Колач со лимон и афион

Заноќуваше. Немилосрден ветер дуваше во најтоплото и најдлабокото место на планетата, пустината Данакил, на североистокот од Етиопија. Имаше само сол, песок и сулфур во тој бескраен простор на африканскиот континент каде што температурите достигнуваат шеесет степени и каде што ништо не укажува дека е возможно да има живот. И таму, среде тишината и ништото, засолнета во мала бела бетонска куќа, Марина се препушташе на милувањата на Матијас по водењето љубов.

– Bäckerei – рече Матијас.

– Не можам да престанам да мислам на тоа – рече Марина испреплетувајќи ги своите раце со рацете на Матијас. – Зошто нам? Зошто на Анна и мене? Не се подаруваат куќата и бизнисот на непознати.

– Зар не остави писмо заедно со тестаментот?

– Во принцип, не. Сестра ми сè уште ги истражува презимињата, но засега ништо не нè поврзува со таа жена.

– Дали ветерницата работи? – праша Матијас.

– Тоа е урнатина. Но пекарницата работи. Тоа е единствената пекарница во Валдемоса.

Марина се замисли неколку секунди.

– Марија Долорес Моли… Колку и да го повторувам, нејзиното име не ми кажува ништо.

– Долорес на германски… е Schmerzen, нели? – праша Матијас.

Марина кимна со главата.

– Чудно е некој да ја крсти ќерката Долорес, тоа е како да ја нарекол достага или меланхолија – продолжи тој.

– Долорес е често име во Шпанија – објасни Марина.

– Би сакал да ти правам друштво… Веројатно сум единствениот Германец што не бил во Мајорка – рече Матијас проѕевајќи се.

– Маљорка со „љ“– се насмеа таа.

Буквата „љ“ не постои во германската азбука и, покрај големиот број часови по шпански јазик што му ги одржа, Матијас секогаш ја правеше истата грешка. Исто како Марина, која и натаму не можеше да ги изговара буквите „Ä“ и „Ö“. Секогаш комуницираа на англиски јазик и повремено си држеа часови за својот мајчин јазик. Пред две години, во книжарница на аеродромот Барахас, купија нотес молескин со црни корици, што се претвори во нивни речник. Таму ги запишуваа на двата јазика зборовите што им беа поважни. Во десната колона на шпански, во левата преводот на германски.

Марина ја подаде раката и го зеде нотесот од ноќната масичка. Го отвори и го извади црното пенкало.

– Со дијареза?

– На буквата „А“.

Марина напиша пекарница и покрај неа Bäckerei.

Повторно го остави нотесот на ноќната масичка и воздивна.

– Ќе се вратам во Мајорка по десет години – рече Марина со извесна тага во гласот.

Матијас ја исклучи голата светилката што висеше на таванот.

– …Добра ноќ, наследничке, и не мисли веќе толку, те знам. Оттука не може да решиш ништо.

Марина му го сврте грбот и тој ја обгрна со рацете.

Матијас заспа за неколку минути. На Марина секогаш ѝ беше потребно повеќе време за да заспие. Во мислите ги разгледуваше проблемите на работа дента и ги планираше решенијата за следниот ден. Беше свесна дека навечер не може да реши ништо, и често си се лутеше самата на себе кога ќе видеше дека часот станал еден по полноќ. И таа вечер, како сите други, го прегледуваше својот живот. Но, се разбира, не мислеше како и обично на работа, туку на тоа патување на кое не сакаше да оди, а мораше. Се сети на последните зборови од имејлот што ѝ го прати Анна.

„Најпосле, ова таинствено наследство ќе доведе до нашата повторна средба и конечно, до твоето враќање дома.“

Последната реченица ја вознемири Марина. Мајорка не е мојот дом, си рече кога го прочита тоа. Тоа е местото во кое се родив и во кое поминав дел од детството. Каде што живееја моите родители и во кое сега остана само Анна. Не, тоа веќе не е мојот дом. Со тој остров не ме врзува ништо.

Бидејќи Марина немаше место што можеше да го нарече свое, немаше каде да се врати за Божиќ. Место каде што ќе остане да ги помине празничните денови обележани во календарите на нормалните семејства. Имаше пари за да купи куќа, тоа да. Но никогаш немала желба да поседува четири ѕида. Нејзиниот психолог, парафразирајќи автор чие име не го паметеше, еднаш ѝ рече: „Домот е местото во кое некој нè чека.“ Таа фраза ѝ се вртеше во мислите дење и ноќе. Родителите ѝ беа починати. Имаше далечни роднини со кои речиси не одржуваше контакт. И, нормално, тука беше нејзината постара сестра, Анна. Анна и тоа што ја опкружуваше, што ги оддалечи предолго време.

Таа отуѓеност кај Марина почна во пубертетот. Тргна на пат кога имаше четиринаесет години и сега, на четириесет и пет, сè уште беше на пат. Нејзината работа ја принудуваше да патува. Но зошто го бараше тој номадски живот? Постојано на друго место. Без желба да пушти корени. Каде е твојот дом, Марина? Кој те чека? Немањето одговор на тоа едноставно прашање ја вознемируваше. Со години го бараше вистинскиот одговор. По многу размислување, заклучи дека нејзиниот дом, нејзиниот вистински дом, е целиот свет покрај Матијас. Тој одговор си го даде себеси. Одговор што ја смири, и што беше точен, бидејќи на сите места на светот на кои одеа, колку и да беа мали, зафрлени или скриени, нивните жители секогаш ги пречекуваа со раширени раце.

И покрај тоа што најде солиден одговор, беше точно тоа дека немањето физичко место, онаа Итака што ја имаа нејзините пријатели, колегите од работа, и што, нормално, ја имаше Матијас во станот на неговите родители на бројот единаесет на улицата Бегманштрасе во берлинскиот кварт Кројцберг, понекогаш ѝ паѓаше навистина тешко.

Секако дека Марина можела да избере поконвенционален живот. Посигурен. Постабилен. Да остане на тоа парче земја опкружено со море што имаше сто километри од север до југ и седумдесет и осум од исток до запад. Ако се вратеше во Мајорка, можеби ќе беше мажена, како сестра ѝ, со едно од момчињата од Реал Клуб Наутико на Палма, како што ѝ предлагаше мајка ѝ. Или, можеби, како што сакаше татко ѝ, ќе работеше во својата професија во одделот за акушерство и гинекологија во Универзитетската болница Сон Дурета, во западниот реон на општината Палма.

Но, не. Се наоѓаше на седум илјади осумстотини четириесет и три километри од родното место, во пустината Данакил, во прегратката на човекот што го љубеше.

И натаму не можеше да заспие. Се сврте накај Матијас и го гледаше колку мирно спие. Беа многу различни, тој беше толку кавкаски тип, толку висок, толку крупен, толку Германец. Таа црномурна, со црна коса што ѝ паѓаше на грбот, ниска, силна, Шпанка. Му го милуваше образот обраснат со кафеава брада, секогаш неуредна. Му ја тргна косата што му паѓаше на лицето и нејзините прсти нежно му ја допреа мазната млада кожа околу очите. Додека го повторуваше тоа движење, помисли на ситните брчки што почнуваа да се создаваат околу нејзините очи. Тој имаше триесет и пет години. Таа ќе навршеше четириесет и шест во август. Таа помисла ја вознемири во текот на неколку секунди. Но веднаш ја отфрли. Со раката го обгрна околу половината и се почувствува спокојно и среќно затоа што го прегрнува тој човек, многу добар, десет години помлад од неа, што ја сакаше и ѝ се восхитуваше. Марина ги затвори очите и најпосле заспа. И тој, несвесно, ја привлече кон себе. Нејзиниот дом. Нејзината куќа.

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

Книгата е дел од проектот „ЕУрека“, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
ЗЕМЈА
Годинава, уметничката Бојана Артиновска Трпческа го реализира својот проект ЗЕМЈА, мултимедијален перформанс,...
Повеќе
0 replies on “Колач со лимон и афион”