Ништо не ја запираше водата, можеше да ја следиш од планината до фјордот; од снегот што паѓаше од облаците и се таложеше на врвовите, до пареата што се издигаше над морето и се претвораше повторно во облаци.
Секоја зима глечерот растеше, собираше снег, секоја зима растеше како што треба, и секое лето се топеше, протекуваше, испушташе капки, капки што стануваа потоци, тие го наоѓаа својот пат надолу, поттикнати од силата на тежата, потоците се собираа, стануваа водопади, реки.
Бевме две села што делеа планина и глечер, ги делевме планината и глечерот откако се сеќаваме. Едната страна од планината беше стрмна, таму паѓаа водопадите Состерфосене, грмеа седумстотини и единаесет метри право надолу, кон езерото Еиде, темнозелена вода што го даде името на селото, Ејдесдален, и што им даваше плодност на животните и на луѓето таму.
Ејдесдален, селото на Магнус.
Тие не го гледаа фјордот во Ејдесдален, не ја чувствуваа солта на усните, солта не доаѓаше со ветерот, никогаш не стигна таму, тие не го чувствуваа мирисот на морето таму горе. Така растеше тој. Но, тие си имаа своја вода, вода без вкус, вода што правеше сè да расте, и никогаш не му недостигало морето, така рече тој подоцна.
Другата страна на планината беше поблага, порамна, тука водата се собираше во реката Брејо, реката полна лососи, реката на водопадот, реката на слатководните школки, се пробиваше низ пукнатина во пејзажот, ја обликуваше оваа пукнатина, со милиони капки секоја секунда, во водопади, во брзаци и во мирни, рамни делови. Кога сонцето сјаеше, стануваше светла лента.
Брејо продолжуваше сè до Рингфјорден, и таму, во селото на ниво на морето, реката се среќаваше со солената вода. Таму водата од глечерот стануваше едно со морето.
Рингфјорден, моето село.
И така се спојуваа, водата од глечерот и водата од морето, пред сонцето повторно да ги привлече капките кон себе, да ги повлече во воздухот како пареа, далеку нагоре, до облаците каде што ѝ се измолкнуваа на силата на тежата.
Сега се вратив, Блофона ме присили, глечерот што некогаш беше наш. Стивнат беше ветрот додека пристигнував во Рингфјорден, морав да го вклучам моторот на последниот дел, неговиот тропот го придушува сето останато, Синевина се лизга низ водата и остава само мали бранови на површината.
Никогаш нема да го заборавам овој предел. Тој те создал, Сигне, рече еднаш Магнус, сакаше да каже дека се населил во мене, начинот на кој одам, со нозете што ми откажуваат, како секогаш да наидувам на рид, угоре или надолу. Не сум создадена за прави патишта, оттука доаѓам, но сепак сум изненадена сега кога повторно ги гледам: височините, водопадите, стрмнината наспроти хоризонталноста.
Луѓето доаѓаат оддалеку за да ја видат оваа природа и мислат дека глетката е убава, фантастична, amazing. Стојат на палуби големи колку фудбалски игралишта, додека огромни дизел мотори испуштаат издувни гасови, стојат таму, покажуваат и гледаат кон чистата сина вода, лудо зелените ридови каде што малите куќи се држат цврсто за секое место на кое косината на земјата е помала од четириесет и пет степени, а повеќе од илјада метри над нив се планините, назабените, остри рабови на земјата, се пробиваат кон небото, со она бело попрскување што го сакаат туристите, wow, it’s snow, кое се наоѓа таму на северните падини, без разлика дали е зима или лето.
Туристите не ги гледаат водопадите Состерфосене или карпите Сонстебо на планината, одамна ги нема, а не можат да ја видат ни реката Брејо, таа прва исчезна, долго пред да дојдат бродовите, долго пред да се појават Американците и Јапонците со своите телефони и камери и продолжени објективи. Цевките, она што некогаш беше река, лежат под земја, а штетата што ископувањето ѝ ја нанесе на природата полека е покриена со вегетација.
Стојам со кормилото в рака, одржувам мала брзина додека се приближувам кон селото, поминувам покрај електраната, голема зграда од тули која стои сама долу покрај водата, тешка и темна; споменик на мртвата река и водопадот. Оттаму, жиците се протегаат во сите правци, некои од нив дури поминуваат и преку фјордот. Дури и тоа им е дозволено.
Моторот заглушува сè, но се сеќавам на звукот на далноводите, на слабото зуење, на влажното време, вода против струја, потпукнувачки звук, тој секогаш ми предизвикуваше морници, а особено во темница, кога може да се види како светка.
Сите четири места за гости на пристаништето се празни, прерано е за туристи, местата се полнат само во лето, можам слободно да бирам, го фаќам најоддалеченото, ги внесувам крмата и предниот дел, ги закачувам со јаже за секој случај, западниот ветер може брзо да дојде, ја повлекувам до крај рачката за гасот и ги слушам неволните воздишки на моторот што застанува. Го заклучувам отворот кон салонот, го ставам купот клучеви во џебот на градите од мојот анорак, голем е, топче од плута го поместува и ми предизвикува малку студ на стомакот.
Автобуската станица е таму каде што отсекогаш била, пред задругата, седам и чекам, бидејќи автобусот вози само еднаш на час, така е тука, сè се случува ретко и мора да се планира, само го заборавив тоа по сите овие години.
Конечно се појавува. Ми се придружува група млади луѓе, доаѓаат од средното училиште изградено на почетокот на осумдесеттите, новото, убаво, едно од многуте нешта што селото можеше да си ги дозволи.
Зборуваат и зборуваат за проби и тренинзи. Толку мазни чела, толку меки образи, тие се неверојатно млади, без никаква трага, без остатоци од проживеан живот.
Не ми нудат ниту еден поглед, добро ги разбирам. За нив, јас сум само жена во зрели години, малку разбушавена и неуредна со излитен анорак и прамени седа коса што се подаваат од плетена капа.
Тие самите имаат нови, речиси идентични капи, со исто лого на средината на челото. Брзам да ја извадам мојата, ја ставам в скут, очигледно станала ужасно полна со топчиња волна, почнувам да ги кинам, една по една, раката ми се полни нив.
Но, залудно е, премногу ги има за вадење и сега не знам што да правам со нив, седам со топчињата в рака, конечно ги испуштам на подот. Бестежински се разлетуваат по подот, по патеката во средина, но младите не ги забележуваат, а и зошто би ги забележувале, купче сиви топчиња.
Понекогаш заборавам како изгледам, постепено престануваш да се грижиш за тоа кога живееш на брод, но кога понекогаш ќе се погледнам себеси во огледало на копно, со добро осветлување, се стреснувам. Која е таа таму, си мислам, која, по ѓаволите, е таа стара, слаба жена?
Чудно е, апстрактно, не, надреално, надреално е зборот, дека сум една од нив, старите, кога сè уште сум толку целосно и темелно своја, иста каква што отсекогаш сум била, без разлика дали имам петнаесет, триесет и пет или педесет, константа, непроменлива маса, како онаа што сум во соништата, како камен, како илјада години стар мраз. Староста е одвоена од мене. Само кога се движам, нејзиното присуство станува опипливо, тогаш се чувствува со сите свои болки, болките во колената, вкочанетиот врат, колкот што пулсира.
Но, младите не мислат дека сум стара бидејќи дури и не ме гледаат, така е, никој не ги гледа старите жени, поминаа многу години откако некој ме погледнал, тие се само млади и паметни и зборуваат за тестот по историја што пред малку го имале, за Студената војна, за Берлинскиот ѕид, но не и за содржината, само за тоа какви оценки добиле, дали пет минус е подобро од пет на четири. И никој не го споменува мразот, ниту збор за мразот, за глечерот, иако точно за тоа би требало да зборуваат сите овде дома.
Дома… дали навистина сè уште го нарекувам дом? Не можам да разберам, по речиси четириесет, не, речиси педесет години. Доаѓам дома за да расчистам по смртните случаи, да тагувам задолжителните пет дена по погребите, прво на мама, потоа на тато. Вкупно десет дена е сè што сум била тука во сите овие години. Имам двајца браќа тука, полубраќа, но речиси никогаш не разговарам со нив. Тие беа синови на мама.
Ја потпирам главата на прозорецот од автобусот, ги гледам промените. Градбите се погусти, нов градежен проект составен од бели монтажни куќи со мали прозорци цврсто се држи на ридот, автобусот поминува покрај базенот, има нов покрив и голем, син знак на влезот, Ringfjord Water Fun. Сè станува подобро на англиски.
Автобусот се искачува нагоре, оди навнатре, неколку млади луѓе излегуваат кај горната населба, но повеќето од нив остануваат понатаму, се искачуваме, патот се менува, се стеснува, станува полн дупки, тоа се случува речиси точно во исто време додека влегуваме во соседната општина. Дури овде повеќето млади луѓе слегуваат, овде сè уште немаат средно училиште, сè уште немаат базен, овде во Ејдесдален, кај помалиот брат, губитникот.
Слегувам со последните млади луѓе, полека шетам низ центарот. Местото е уште помало отколку што се сеќавам, продавниците се затворени. Додека Рингфјорден порасна, Ејде е само дел од својата оригинална големина… но, не дојдов денес заради Ејде, не можам да плачам уште повеќе за Ејдесдален, таа борба заврши, пред многу, многу години, сега дојдов поради мразот, Блофона, и одам по патот од чакал кон планината.
Превод од норвешки јазик: Искра Бадеа
Книгата е дел од проектот „ЕУрека“, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.


