Кон филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски

Добивајќи ја задачата да напишам есеј за филмот на режисерот Милчо Манчевски, се двоумев околу почетокот. Дали да го започнам есејот со она што го кажуваат големите филмски критичари за филмот „Врба“ или со она што самиот Манчевски го кажува за неговиот шести по ред игран филм? Или, пак, со она што мене ми беше желба кога, некаде во октомври 2018 година, слушнав дека Манчевски започнал да го снима новиот филм – да биде барем малку како „Пред дождот“. Сакав да биде како него, за да можам повторно преку камерата на Манчевски да ги видам фантастичните македонски предели, преку неговото сурово прикажување на нашето секојдневие повторно да се соочам со нашата сурова реалност и да ја прифатам, зашто сепак – наша е.

Морам да признаам дека насловот „Врба“ ме натера да мислам дека ќе има многу тага во филмот, бидејќи врбата секогаш ми е асоцијација за тага, за жал. Можеби затоа што секогаш кога во основно училиште цртавме дрвја, таа беше жална врба. Манчевски го нарекол филмот „Врба“, воден од нашата митологија и верувањето дека таа е симбол на плодноста и издржливоста. Па, кога ќе ги поврзам мојата асоцијација и асоцијацијата на режисерот, добивам одличен спој и ќе речам дека „Врба“ е филм испреплетен со љубов и тага, зачинет со прашокот на филмската магија на Милчо Манчевски. Тоа е една прекрасна приказна за која критичарите велат дека е меѓу најинтересните раскажани на филмското платно во 2019 година.

Во „Врба“ се раскажуваат приказни за три жени. Првата, Донка, е селанка која живее во некоја македонска пустелија во 17 век. Втората и третата, Родна и Катерина, се сестри, би рекле наши сограѓанки, жени на 21 век, кои го имаат истиот проблем како жените од средновековието, но и од сите други векови – неможноста да станат мајки.

Филмот го започнува Донка (Сара Климоска), млада девојка, жена, која е заљубена во Милан (Никола Ристески), иако знае дека тоа е забранета љубов. Заминува бегалка за него, испратена со клетва од татко ѝ, поп Аврам: „Камен да родиш!“ Пет години Донка бара начин да остане трудна. Сака да биде мајка, но сака да му ја исполни и желбата на Милан, кој едно утро ќе ѝ рече: „Сакам деца низ куќи да ми трчат. На свадба да им играм.“ Младата жена прави сè што ќе ѝ речат постарите: се валка по земја, јаде три зрна град, по старото верување врти околу камен со конец и се провира под него. Молитвата в црква, пред иконата на Богородица, секогаш е иста – да има дете. „Ја да стареја, да грдеа, да го гледа“ – ќе рече. На крај, душата му ја продава на ѓаволот, олицетворен во баба Сребра (Ратка Радмановиќ), вештерка, бајачка, која ветува дека Донка ќе има пород, ама мора првото дете да ѝ го даде неа, за тоа да ја гледа, да ја закопа. И започнува магијата со магиските зборови: „Ко водата брзо шо течи, така детето брзо да се фати.“ Се раѓа Кузман, кој станува најголема радост за Донка и Милан. Но, доаѓа бајачката да си го земе таксаното, а Милан ја убива, не можејќи да поднесе да му го земат најмилото. Останатото е само чекање да се случи неизбежното. Сребра сепак ќе го земе она што ѝ беше ветено.

Втората приказна во „Врба“ е приказната на Родна (Наталија Теодосиева), која во една скопска дождлива вечер ќе го запознае таксистот Бранко (Ненад Нацев) и веднаш ќе му го постави клучното прашање: „Умееш ли ти да сакаш?“ И, како што може да се очекува – се раѓа љубов и повторно тага. Родна е јалова, не може да му роди дете на Бранко. И ако во првата приказна клучот за зачнување се бараше во верувањата, баењата, магиите, тука, во 21 век, имаме сосема нова терминологија. Се зборува за оплодување ин витро, јајчници кои биле мрзеливи, операции. Сето тоа Манчевски го зачинува со неговото немилосрдно прикажување на средината – гужвите по сообраќајниците, питачите на семафорите, брзината со која се одвиваат работите, што секако е одлика на времето во кое живее Родна. По години поминати во неизвесност по болниците, што освен пари чини и нерви, се зачнуваат близнаци, но кај едниот фетус се забележуваат аномалии. Родна решава да го отстрани и покрај противењето на Бранко. „Моја матка – мои правила“ е нејзиниот став и тоа ќе значи крај на бракот. Операцијата не поминува како што очекуваше. И двата фетуса се загубени.

Приказната на Катерина (Камка Тоциновски), третата жена во „Врба“, инаку сестра на Родна, ни прикажува еден поинаков женски карактер. Катерина не сака да минува по патот на Родна, ниту на Донка. Таа излезот од неможноста да има свое родено дете ќе го најде во посвојувањето на Кире (Петар Царановиќ), момче од дом за деца без родители. Но, проблеми повторно има. Кире, од причини кои само тој ги знае, не разговара со никого, па сите мислат дека тој е аутистичен. Катерина не се откажува од него. Љубовта која таа му ја дава ја забележува неговото другарче, кое ќе му рече: „Можи не ти е вистинска мајка, ама многу те сака.“ И Кире го чувствува тоа, па гледајќи ги солзите на Катерина, која избезумена неколку часа го бара низ скопскиот метеж, мислејќи дека загинал, без двоумење ќе ја праша: „Мамо, зошто плачеш?“ И тогаш ти иде и ти да заплачеш, ама од среќа. Всушност, Катерина „е среќниот крај на овој драматичен еп, како што ќе го нарече италијанската критика овој филм“ (Џаровска). Приказната на Катерина е всушност она што ни останува во главата по завршувањето на „Врба“ – мислата дека жената секогаш е мајка, без оглед дали детето е нејзина крв или не.

Би рекла дека Милчо Манчевски со „Врба“ ги оправда моите очекувања. Во првиот дел од филмот, благодарение на неговата умешност да го забележи она што другите не го гледаат, повторно ми овозможи да ги видам мариовските предели, кои секогаш ме оставаат без здив. Пејзажите на мариовските села Штавица, Дуње и Зовиќ, особено мостот кај Зовиќ и карпестото корито на Градешка Река, едноставно ме прават горда што тоа е мој крај, на кој сега му се воодушевуваат и љубителите на филмот ширум светот. Музиката, направена од Кирил Џајковски, само ја дополнува атмосферата – мистична, носталгична. Едноставно нè враќа назад во времето. За тоа придонесува и јазикот, дијалектот на кој зборуваат ликовите од првиот дел од филмот, Донка и Милан („Татко ми се губит, ко свеќа догорвит“). Тука се, секако, и адетите (кршење стомна на гробот на мртовецот), обичаите, народните верувања (вртење со конец околу каменот за кој веруваат дека придонесува за плодноста на жената), носијата… Сè е во функција на идејата гледачот да се соживее со светот кој му се прикажува, да го види тешкиот живот на македонскиот селанец во 17 век. Кинематограферот, Унгарецот Тамаш Добош, преку објективот на камерата и нас ќе нè однесе на летна жетва, па ќе ги видиме и капките пот на лицата на жетварите, ќе ги слушнеме и штурците во полето. Но, исто така, ќе нè прошета и низ градскиот метеж, ќе ја слушнеме и секојдневната врева по улиците. Секако, многу повеќе ми се допадна тишината во првиот дел од филмот.

Во текст објавен на Република.мк, режисерот Милчо Манчевски кажува дека има машка и женска верзија на филмот. Телевизиската премиера на МРТВ на 29.3.2020 година сигурно беше женската, но и тука беше видлива машката страна. Мажот секаде е прикажан како заштитник на семејството (во првата приказна Милан ја убива старицата за да го зачува синот), мажот е оној кој обезбедува егзистенција за жената и децата (Бранко во втората приказна цело време работи, позајмува пари за да ѝ обезбеди лекување на Родна), но сепак е и нежен сопруг и внимателен татко (во третата приказна таткото му подарува играчка на Кире). Но сепак, жената е таа која доминира во „Врба“. Манчевски ни претставува неколку женски карактери и преку нив ни ја претставува типичната македонска жена.

Познати филмски критичари во реномирани филмски списанија даваат одлични критики за филмот „Врба“. Во текстот „‘Врба’ е меѓу топ-филмовите на годината, Манчевски спореден со Бергман во рецензиите по светската премиера“, објавен на порталот „Сакам да кажам“, се пренесуваат дел од нив. Италијанскиот „Чинематографе“ (Cinematographe) пишува: „Едно од оние дела кои е невозможно да минат незабележано, еден од најинтересните филмови на Римскиот фестивал и воопшто на 2019.“ „Осбуримувис“ (Asburymovies) смета дека режисерскиот поглед на Манчевски е поуниверзален и посеопфатен: „Милчо Манчевски се враќа, неговиот поглед станал поуниверзален и посѐопфатен.“ Европскиот филмски портал „Синеуропа“ (Cineuropa) го дефинира филмот како раскошен и комплексно комичен: „Манчевски, мајсторски ги вткајува во едно нишките на трите приказни, со повторување на мотиви и мали ишарети, кои гледачот може да ги толкува како што милува. Визуелно ова е раскошен филм… комплексно комичен.“ Манчевски, пак, за својот филм ќе рече: „Никогаш не постои само историски, ниту само љубовен или само политички филм. Ако е добар филмот, или ако е добар романот, тогаш тоа се повеќе работи во исто време… ‘Врба’ е филм кој долго го чував во себе…“ (Фемина.мк).

Јас не сум критичар, само гледач. Не ги знам критериумите според кои еден филм се оценува како еден од најдобрите, но штом го оценуваат така, не гледам причина зошто да не им верувам. Тоа се луѓе кои имаат далеку поголеми познавања за филмот од мене. Мене, искрено, најмногу ми се допадна првата приказна, за Донка. Веројатно затоа што одлично ми го претстави минатото. Приказната за Родна ми го задржа вниманието поради нејзината ведрина, а онаа на Катерина ми донесе олеснување на крајот. Позитивна енергија блесна во последните филмски кадри и се пренесе на сите нас. Зашто ете, според Манчевски, врбата и не е секогаш жална.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Сара Груеска
Кон „Расипаниот часовник“ од Ѓорѓи Крстевски
Во време кога сите брзаат некаде, кога ретко наоѓаат време за себе,...
Повеќе
0 replies on “Кон филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски”