Песни за училиштето, првата љубов, мајката и за нешто посериозно :)

Избор на детска и младинска поезија, читана на „100 Илјади поети за промена“ 2013

Дел од стиховите прочитани за време на читањето организирано како една од програмските активности на третата по ред манифестација „100 Илјади поети за промена“ во Струмица. Песничките се дел од оние со кои се претставија за време на презентацијата на ова движење дел од учениците од ОУ „Маршал Тито“, Струмица, членови на библиотекарско-литературната секција. Секако, најдолу ќе прочитате и дел од песните нс средношколците.

1234616_731117123571834_1482488693_n

Моето училиште

Училиште мое,
втор дом мој!
Учениците се собрани,
како пчели во цел рој.

Учителите наши,
секој ден нè поучуваат,
како со книга и добар збор,
сè можат да нè научат.

Кој на училиште оди
со леснотија
животот свој
по добар пат ќе го води.

Училиштето треба да се чува,
а книгата пак да се негува.
Кој тоа го прави
секој секаде ќе го слави.

Андријана Полинцева, 8-а
ООУ „Маршал Тито“ –Струмица

Ќе се сетиш на мене

Ќе се сетиш на мене,
некогаш
кога на испотениот прозорец
ќе го прочиташ името мое.

Ќе се сетиш на мене,
некогаш
кога снегот ќе прозбори
за една зимска љубов што не се остварила..

Ќе се сетиш на мене,
некогаш,
кога ќе поминеш крај потокот од моите солзи
и ќе го чуеш мојот плач по тебе.

Можеби само така
ќе се сетиш на мене
и ќе знаеш дека вечно
ЌЕ ТЕ САКАМ ТЕБЕ!

Цеце Велкова, 8-б
ООУ „Маршал Тито“ -Струмица

Мила моја мамо!

Ти си сонце што ме грее,
ти си тоа што не можам да го кажам.
Ти си тоа што постои во моето срце,
ти си мојата прва љубов, МАМО.

Ти си моето најсакано нешто,
ја барам твојата топлина во твоето срце,
ја барам твојата топла прегратка,
ја барам твојата топла рака
за да ме погали нежно.

Ја чувствувам твојата болка,
кога не си до мене.
Те сакам, мила моја мамо!

Кристина Пефкева, 7-а
ООУ „Маршал Тито“ – Струмица

Песна за мојата мајка

Мајко мила, мајко драга,
ти си златен сончев сјај.
Нежна, добра,
вечно блага.

Како булка в месец мај,
како сонце што грее,
како славеј што пее,
е, тоа е мојата мајка.

Ѓердан од ѕвезди в ноќта што светат,
в часот штом силно грижи те мачат,
Мајко, тој украс нов
надеж ќе зрачи.

Јлдс Агушева, 7-а
ООУ „Маршал Тито“ – Струмица

Букет за мама

Букетот за мама,
полн е со ружи.
И во радоста сета,
веќе ѝ подари Цвета.

„Букет од лалиња!“
и веднаш сите навалија.
Но чекај, некој рече: „Букет за мама,
ама не изведувај никаква драма“.

Кети Стаменова, 7-а
ООУ „Маршал Тито“ – Струмица

Мајка

Мајката е како бајка,
расцутена црвена булка
што детето свое
со песни го заспива во лулка.

Мамичка е сонце што ме грее,
славеј најнежен што ми пее,
златни зраци таа насекаде лее.

Мамичка е извор што блика,
мамичка е најубава слика.

Марија Илиевска, 7-а
ООУ „Маршал Тито“ – Струмица

a13

Кучешко оро

Ме гризеш со своите ѓаволски очи,
додека ме галиш
со памучните шепи
начичкани страв и трепет.
Се фаќаш на моето оро
без да ги знаеш чекорите,
без да го знаеш ритамот
на танчаријата.
Се обидуваш да ги подигнеш
своите нозе обуени
во чевли oд телешка кожа,
одрана од нечија невина душа
со цел да заиграш на мојот двор.
Залудно, мил мој, залудно…
Играш, но залудно…
Играм и јас, играш и ти.
Јас чекорам, а ти остануваш
далеку зад мене,
зад женската интуиција.

Петранка Костадинова
СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш

И д и о т (ка)

Инерцијален инает кон тебе:
ме носи по височини, каде што полека умирам од паника.
Што бевме ако не две неухранети ега, две движечки
тела?
Држи се до онаа јас што ги знае сите тајни патеки,
не поднесувам кога не дишеш во мојот такт…
Јасно е.
Телесноста впива само потребна материја
и сонува за летање високо,
се вклопувам, речиси.

Уживам, понекогаш сама.
Се придвижувам бавно и доаѓам, движејќи се полека
знаејќи дека го оставам најмилото,
кое речиси го добив тркајќи се со времето.
Меѓу нас сè уште нашата неухранетост.
Би ја погодил ли мојата најиритирачка точка?

Ми годи некогаш погледот од твоето место.
Сум била овде и претходно, некогаш,
дали би останала засекогаш?
Се придвижувам од височина…
Доаѓам полека, без звуци од мојата спална.
Понекогаш ми е жал што не ги преспивам утрата.
Нулта гравитација ме тестира.
Може да биде и слатко паѓањето кога
би била посреќна, нецелосна.
Се плашев да не ме остави на четири нозе…
Одамна беше, јас и моето неухрането его.

Рајско предворје на пеколот

Дебатираме за планетите
за Бога
и за другите.
Ги испразнивме трезорите на градовите,
и моите
и твоите.
Ми се топиш низ металите
на копчињата
од фармерките.
Наместо да ги наполниме,
ние ги испразнивме –
резервоарите,
ги прегоревме моторите.
Но што ќе ни се?
И резервите во резервоарите
и златото на рударите
и Господ и другите?
Ние место бесплатно заградивме,
мало парче oд македонскиот дел од пеколот
зграбивме.
Ќе избегаме преку саваните
оладени од морето и коралите
опиени не од Тиквешко, туку од кристалите,
створени од вистините, не во виното, туку во зениците.

Глобално заладување

Океаните на нула степени
би биле едно и би било во ред.
Ледовите не би умирале топејќи се
а не би ни јас.

Орангутаните и крошните
би биле едно и би било во ред.
И би им се препуштала на нештата,
не би била толку чувствителна,
оо, не!

Европa и министрите на преговори во пеколите
би биле едно и би било во ред.
Не би зборувале за неа на вестите,
а не би ни јас.

Фудбалот и признаени во офсајд головите
би биле едно и би било во ред.
Не би губеле тимовите,
а не би ни јас.

Карминот, ноктите и обувките
кога секогаш би биле едно, би било во ред.
Не би брзале стрелките,
па не би ни јас.

Мирна Трпкова
СОУ „Никола Карев“ – Струмица

Прекршена теорија на релативитет

Го чекам автобустот
со излитен број
на пат без асфалт
над правта
и црно во очите
пред денот да пушти душа
на мојата дланка
по пијанка
во неодреден ден од годината.

На станица со месечината
цитираме липања од рустикални песни,
во тактот сместуваме уште по два броја
како дете родено со полидактилија.
Знаеш,
чудесните луѓе немаат друга работа.

Го чекам автобусот
со излитен број
и сега гледаме знамиња,
се веат над главите
на некои чудесни луѓе,

за нив не важи теоријата на релативитет,
а ни за мене, оти денес,
денот испушти душа на моите дланки.

Мануела Златкова
СОУ „Јане Сандански“ – Струмица

Тагови од објавата
, , , , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Финансиски проблеми
Колку тежи едно евро?
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *