат и понеуреден од претходниот пат, можеби зашто сега не носеше капут, шал и шапка, а можеби зашто кошулата под волнениот, по боја цигла, џемпер на закопчување не му беше баш испеглана. Лузната, исто така, му беше уште повидлива. Колку повеќе сака да сокрие, толку тоа повеќе му се гледа, помисли инспекторката.
Откако седна инфериорно на столицата наспроти нејзиното биро, таа реши да почне веднаш, без одолговлекување:
– Ни пратија извештај од полицијата во Гетеборг. Во последниве две години немало регистриран сообраќаен инцидент во кој би било вмешано лице со ваше име и презиме. Значи, не сте ја добиле лузната таму или не на начин за кој ми кажавте.
Ја гледаше подисплашено, како да му беше јасно дека таа знае како тоа се случило:
– Јас… јас не сум виновен. Тој воопшто не сакаше… многу се возбуди… немаше намера…
– Кој? Брат ви?
– Да – рече тивко.
– Ве удри?
Го забележа како со дланките ги стиска потпирките од столицата:
– Не сакаше… после му беше криво…
– Кажете зошто се степавте.
Стутулен во столицата, човекот ѝ заприлега на издишен балон. Му подаде едно од двете неотворени шишенца „Роса“ што ги имаше да ѝ се најдат при рака до бирото:
– Еве, освежете се малку.
Ја голташе водата додека не испразни половина од шишето, механички ѝ го врати, а потоа одвоено и капачето.
– Добро, се смиривте? Кажете ми сега, полека, што се случи тогаш.
Сè уште имаше вцрвенето лице, сигурно поради возбудата му станало претопло во канцеларијата. Воздивна длабоко, како пред исповед, и почна:
– Тука луѓето влетуваат преку ноќ во зделки, секакви зделки. Не знам какво е вашето мислење, почитувана инспекторке, вие сигурно тоа многу подобро го знаете, но мене ми се чини, по секое мое доаѓање, дека тука луѓето станаа некако збркани, животот ги збрзал, сите сакаат да се збогатат преку ноќ, ете и брат ми се измени, не беше како оној порано…
Го прекина:
– Порано, значи, подобро се сложувавте?
– Па, би можело така да се каже. Тој е осумнаесет месеци помлад од мене, јас бев само едно одделение пред него, пубертетот и младоста ги минавме заедно, во исто друштво. Дури и кога почнавме со журки, заедно одевме… па студии… Тој беше подобар студент од мене, запиша Економски и го заврши навреме, со високи оценки. Јас не успеав да го завршам Машинскиот, почнав со бизнис, тогаш се оженив и заминавме за Шведска… почнав речиси како калфа во една гаража на „Волво“ и брзо напредував…
Го прекина:
– Продолживте да се гледате?
– …Доаѓавме тука за празниците, понекогаш, за Нови години, Велигден, во почетокот преку лето… Инаку, ви кажав, контактиравме преку мобилен.
– А тој, ве посетуваше во Шведска?
– Не – и веднаш се исправи – во почетокот, еднаш на две години, потоа, многу поретко…
– Тогаш зошто се случи тоа во станот?
Братот замолчи, бездруго мислеше како да одговори:
– Тогаш кога се видовме во Скопје… веднаш забележав дека е некако поцрнет и ослабен… дека нешто го мачи… – погледна наоколу како да бара поддршка да продолжи – и…
– И?
– …Ми побара голема сума пари.
– Колку?
– Многу. Да беа 10.000, 15.000 евра, ќе му дадев, но…
– Колку?
Братот, седејќи, почна да ги мрда нозете, како да беше вратен во непреживеана трауматична случка:
– Сто илјади! Па јас уште немам толку, секој месец плаќаме како потстанари во Гетеборг, децата како што растат, толку повеќе бараат…
„Парите се отепувачка“, се потсети на насловот на драмата на Крле што ѝ беше задолжителна лектира во средно.
– Затоа се степавте?
– Не се степавме – промрмори – тој беше вон себе… Се нервираше, викаше… потоа, со првото што му дојде при рака, со четка за чевли, не размислувајќи, ме удри над аркадата. Му беше ужасно криво, откако виде дека ми тече крв, заплака… ме гушна, ме бришеше со памук со ракија… и јас заплакав…
Додека испрекинато зборуваше, човекот беше вистински растревожен.
Му даде малку време, подавајќи му го полупразното шише. Го испи до крај, со големи голтки.
Реши да го заврши разговорот, не ѝ требаше понатаму да го измачува:
– Го имате клучот од станот на брат ви?
– Вашите ми рекоа дека можам да го задржам… ама незгодно ми е таму да влегувам кога го нема.
– Добро, ќе ве повикаме ако ми притребате. Останувате уште некое време во Македонија?
– Да, земав допуст од работа уште две недели.
Откако излезе од канцеларијата, збунет, сепак пристоен, двапати велејќи „довидување“, инспекторката помисли да си стави ѓезве со вода на решото.
Секретарката Ленче претпазливо ја подотвори вратата:
– Го средивте, госпоѓо инспекторке. Се виде дека го растуривте – за да потоа, малку обесхрабрена од сенковитото расположение на претпоставената, внимателно го провлече целото тело. – Јас, госпоѓо инспекторке, ви донесов една книга, можеби ќе ве заинтересира, нешто за Јапонија, на англиски е, јас не можам да ја читам, ама вие… сигурно ќе ви се допадне.
Ленче со нејзините егзотики, помисли.
– Важи, ти благодарам. Остави ја на бирото.
Кафето се набабри. Ја наведна главата над ѓезвето пред да го тргне од решото. Мирисот пријатно ја заскокотка.
Сркнувајќи од кафето, ја прелистуваше книгата што ѝ ја донесе Ленче, која тивко, како што влезе, и излезе од канцеларијата. Имаше едноставен наслов „Japan“ и всушност беше прирачник за туристи, изнакитен со фотографии.
Трамп и диспечерката
Следното утро ѝ рече на Ленче да го повика Јане.
– Повелете, госпоѓо виша инспекторке.
– Јане, го знаеш ли старото „Сидро“, кај Млечен?
– Рибниот ресторан? Го знам. Одев таму на пржен крап, добро го прават, и така некако, во домашна атмосфера…
– Добро – го прекина. – Точно наспроти него се наоѓа кафулето „Шаман“. Оди таму, биди околу десет и пол, нарачај си кафе, биди незабележлив, ама добро ослушкувај. Што се муабети, кои се посетителите…
– Не грижете се, госпоѓо виша инспекторке, ќе направам сѐ како што треба.
Кога во 10:20 влезе во „Шаман“, само две маси беа зафатени, едната од две споени, со гласно друштво мажи, втората, оддалечена, со шепкачка двојка.
Јане седна до ѕидот, на добро растојание, место незабележливо, а сепак практично, бидејќи му овозможуваше да го гледа целиот простор. Нарача бескофеинско макијато и што е можно поспокојно се обиде да воспостави увид во новата средина. Ова му беше прва посериозна задача на следење и проценка на луѓе што до тоа претпладне не ги беше видел ниту чул, а сакаше да се покаже во извештајот пред вишата инспекторка Андоновска Смилев.
Машкото друштво ја продолжуваше дискусијата за нападите на Трамп врз Иран. Најгласен беше еден со летен качкет што му ја сокриваше ќелата, во сива раскопчана кошула со куси ракави (иако не беше толку жешко), што ја откриваше тетоважата на сидро на десното рамо:
– Абе разбери, Михајло, Америка е светска воjна велесила! Број еден! Трамп може да ги среди кога сака. Гледаш што им направи за два дена.
– Не е толку едноставна работата, Тони – се јави, потивко, еден постар, пензионер, уредно облечен во бела кошула и светло палто, и покрај горештината. – Иран има огромна територија, планинска, го држи Ормускиот премин, ја контролира трговијата со нафта…
– А бе што зборуваш, Михајло, ти живееш во минато време! Трамп… – баш кога се разжести, му зазвони мобилниот. – Ало? – го стивна гласот. – Да… Добро… без грижа… – го затвори мобилниот. – Диспечерката. Имам повик – брзо се поздрави, извади од џебот на фармерките изгужвана банкнота од сто денари, ја фрли на масата и излезе од „Шаман“.
Штом стигна во станицата, Јане веднаш се упати кај вишата инспекторка.
– Здраво, Јане, како беше? – го дочека инспекторката. – Ти фати око за некого?
– Поголемо машко друштво, шестмина, со различна возраст – почна да реферира. – Се знаеја меѓу себе, муабетеа како да се од исто маало. Главно за војната во Иран. Се издвојуваа двајца, едниот пензионер, вториот, според мене, интересен за анализа. Дознав дека е таксист, го викаат Тони.
– Кажаа ли нешто за исчезнатиот?
– Не, но за време на дискусијата за Трамп, зазвони мобилниот на таксистот и тој веднаш истрча од „Шаман“.
– И?
– Како нешто да сакаше да сокрие од присутните.
Инспекторката насетуваше дека Јане има око да складира детали, што ѝ се потврди откако секретарката Ленче ѝ кажа (во доверба) за неговото „невообичаено“ хоби. Веќе со години тој собираше метални парички, најпрвин од државите што не биле во ЕУ, потоа од тие што влегле во ЕУ, а уште не го прифатиле еврото како државна валута, потоа од членките на ЕУ што на неколку години ги менуваа гравурите на паричките.
– Јане, оди пак до „Шаман“, распрашај се за бројот на мобилниот и адресата на таксистот, ќе го повикаме на разговор следната среда претпладне.
Интермецото во „Зафир“
Средбите со Анастасија на сладолед и кафе во „Зафир“, секоја втора сабота приквечер (часот го договараа според температурните feels like на мобилните, околу 18:00 во зима или 20:00 во почетокот на летото, како сега), за инспекторката Весела станаа опуштачки, а потребни, како чекан прездив меѓу работните и куќните обврски, кога можеше да си прикажува за важните и неважните работи што им се случуваа во претходните две недели. Додека се наближуваше до „Зафир“, го забрзуваше чекорот, речиси развеселена што излегла од станот, макар за два часа.
Со Ане се знаеја уште од средношколските журки, значи речиси триесетина години, и уште тогаш им кликна дружењето, па иако после одбраа различни патеки во студирањето, во приватниот и професионалниот живот, нивното пријателување не само што траеше, туку и се збогатуваше. Интересно е дека Ане, која заврши компаративна книжевност и работеше како професорка во гимназија, отсекогаш навистина сакаше да чита, а како гимназијалка, преку лето, кога кампуваа како феријалки во ист шатор, прво во Охрид, после во Макарска, таа во ранецот задолжително носеше по некој роман од Конан Дојл, Агата Кристи или Жорж Сименон. Години подоцна, кога Веси се вработи во полиција, таа беше возбудена, со румени образи како тинејџерка од феријалните денови:
– Супер, Веси, ќе имаш толку интересна работа. Многу сум љубопитна да ми кажуваш што ќе ти се случува.
Така, во нивните, за некој од страна, неврзани разговори, секогаш се провлекуваше нешто актуелно од практиката на инспекторката.
Во „Зафир“, како обично, нарачаа по две топчиња сладолед, од боровинки и манго за Ане, темно чоколадо и страчатела за Веси.
– Како напредуваш со исчезнатиот? – ја потпраша другарка ѝ, наведнувајќи се над чашката да си собере парче од нагмечениот сладолед. Веста за настанот, што не ја дозна како обично од Весела, туку од зетот на сестра ѝ, ја заинтригира уште повеќе кога дозна дека токму Веси ја преземала истрагата.
– Ме копка, признавам. Сигурна сум дека е жив. Дека е тука некаде. И дека ова не го испланирал сам. Вмешани се уште некои… Иако овие денови имам итни, посериозни случаи, шверц со мигранти, трговија со наркотици, работиме прекувремено, тимски, но Ане… често размислувам за исчезнатиот.
– Имаш да ми кажеш нешто повеќе?
– Човекот е чист, никогаш не бил тужен, ниту за сообраќаен прекршок. Мислам… знам дека брат му не е директно поврзан како што мислев порано. Сѐ изгледа необично, иако имам претчувство дека сум блиску до разрешувањето.
По час и половина, откако се изнаразговараа и малку поозборуваа, кога веќе станаа од масата и тргнаа да се гушнат до следната средба, Весела слушна одблизу пријатен баритон:
– Добровечер, инспекторке.
Сред бучавата на автомобилските мотори
Инспекторката, има таа извежбано полициско око, веднаш ме препозна кога во Боемската улица ја поздравив пред онаа слаткарница со убав сладолед на аголот. Мислам дека таа и не се изненади колку што јас бев изненаден кога ја видов пријателката со која се простуваше. Тоа беше жената која ја сретнав едно утро, непосредно по исчезнувањето на комшијата, во маалската бурекџилница и која, иако средбата беше случајна, ми остави впечаток со питомиот, едновремено занесен поглед што успеав да го дофатам во тие мигови. И сега се соочив со истиот благ поглед, во кој, дали е тоа можно во полумракот на гласната улица, осетив некое препознавање?
Ми се чинеше неучтиво да ги задржувам подолго сред Боемската, преполнета со бесконечна турканица од луѓе по кафеаните и тротоарите и автомобили што во редица брмчеа по еднонасочната улица. Некои имаа отворени прозори, со истурена рака на возачот, низ кои ечеше прегласна музика, а девојките во куси фустанчиња или во црни блузи над папокот и црни куси панталонки, што се провлекуваа низ толпата, понекогаш во од ќе одиграа по неколку чекори по тактот на напумпаните звучници од колите.
А сепак, оваа средба како на некој начин да ме одвои од таа бучна бркотница. Се буткав чекорејќи низ дебармаалската гужва, мислејќи не на инспекторката и случајот со исчезнатиот комшија, туку на таа што беше со неа, која непредвидливо ја среќавам по вторпат. Откако се разведов, значи пред шест години, не сум мислел со ваква сосредоточеност на жена што попатно сум ја видел двапати. Имав јас три (или можеби беа четири) куси врски заради секс, што ги дегустирав на трчање, што се вели, ноќе на некоја клупа во паркот или скришно кај мене, на штрек, случајно ќерка ми да не се втурне во станот. Но ова беше поинаку, ми се втисна во малиот мозок, тој нејзин поглед на нејзините големи, темни очи.
Кога се вратив дома, го промашив клучот од станот. Место од врзопот да го одвојам вистинскиот, се обидував безуспешно да отклучам со оној од влезната врата на зградата.
Признание
Среда, малку пред 10 часот наутро.
– Инспекторке, пристигна таксистот Тони – најави Ленче.
И таа веќе му го дознала името, помисли.
– Нека влезе.
Беше онаков каков што го опиша Јане, иако овојпат не му се гледаше тетоважата поради тексас-јакната – низок, ќелав, со жустри движења. Во рацете го стискаше сивиот качкет:
– Дојдов навреме, како што ме повикавте. Поканата ми стигна и по пошта. Иако не знам зошто сум викнат. Јас сум секогаш внимателен кога возам.
– Не е поради сообраќаен прекршок – го прекина.
– Не е? – ја погледна со добро одглумено запрепастување.
– Седнете. Треба да обавиме еден разговор со вас.
И инаку нервозното лице на таксистот се искриви во брза гримаса.
– Ќе ви поставам неколку прашања. Чисто информативни.
Па, откако тој некако ја привлече столицата да седне, таа додаде, намерно лежерно:
– Се надевам ќе бидете искрени. Инаку ќе бидеме принудени да ви го земеме мобилниот за проверка.
Забелешкава го дотолчи. Спласна, се виде дека му стана јасно за што се работи, промрмори:
– Му помогнав поради другарството.
Потоа, влечејќи ги зборовите:
– …Ме замоли на никого да не му кажувам… тој е во околината на Берово… го одведов со таксито… прашајте ме што ве интересира, ви стојам на располагање…
Ikigai
Кога во текот на истрагата ѝ стана јасно дека тука нема никакво злосторство, туку дека човекот си решил да исчезне, се прашуваше – зошто? Која е причината што го натера да го направи тоа? Сега, кога случајот беше решен, ѝ се чинеше дека го разбира, можеше да го замисли како секое утро оди од станот до работа и потоа попладне, од работа до станот, повторливо, исто, не гледајќи околу себе, будејќи се и во сабота и во недела во исто време, и дека еднаш, додека се качувал по скалите на зградата, помислил дека така ќе му помине целиот живот. А сега таму, во куќарката на питомите беровски планини, спие колку телото му сака, некогаш подолго, некогаш пократко, а кога ќе се пробуди, во пижами излегува надвор, во природа полеана со сончева светлина, потоа талка по некоја тревна патека, подзастанувајќи да набере позрела малина. „Стани со радост“, како што вели терминот (не може да се сети како е точно, но е под буквата I) во книгата за Јапонија што ѝ ја даде Ленче. Така и за нашиот човек. Таму за него почнува оној друг, различен свет, си вели инспекторката Весела, свет без правила, свет без страв да не се задоцни или намерно да се задоцни од немоќ. На твоја страна сум, го храбри инспекторката исчезнатиот додека ја отвора фиоката и зема коцкичка темно чоколадо.
Таман да ја загризе, кога во канцеларијата без најава упаѓа, кој друг, ако не шефот:
– Добро утро, драга колешке. Чиста сметка, мирна вода! – сега ја погреши единствената поговорка што точно ја знаеше, помисли таа, додека шефот продолжуваше со својата гласна тирада. – Значи, мислите дека нема место за обвинение. Инаку, јас да сум главниот, односно раководител на таа негова установа, веднаш би добил отказ!
– А јас, спротивно, би предложила да му се додели заслужено боледување.
– Ах, вие со вашиот хуманизам, драга колешке. Прави добро и во река фрли го. Но, во ред. Задоволен сум што имам толку вредна соработничка. – Ѝ се приближи, потпирајќи се со дланката на нејзината работна маса. – Имаме нов случај. Ми јавија од „Градско зеленило“ дека е украдена уште една биста. Од споменикот на херојот Вапцаров.
– Поетот – додаде таа.
– Добро де, поетот… Но ова со спомениците мора да се запре! – конечно се сети да ја одлепи дланката од масата и малку да се оддалечи. – Знам дека вие сте како погодена да ги решите кражбите.
Пред да излезе од канцеларијата, се заврте, дофрлувајќи ѝ соучеснички низ полуотворената врата:
– Очите напред, а не назад!
Johatsu
Ноќта кога децата најпосле заспаа (откако мажот ѝ за’рча, сè уште го наслушнуваше нивниот возбуден шепот), инспекторката Весела продолжи да го чита туристичкиот водич за Јапонија на англиски што го доби од Ленче. Првиот, поголемиот дел беше богато илустриран со успешни фотографии, но неа повеќе ја заинтересира она што следуваше – алфабетниот речник со објаснувања на типичните термини од јапонскиот живот и култура. Секоја вечер, под бледникавата светлина на ноќната ламба, засенчена со хартија да не му го попречува сонот на маж ѝ, разгледуваше по три-четири термини, по секој од нив замислувајќи се за неговото значење. Стигна до буквата „J“ и поимот „johatsu“:
Johatsu
Refers to the people in Japan who purposely vanish from their established lives without a trace…
Тука мораше да запре, чувствувајќи како жежок бран ѝ се качува накај градите, што понекогаш ѝ се случуваше во канцеларијата во полициската станица кога ќе дојдеше до конечно решение на некоја заплеткана истрага. Со подигната возбуда го дочита објаснувањето на „johatsu“, претпазливо да не го прекине длабокиот сон на мажот ѝ: „…ги напуштаат својата работа и дом, се повлекуваат во комплетна анонимност, одбираат тајни релокации на живеење, најчесто во помалку населени, рурални области. Полицијата не интервенира ако нема евиденција на криминално дело“.
На мобилниот го побара и го најде поимот на Википедија, имаше и поскромна македонска верзија, со буквален превод на поимот – џохацу = испарување!
Мојот џохацу господин, помисли инспекторката, испари од неподносливиот живот.
Го затвори мобилниот, го остави со книгата на ноќната масичка, ја исклучи ламбата, му заврте грб на рчечкиот маж и лесно, со полунасмевка, заспа и таа.
Тајната вест се шепоти
Решив овој викенд да заминам до Охрид. Крај на август, почеток на септември, и градот е поспокоен, и езерото сè уште мами за капење. Ми останаа денови од одморот, и така никаде не бев летово, добро ќе ми дојде малку опуштање и мир. А и ќерка ми сигурно ќе биде задоволна, станот ќе ѝ биде празен за дружења и журки.
Поминав до „Шаман“ на саботно утринско кафе. Таму седеше таксистот Тони, за чудо сам. Ја подигна тетовираната рака за да ме повика:
– Здраво, комшо, дојди. Ја угасив колата. Камо среќа барем во сабота да не возам, ама не иде. Овака, едно кафе, малку муабет и после пак на улица.
Едвај дочека да седнам до него. Се наведна накај мене и, што е невообичаено за него, го стивна гласот:
– Слушнав, од доверливи извори, многу интересна вест.
Потоа, уште потивко:
– Комшијата, го нашле, жив и здрав.
– Навистина? – се израдував.
– Потивко – ме опомена, иако во кафеаната немаше никој друг. – Вистина е, сто посто, од доверливи извори. Се повлекол во некоја куќичка, во беровскиот крај. Така му дошло, да се одмори од животот. Власта нема со ништо да интервенира… Само, те молам, комшо, не кажувај го ова. Особено не на Михајло, тој е голем сплеткар.
– Нема – му ветив, иако и обајцата знаевме дека кога-тогаш, токму од Тони, ќе се дознае за среќниот исход на случајот со исчезнатиот комшија.
Тони, откако го допи кафето, ме поздрави гласно: „Се гледаме, те честам“, фрли две изгужвани стоденарки на масата, па истрча од „Шаман“.
Од каде ги дознава овие новости, помислив, да нема навистина некоја врска во полиција?
Чув како го запали таксито и замина по улицата. Проверив на часовникот, се ближеше пладне. Ако сакам да го фатам денот, треба да побрзам, да наполнам плин во онаа моја скапаница и да тргнам кон Охрид.
(Фрагмент од подолга детективска новела)
