Марко Павловски


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Избор песни од збирката „Загрепска анатомија на самотијата“ на младиот поет Марко Павловски

СОБА БЕЗ ПРОЗОРЕЦ

Се наоѓам на едно самотничко место,
во соба без прозорец, во ум без мисли.
Некогаш се движев како пеперуга,
сега само солзите не ми се тромави и неподвижни.
На балконот ветер удира по ролетните,
сонцето е високо на небото, пладне е,
а среќата е чувство далечно.
Бранови тага меѓу очите и образите,
со перде од чад го кратам чекањето на смртта.
И, по толку болка, се ослободив со стих,
а моментот на целосен чемер ми дава
да продолжам да живеам во спокој со себе
до утре.

МОИТЕ СОБИ

Моите соби отсекогаш биле бели и празни,
исполнети месечева виделина
што бавно легнува на постела од тага.
Моите соби се вечност и заборав,
со полици натрупани со книги
кои ги немам прочитано.
Моите соби ја довикуваат среќата,
а им се укажува болот на квечерината
и долгата ноќ на самотното суштество.
Моите соби немаат врата
и тоа е единственото што ги прави пријатни:
низ бројните дупки на ѕидовите понекогаш влетува живот.

ТАА СЕДИ И СО ПОГЛЕД ЛОВИ ДАЛЕЧИНИ

Таа седи и со поглед лови далечини.
Го именува како меланхолија мигот
меѓу тишината и говорот.
Би требало денов да е среќен,
ја наградија исклучителноста, убавиот и осамен ум.
На тој начин ја оковаа
само за една од нејзините татковини.
Мислеше дека засекогаш ќе остане
на крстопатот на јазиците и културите.
Денес се појавија тие,
проѕирни сотворенија, луѓе од вода.
Со река позлатени реченици ја натопија земјата
од која израсна бесценет природен бисер,
високо сонце што ги опковува тажните стихови.
Стоев во тишина, под златниот ѕид,
и ги слушав лелекањата на победниците.
Ми дозволи да мислам.
Дали сум и јас водено сотворение
што на птицата ѝ наметнува несакани одлуки?
Душата, желна за најдрагата сопатница,
станала немирна маса
што очекува исполнување на сопствената празнина.
Дотогаш таа седи и со поглед лови далечини.

ТАГО, ПОВТОРНО ЈАС

Еве ме повторно, таго,
во последно време некако сме си на „ти“.
Стара пријателке, овој пат
не успевам да куртулам од тебе
ниту со најежовни песни.
Разурнувачка љубов ме изневери повторно.
Би останал во овој град само за неа,
но нас ќе нè нема, нема да има „ние“.
Се залажува со копнеж, а всушност е спокојна.
Не ја разбира таа оваа бол во грлото и градите,
не ги проверувала часовите триејќи ги слепоочниците,
и не знае, пријателката моја, дека со тоа само стануваш полош,
дека тогаш се спушташ до образот и челуста…
Ми треба спасителка, а не сон.
Гласот веќе ми се губи, солза станува
со која нема да успеам да те измијам од мене.

ДЕМОНОТ НА БОЛЕСТА

Скриен зад згасната ѕвезда,
на крилја од човечка бол ги надлетуваше
дотогаш спокојните планети
мојот стар познаjник: Демонот на болеста.
Ширеше бацили по телата,
со семиња на идниот плач,
сееше немир меѓу ѕвездите.
Кога ме здогледа, победнички се насмевна.
Во споредба со другите присутности
тој беше видлив: крилат титан, сејач на чума.
Го зарази со самиот себе
тој сега разболен простор и замина
да соочи некои нови суштества со горчината на поразот.

СЕНКА КАКО ОСТРИЦА

На арапските поети,
беа бисери, бисери беа

Таа е кралица на рајските птици
што крилја шират
над небото на Алхамбра!
Убавината на тој смарагд непостојна е,
сепак ми прави друштво.

Не секнува. Таа не секнува!
Во очите нејзини древниот краснопис на Петра,
од очите нејзини го читам
вечниот завет на љубовта на градителите на Таџ-Махал.
Кога намигнува, не говорат очите нејзини за прељуба,
туку искреност чиста тие пеат. Таа е арабеска.
Од Персија до Индија никој таков бисер нема сонето!
Па ни во Шпанија далечна, кралството на Маврите!
Се запознавме како веќе готови луѓе
со животи осмислени од некој друг,
но во топлата постела на љубовниците
сите судбини испаруваат, па останува само желбата и близината на смртта.
Слатки туѓи усни и рабови на карпите,
не се ли тоа други зборови за еден ист поим?
Зар за таква жена не би паднале и најцврстите градови,
зар за таква неминливост на убавината
луѓето не би ги претвориле во прав и ѕидиштата на Самарканд сјаен?
Што значи тогаш да бидеш осуден на губење на главата,
да се чека последното фучење на сабјата,
додека се размислува за реткото златно овошје
кое го имам пробано во животов
за стиховите, деновите и соништата?
Нејзината сенка на шаторското платно, зголемена од огнот,
станува сè потенка, добива форма на острица
и удира…

ЗАГРЕПСКА АНАТОМИЈА НА САМОТИЈАТА

Во Загреб, во неделите, ангели од чии очи тече мед
во седлото на смарагдните пегази со гриви од сончеви зраци
следат река од пеперуги кон океанот на мракот
под водопадот во срцето на црната коцка пред Музејот на современоста.
Само моите очи ќе се сеќаваат на нив, оти ја делам самотијата со улицата.
Загреб го помнам во неделите според волшепството на исполнување
на утринската празнина
оти ангелот ми ја украде солзата и ја стврдна на својата дланка,
а потем го позлати тој бисер и малку неволно ми го врати.
На Фениксот од син мраз му недостига око, а без него ќе се искрши.
Така дознав дека мојата тага им ја враќа способноста за воскресение на огнените птици.
Да не сум можеби демон кој ќе води љубов со белите вештерки
по покривите на старите палати во центарот на градот, под претсмртното небо?
Додека крилестите се спуштат низ Илица по својата блескаво зелена трага,
Апокалипсата веќе ќе блесне над студенилото на Северот.
Сè што сакам – тоа се лузни по грбот, а тие ги сакаат моите солзи, па набљудуваат.
Опседнатоста од љубов е младешки еликсир на болката.
Безмирисни ветрови донесуваат легенда за градовите од мед,
за четирите палати на владетелите, и тие приказни имаат вкус на авантури,
но и натаму останувам во семирот без допир со ѕвездите-бегалци.
Рабовите на галаксиите се блиски, улиците се препуштени на подножјето на планините,
но јас сè уште пловам по небото во присуство на ангелите со сладок поглед
и размислувам треба ли да му се дарува стврднатата солза.
Таа е само капка во клопчето ѕвездени мориња,
но златокосиот продолжува со своето питање.
На дланките тој би можел бродови да носи,
но моето име е во водениот дел од мене, во минералот од онаа иста сол
од која со падот на древната метропола на страста се срониле на ветрот
столбови прав и чад, парченца стварност среде урнатини и празнина.
Божја казна за деновите минати во заблуда и слаткословие – тоа ли го чекам?
Феникс нема да полета, затоа што само една солза уште за давање имам
а таа испари на тешкиот воздух на улицата, распространетата пропаст на човештвото.
Во Загреб, во неделите сум само наивно момче, а очите ми се чисти.

БАЛАДА ЗА ЖИВОТОТ НА ПОЕТОТ

Отпатував на работ од познатиот семир
за да се заштитам
од острите рабови на сопствениот хаос.
Сè уште сум млад и таков ќе останам засекогаш,
но животот ми е означен со тага,
та понекогаш ми се чини
дека по домовите и улиците
царуваат само омраза и бес.
Морав да си го создадам овој втор семир
каде можам да се засолнам
кога сегашноста станува премногу самрачна.
Болката во ретки мигови ѝ бега на мојата вештина
и успева да влезе во моите стихови,
но моите песни главно се искапени
во моќниот сјај на сонцето и со нежноста на таинствените ѕвезди.
Не тагувајте над урнатините на мојата младост,
знајте дека си го пронајдов сопственото Битие
и дека тоа ме теши и во најтешки моменти.
Постоењето со него во оваа втора стварност
е долг запис за радоста и некршливата среќа
со кои ги исполнувам до вчера голите страници.
Мојата поезија ме исклеса од карпа
во маж кого злото не може да го порази.
Животот на поетот, од друга страна,
е најсамрачната балада од сите можни.

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Пишувам крими-романи, читам класици
Кратко интервју со норвешката писателка Ким Смоге, чијшто роман може да се...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *