Во август

Поминаа речиси седумнаесет години откако Даниела ја почувствува првата жештина, а летото неколкупати се сврте против неа.

Црвениот фустан ја стега, ѝ го истиснува воздухот. Бескомпромисно, небаре не ѝ треба воздух, небаре со секоја следна година го губи правото на мир да земе здив. Облеката што неодамна ја купи со мајка ѝ, на Даниела ѝ е веќе тесна. Материјалот не дозволува ни милиметар тело отповеќе.

Иако пред малку со нетрпение ја чекаше тортата, ја стави виљушката назад на масата. Мајка ѝ седи малку подалеку и Даниела чувствува дека ненападно ја следи. Повторно посегнува по приборот, но се повлекува назад. Бргу, наврапито, за да не го забележи никој нејзиното колебање.

− Е, па, добар апетит – изговори тетка Клара кога на чинија го стави последното парче од десертот. Неколку секунди подоцна седнува на масата помеѓу белите коси и почнува да ја слуша случката, која штотуку ја раскажува таткото на Даниела. На Даниела ѝ е јасно дека тоа е само привид. Дека тетката во реалноста нема да го следи татко ѝ, дека нестрпливо ќе се обѕира и ќе чека кој прв ќе ѝ ја пофали тортата.

И онака тоа е необичен вид забава, ѝ паѓа на ум на Даниела. Зошто некој би сакал да слави роденден вака? Со луѓе што не се разбираат. Со луѓе што само се преправаат дека разговараат. Тука се, затворени во минијатурната градина, и мораат да си зборуваат, иако не можат да најдат заеднички јазик.

Триесет и два степена е.

Задушливоста се вплеткува во косите, семејството ѕрнка со приборот. Тоа речиси изгледа како братучетките и братучедите, каде што седи Даниела, да се натпреваруваат во пантомима. Молчат додека се дават во смесата со какао и со полни усти ѝ праќаат на тетката сигнали со поглед дека тортата ѝ е добра.

− Ти нејќеш, Дани? – се зачу зад столот на Даниела. Мајка ѝ пред очите носи очила за сонце, иако е мрак. Уште две чаши и ќе одат дома.

− Не ми се јаде на топлово.

Секоја година се работи за тоа. Да дојдеш, да искажеш неколку навежбани реченици, да се молиш што поскоро да си одат дома. Веќе неколку години Даниела има иста улога, за која размислува два дена претходно. Во комуникацијата со блиските маневрира со внимателни зборови и со максимална концентрација. Доволно е едно зборче искажано со неправилен тон и веднаш разговорот трае подолго одошто на човек би му се зборувало. Без стратегија не може да мине ниту една прослава.

Даниела се обѕре кон зградата.

Би сакала да си чита.

Сите да ги истера надвор и да се стутка кај најблиското дрво со книга в раце.

Не затоа што би имала зачитано нешто особено интересно, туку поскоро зашто е навикната на читање. Текстот ѝ помага да ги среди мислите во моментите кога август стежнува, зајакнува. Во моментите како сега.

Ја гледа тортата пред себе. Размислува каков вкус има. Би можела да касне барем залче, и онака сите се нурнати во своите чинии и дискусија. На крајот, сепак посегнува по чашата сок и го тргнува погледот од закуската.

Во ранецот, близу до масата, го има сместено романот Оркански височини. Го зеде тајно, како што прави со секоја книга што ѝ припаѓа на мајка ѝ. Би го сметала ли тоа за зајмување или за кражба, кога би дознала за тоа?

Даниела го чита пред сè тоа што и мајка ѝ. Во недела – најчесто навечер – ја гледа во старата жолта фотелја. Преку рамената има префрлено ќебе, зад ушите пикнат прамен коса. Даниела тивко ја проучува корицата и во себе си го запишува називот. Кога мајка ѝ ќе ја дочита книгата, Даниела ја извлекува од библиотеката во дневната соба и се впушта во неа. Кога и да е сама дома, седнува во жолтата фотелја, си ја мести косата зад ушите и ја имитира положбата на мајка ѝ. Се труди да ја одгатне секоја мимика што би ја имала мајка ѝ при читањето. Стуткана во ќебето, проникнува во мајчината глава. Трага по тоа како е да се биде Јолана.

Пред Оркански височини, Даниела го читаше романот Морски прасиња. Веќе не памети кој го напишал, но имаше исто презиме како еден чешки глумец, чие име го слушаше на телевизија. Приказната беше кратка и здодевна. Главниот лик ѝ беше исклучително несимпатичен и секојпат кога Даниела се подготвуваше да ја чита книгата, почнуваше постепено да ѝ се стега утробата. Последната глава не ја ни дочита. Сепак, ноќе ѝ се случуваше по станот да ја бркаат џиновски морски прасиња и така процени дека сè има своја граница. Па и желбата да открие што чита мајка ѝ.

Сепак, Оркански височини ѝ е многу интересна.

Особено сега, кога е крај на август. Особено во жешките денови, кога Даниела завидуваше на малку дожд што ќе се појавеше меѓу литературните ликови. Сака со нив да се губи во кал, сака да ја следи врската меѓу Кетрин и Хитклиф, врската на двајцата луѓе кои се непристапни, но на Даниела, сепак, некако ѝ се блиски.

Одзади ја погали нечија рака.

− Каде е Јана?

Кога се врти кон татко си, забележува дека неговите очи – за разлика од мајчините – се провидни. Гледа што му се мота во главата.

− Не знам. Сега беше тука.

Не ѝ се бара. Денес не.

− Јас ја видов – се јавува братучетката што седи покрај Даниела. – Ѝ помагаше на мајка ти во кујната, но ѝ падна подавалник со чаши, па сега чисти таму.

Таткото не вели ништо и заминува назад кон масата на возрасните.

Изгледа дека се наближува бура.

На небото пловат темникави облаци и ненападно ги јадат светлите. Даниела станува од масата и тргнува накај куќичката.

Градината е стежната од полен и воздухот во неа виси неповижно, сонливо.

Не е првпат Јана на прослава да скрши нешто.

Или да турне.

Честопати се препнува од нешто, нешто уништува, истура, валка или посипува. Секогаш е грешка и секогаш кога се во посета кај некого. Додека дома е многу внимателна, кај други на гости целото семејство би сакало да ја замота во фолија со меурчиња.

Еднаш кај баба лошо го облече капутот, ѝ се смота ракавот и за да го исправи, ја скрши витрината со медалите на дедо. Мама вресна, подот го покрија парчиња стакло, од подлактницата на Јана почна да истекува тенка црвена нишка. По патот до дома во автомобилот ползеше непријатна тишина. Префрлувачка, обвинувачка тишина.

Даниела свртува зад аголот и гледа дека надворешната врата е отворена.

− Јана?

− Тука – се одѕива однатре. – Но не доаѓај да не нагазиш на нешто.

Даниела се провлекува меѓу стаклата, прескокнува неколку купчиња и се обѕира наоколу.

− Има тука уште некоја метла?

− Батали. Ќе средам сама – одговара Јана. Плетенката ѝ се одврзала и полурасплетените прамни сега се нишаат во воздухот. Јана собира ситни стаклени снегулки во лопатката. Сè уште нема ни шеснаесет години, но има двапати поголемо искуство со чистење од просечен возрасен човек, помислува Даниела.

− Зошто не ти помогна мама?

− Отиде некако претпазливо да ѝ каже на тета. Овие беа за свечени прилики.

Даниела во кујната се врти кон полицата со свечени чаши до кои како мали не смееја ниту да се приближат. Празна е. Почнува гласно да се смее.

− Добро си? – Јана ја погледнува.

− Не ги скрши намерно, нели? За тоа што ни бранеше да ги користиме.

− Видиш, тоа не ми падна на ум – се исклештува сестра ѝ – тоа би била многу поубава приказна.

Околните ѕидови ја зјапаат, небаре треба да го запаметат овој момент и подоцна да ѝ раскажат на тета за него. Во кујната виси арома на мирисливи свеќички и вкусен мирис на крем од јајца. Даниела ги здогледува подготвените печени теста и ја стегнува во желудникот.

− Покажи ми. Ќе го соберам остатокот. Сама надвор сигурно нема да седам.

Потоа обете се враќаат назад во градината и уште оддалеку се гледа како на тетка Клара ѝ се зацрвенило лицето. Над белите чаршафи се крева црвена кружница, која пребрзо трепка и има стегнати усни. До него свети помала, не толку исполнета и брзо искажува извинувачки зборови. Даниела ќе дочуе жал ми е, потоа ќе ти ги платам и на крајот ја знаеш, невозможна е. Решава да не им се приближува на тие реченици, а кога Јана ќе тргне во нивната насока, несвесно сопира.

− Извини, тето. Навистина ми е жал – слуша Даниела и подзамижува со очите. На масата покрај неа паѓаат првите капки, снежно-белиот материјал почнуваат да го покриваат влажни точки.

− Нема проблем, злато.

Сепак, сите знаат дека има. Дека меѓу мајка им и тетка им нешто се придвижува, дека двете возрасни жени ги премеруваат границите што пред години самите си ги поставиле.

− Секако веќе ќе одиме дома – ја затвора ситуацијата мајката на Даниела.

Тоа го прави само на површината, внатре под кожата – нејзината и на Клара – никогаш не е затворена. Напротив. Секоја пора од нивниот однос копнее по нова кавга, зборовна битка, недоразбирање, од кои би се нахраниле. Нивните сестрински клетки така живеат веќе четириесет и две години, од времето кога се родила Јолана, помладата од сестрите.

− Не одете си. Па девојките не ја дојадоа тортата.

− Мислам дека ќе го преживеат тоа.

− Тогаш, зошто ја правев?

Усните на тетка ми веќе не се толку стегнати. Се раздвижуваат. Се подготвуваат.

− Веќе мораме да одиме.

− Кога ги купував чинеа две илјади. Тогаш се продаваа во комплет. Денес веќе можат да се најдат само на парче и мислам дека би чинеле околу три илјади – вели тета и на крајот станува од столот за да се поздрави. Јолана наместува неутрален израз.

По патот кон возилото Даниела си го рекапитулира целото попладне во напор да открие колку испила мајка ѝ. Заминувањето се растегнува. Прво Јана ќе се сети дека во градината ги оставила очилата за сонце, а веднаш потоа мајка ѝ сфаќа дека нема чанта. Татко ѝ само молчејќи превртува очи.

− Тато – се одѕива Даниела од задното седиште по неколку минути чекање.

− Мм?

− Зошто постојано доаѓаме тука?

Татко ѝ си го протрива носот и во ретровизорот го насочува погледот некаде зад Даниела. Не доаѓа никаков одговор.

Зад прозорците се влечат црните линии на облаците. Во секој момент ќе се раскинат и сосема ќе се излеат надвор. Даниела ја набљудува полумртвата грмушка на теткината предна градина и помислува како е можно некој што светнува прибори и ги става своите чаши како во излог, кој на прослава во градината користи бели чаршафи и во вечерните часови прави десерти со какао, дека некој таков има пред куќата исушено растение.

На хаубата паѓаат капки со сè поголема сила. Потоа дотрчува Јана со очилата за сонце в рака. Уште кога влегува во автомобилот, Даниела гледа дека има зацрвенето рамо.

− Што ти се случи? – ја прашува сестра си. Гласно, за да слушне и таткото, нагласено за да го запамети овој момент во иднина. Дамката е ситна и ја потсеќа Даниела на боја на нагмечено јаболко.

Јана молчи, крева рамена, а Даниела наеднаш во устата ја сече сувиот јазик.

− Изгледа дека нешто те штипнало – одвраќа таткото и ја погалува Јана по коленото.

Од зад темните дрвја се појавува мајката, со брз чекор е насочена кон нив. Таткото стартува, ги пушта бришачите, а Даниела сфаќа дека ни дождот, по кој цел ден копнее, нема да ѝ понуди прегратка денес.

Капките дожд по целиот пат звучат како зборови.

Превод од чешки јазик: Маргарета Карајанова

Книгата е дел од проектот „ЕУрека“, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Автобусот
Пол Кирхнер (1952) е американски уметник и илустратор кој твори во разни...
Повеќе
0 replies on “Во август”