Безбедна куќа

Го уби мажот.

Беше и татко на твојата ќерка.

Сè уште не си навикната на тоа минато време во кое тој единствено може да постои. Кога мислиш на него, сè уште е присутен и сè уште се плашиш од него, како стравот да ти го остави во тестамент.

Не се плашиш од него додека си будна. Тоа не. Знаеш дека е погребан, дека ковчегот во кој лежел е закован и спуштен во гроб. Знаеш дека веќе не дише, дека нема пулс, дека и мозокот и рацете и нозете и секоја нежива клетка му се под мермерна плоча, дека нема начин на кој може да се врати – но, секое утро мораш одново да поверуваш во тоа. Затоа што ноќе, кога ќе успееш да заспиеш, тој се враќа. Поминаа десет месеци, а ти и понатаму редовно сонуваш дека те пронаоѓа.

Во тие кошмари, не си во затворот. Во безбедна куќа си, но со чувството дека ниедна безбедна куќа не е доволно безбедна за тебе и за Мелита. Не постои, не постои, не постои таков ѕид, таква врата зад која нема да ве пронајде. Најчесто со нога го крши влезот, а понекогаш има и оружје, иако го немаше додека беше жив. Машинка, бомба, фрлач на оган, минофрлач – секогаш нешто разорно и кобно од кое е невозможно да се побегне. Во сонот бегаш, иако знаеш дека тоа е залудно. Трчаш и трчаш и трчаш и бегаш онака како што никогаш не бегаше кога требаше, зашто и тогаш беше сигурна дека е залудно.

Кога ќе се разбудиш, прво жалиш што тоа беше само сон. Затоа што, да беше јаве, тоа ќе значеше дека не го уби. Би била во опасност токму така како што и беше, но тој би бил жив, ти не би била тука каде што си, а животот можеби би смислил некаков излез без крвопролевање.

Прво зажалуваш што тоа беше само сон, но потоа сепак чувствуваш олеснување што него веќе го нема. Со тоа доаѓа и вината што ти било достапно некакво олеснување, дури и за момент.

Во шест, кога се огласува ѕвончето за будење, имаш половина час да се ослободиш од сонот. Кошмарните сцени сакаш да ги заборавиш исто колку што сакаш и да ги запомниш. Да ги заборавиш за да не мораш да ги поднесуваш; да ги запомниш за да се казниш повеќе од казната што ти ја доделија. Секое утро повторно си нерешителна. Во некои утра го задржуваш сонот како некоја на која животот и онака веќе ѝ е уништен, а во некои го бркаш од себе како да постои заборав.

Во шест и триесет мораш да бидеш измиена и облечена, а креветот мора да биде наместен. Тука се и другите кои мораат да го сторат истото.

Во таа спална си една од шесте, во тоа затворено одделение една од четириесет и девет, во тој затвор една од сто дваесет и три, а на овој свет една од којзнае колку милиони жени што згрешиле нешто. Многумина од нив имаат право на сочувство. Ти го немаш, зашто уби човек.

Тоа одново те стигнува секое утро. Се будиш како убиец. Така и легнуваш. Ако можеш да го вратиш времето една секунда пред тој момент, тој момент никогаш не би постоел. Ако можеш да го вратиш со години наназад, тој не би бил ниту маж ниту татко на твоето дете. Но, сето тоа веќе се случи.

Сега мораш да станеш, да си го наместиш креветот, да отидеш со другите на појадок, зашто Од затворениците се бара активно учество во програмата за извршување на казната. Така пишува во Прирачникот за затвореници. Програмата за извршување се менува во согласност со однесувањето на затвореникот. А тебе ти се чини дека воопшто немаш однесување. Ти само постоиш привидно, нурната во маглата на застојот во кој нема ништо освен решетки, клучеви во туѓи раце, присилен распоред, жалење што не дозволи да те убие во таа или во некоја следна ноќ, да те убива сè додека од тебе веќе не остане ништо за убивање.

Вака остана, а сега веќе нема кој да ја доврши таа работа.

* * *

Замислуваш некој раскажувач кој би раскажал што ти се случи. Раскажувачка. Некоја жена надвор која не може да престане да мисли на тебе.

Таа се буди и легнува со тебе онака како што ти се будиш и легнуваш со него, или со она што остана од него. Од него остана сè освен голиот живот, но таа раскажувачка се прашува што остана од тебе. Токму таква посакуваш.

Замислуваш како поминува часови и часови на интернет-страницата на Министерството за правда.

Таа научила сè за телата на затворскиот систем, за правата, исхраната и третманот на затворениците, го прочитала целиот Прирачник за затвореници, отпечатила список на предмети што затворениците смеат да ги задржат при приемот во затворот. Меѓу другото, пишуваше дека смеете да имате бележник, венчален прстен, часовник, молив, луле, цигари, тутун, запалка, книги, фотографии и радио на батерии. Замислуваш како таа била погодена што бележникот и моливот се во еднина, замислуваш како се прашува што си внела во својата ќелија, дали го имаш тој еден дозволен бележник и молив и дали нешто запишуваш во него. Се прашува и колку книги смееш да имаш одеднаш. Се прашува дали си го задржала венчалниот прстен иако стана вдовица по своја вина. Се прашува како е тоа – да станеш вдовица по своја вина.

Кога не пребарува по правосудните и затворските страници, пребарува статии за тебе. Кога ќе се појави некоја нова – а ги има сè помалку – ја печати и ја става во твоето досие, во регистратор на чиј грб со фломастер го напишала твоето име: Лада Лончар. Собра цела колекција. На почетокот ги сечеше од весниците, а кога весниците замолчија за тебе, кога те истиснаа новите сензации од црната хроника, одвреме-навреме ќе го впишеше твоето име во пребарувачот за да види дали меѓу резултатите ќе се појави линк што сè уште не добил виолетова боја зашто веќе го отворила.

Еднаш, таа раскажувачка каква што ја посакуваш за себе, во твојата фантазија, на ѕидот од својата дневна соба направи изложба на твојата трагедија. Ги залепи сите статии за тебе без некаков ред и концепт, само за да може сите да ги опфати одеднаш со поглед. Веруваше дека од таа поширока слика, како низ инка, ќе го дестилира сето она од кое ќе сфати како ти се случи тоа.

Додека нејзиното око запираше на насловите на статиите за тебе, сфати дека од сè што доживеа, црно на бело, остана само резултатот. Остана само неговата смрт што ја предизвика ти и колективната осуда со еуфорија поради судењето и казната што ќе ја издржуваш. А неа ја интересираше сето она што беше пред новинските наслови што те третираа само како убиец.

Жена го убила сопругот со кујнски нож.

Угледен професор убиен во својот стан. Сопругата осомничена.

На универзитетски професор му пресудила сопругата.

Жена по расправија го убила мажот.

Ужас во Загреб: жена со нож му пресудила на таткото на својата ќерка.

Брзата помош стигнала предоцна за да го спаси сопругот прободен со нож.

Ти беше потребен некој што ќе чита надвор од насловите и помеѓу редовите. Или, уште подобро, некој што дури и нема да чита сè што се пишуваше за тебе, туку ќе те побара и ќе ти даде можност да жалиш за својот наместо за неговиот живот. Твојот живот, а не неговата смрт, да биде тема за некој.

Ја гледаш во мислите, својата раскажувачка, како пишува до управата на Затворот да ја пуштат кај тебе. Ја гледаш како телефонира на разни места. Ја гледаш како неуспешно се обидува, но не престануваш да се надевaш дека нема да се откаже.

Нагаѓаш што би им пишувала, што би ѝ пишувале.

На затворениците им е забрането да настапуваат во средствата за јавно информирање, би пишувало во одговорот од е-адресата во рубриката Прашања на претставници на медиумите на интернет-страницата на Министерството за правда. Одредено време – така го замислуваш тоа – твојата раскажувачка, која лажно се претставила како новинарка, расправала со електронските адреси на Министерството за правда и Затворот во Пожега, убедувајќи ги двете адреси дека од затвореничката нема да бара да настапува во медиумите. Спомнувала социолошко истражување, репортажа без наведување имиња, па и општествената важност на темата, сè додека и едната и другата адреса не замолчиле целосно.

Сè замолчи, освен ужасот во твојата глава.

Превод од хрватски јазик: Владимир Јанковски

Книгата е дел од проектот „ЕУрека“, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

 

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Пехови на прагот на новата епоха
Го пренесуваме преведеното интервју со македонскиот писател Томислав Османли кое овој наш...
Повеќе
0 replies on “Безбедна куќа”