На 26 декември 2013 година (четврток), гостин на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше истакнатиот руски писател Виктор Ерофеев, овогодишен добитник на меѓународната книжевна награда „Табернакул“. Ерофеев одржа предавање на тема „Зошто книжевноста е таинствена?“.
Ерофеев е исклучителен прозаист, но и есеист, книжевен критичар во неколку важни светски книжевни списанија, колумнист, водител на своја ТВ-емисија со наслов „Апокриф“, полемичар… Универзитетскиот професор и писател Венко Андоновски, говорејќи за Ерофеев, меѓу другото истакна: „Неговиот книжевен стил се потпира на постмодерно колажирање, а неговиот свет на идеи е палета и жив разговор меѓу неколку филозофски струи: филозофијата на песимизмот на Лев Шестов, персонализмот на Берѓаев, егзистенцијализмот на Сартр и Достоевски. Станува збор за автор од светски калибар.“
Минатата година, кога му беше врачена меѓународната книжевна награда „Табернакул“, предавање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ одржа истакнатиот српски поет Љубивоје Ршумовиќ. Со гостувањето на Ерофеев, постанува традиција еден од добитниците на оваа награда, во текот на неговото гостување во Република Македонија да одржи и предавање на најреномираната македонска високообразовна институција од областа на филологијата.
[nggallery id=34]