Auricularia auricula- judae
Во недела,
кога Лилена шетала,
во печурка ленена ливада метела,
во печурка ленена ливада исчезнала.
Во недела
кога Лилена шетала
во печурка боса на
ливада метела,
во печурка косена
ливада будност заборавила.
Во недела,
Ружана ружа берела
и од рака Ружина ружа избегала,
како од Ружина рака ружа да крварела,
од Ружина рака ружа да побелела.
Во недела,
и Кали од калта камен калемела,
и Срча од оса во сон се боцнала,
во недела,
Лилена од ливада исчезнала,
во недела,
Лилена од дома побегнала.
Во недела, неделно
како и секогаш подоцна веста ја добила,
како и секогаш подоцна врата затворила.
Како и секогаш оган за млеко запалила,
како и секогаш, само подоцна во ливада се упатила.
Но во недела млекото никогаш не зоврива,
во недела со прстот во каменот се пропаѓа
и на сестра ти мажот ти се допаѓа,
а на сестра ти, Лилена и’ се мети во ливада.
Во недела Лилена во ливада отишла,
во недела Лилена во ливада останала.
Во недела, Ружана од ружа крвава се вратила,
во недела, Ружана ружа длабоко во камен
засекогаш закопала.
Digitalis purpurea
Целофанот
може цел да те покрие.
Затоа му е и името варијација-
целолага,
целотага,
целоубиство…
Што сакаш
да покриеш од себе?
Целолезбејство?
Твоето прво неверство
подарено во целофанче.
А зошто ме избегнуваш?
Зошто не сакаш да ме слушаш
додека ги имитирам звуците
на птиците кои надвор така гласно пееле
кога татко ти така тивко мајка ти ја изневерил
или оние од електрокардиографот кога срцето на дедо ти престанало поради апчето кое го… заборавил.
Затоа пак целулозата од дигиталисот
ја искористи баба ти
да ти праќа ручек
кога си бил на студии во Амстердам
или Љубљана
или Лондон
или Копер
или Берлин
или Скопје, на студии во Скопје.
Си студирал во Скопје?
Си се ебел во Скопје?
А, си изневерил во Скопје?
Не…? А во Битола?
Си живеел во Битола?
Си изневерил во Битола?
Си криел тајни во Битола?
Си купувал целофан во Битола?
Јас сум обвиткувал неколку случајности во целофан,
а ти?
Јадењето од баба ти?
Неверството на мајка ти?
Ракот на сестра ти?
Девојката на тетка ти?
Пушката на дедо ти?
А со која рака ја држеше кога го пукаше?
Твојата?
Неговата?
Неговата на твојата?
Твојата на својата?
Својата подарена?
Својата украдена?
Својата позајмена?
Својата покриена
во целофан.
Целофанче.
Целоапче.
Целоврапче.
Целостанче.
Целофанче.
Целостанче.
Целоапче.
За Целоалцхајмерче.
За Целоканцерче.
За Целокрајче од целофанче.
Целопола.
Целоцело.
Полацело.
Покриено смело.
Јас се кријам смело.
Јас се кријам бесрамно.
А те молам да те покријам.
Не бидејќи е срамно
да изневериш,
да лажеш,
да кажеш
кога лажеш,
туку е срамно
да знаат
дека користиш пластика
кога постои биоразградлив,
ниско-пермеабилен
целофан.
Договор меѓу просторот и сопствениците.
Некаде
каде простор без дочек во мене постои,
каде куќа од глина навалено стои
и го краде вниманието од патот
кој од далечината извира,
од каде што Сонцето непреќинато заоѓа.
Таму
две патнички,
едната со бурка
другата со слава
потскокнувајќи дојдоа
и тропнаа
и…тишина.
Во тишината тропнаа!
Тие… во тишината звук испуштија?!
Ќе го разбудат молкот,
да го погубат.
Ќе го разбудат домарот,
да го убијат.
Тропнаа
и… звук?
Тогаш молкот поспан од тишината форма кон звукот испрати
“Кој е”?
Кој е?
Кој е, кој е, кој е, кој е, кој е, кој е, кој
Е
Таа
И
Таа
Е
“Техна
и
Епистема
Се.
Дојдоа
да те убијат
и да те пак оживеат”
Кој е, кој е, кој е, кој е, кој е,
Кој
Да
Убијат?
Ме
Не
.
И… ме убија.
Си седнаа да одморат.
Едната си ја симна бурката,
другата си ја симна славата
и… одмарајќи форма од звукот одземаа.
Епистема и Техна
замолчеа.
Тие, во мене молкот го оживеаја.
Се качија по скалите од глина
кои водат кон навалената врата од сплина,
кон креветот каде што молкот непреќинато заспива
и каде што звукот никогаш форма не добива
и… заспаа.
Тогаш,
(читај од почеток)
