ДОМА
Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?
Затоа што во Македонија пријатно се чувствувам, затоа што имам многу познајници и пријатели, затоа што ги сакам македонската храна и вино, затоа што ги сакам македонската изворна архитектура и градовите, особено Битола и Охрид, затоа што Македонците ме доживуваат како пријател, затоа што сакам да се шетам низ Скопје, да испијам кафе и жолта со драгите луѓе, затоа што Македонија ме опушта и затоа што ми прирасна за срцето по триесетгодишното дружење…
ШЕТАМ
Кое место е најубаво?
Тешко прашање, тоа е работа на вкус и на доживување. Мене отсекогаш ме привлекувала Битола, го сакам нејзиното корзо, кафулињата, околината; ја имам посетено трипати и секогаш ми беше многу убаво и пријатно. Како да сум дома во Риека или на Корчула.
ХРАНА
Од храна секогаш нарачувам…?
Храната е фантастична, преферирам зеленчук, сирења и салати, но немам ништо и против месо или пастрмка.
УМЕТНОСТ
Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…
Охрид како заокружена уметничка слика со своите манастири, икони, фрески… кои потсетуваат на големите учители на македонскиот народ, Климент и Наум.
АВАНТУРА
Највозбудливата случка во Македонија…
Првата средба со првиот македонски претседател, Киро Глигоров.
ЛУЃЕ
Се дружам со…
Главно со луѓе од академските, од уметничките и од политичките кругови, иако најубаво ми е на пазар, каде што уживам во купувањето или во разгледувањето и во разговорот со луѓето што таму заработуваат за живот.
СЕПАК
Што би сменил во Македонија?
Тоа ви го препуштам вам младите, вие тоа го знаете подобро од мене.
САМО
Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?
Охридскиот бисер.