„КРУНСКИ ПАНАГОН“ – КНИГА ЗА ЧУДЕСНОТО И ОЧУДУВАЧКОТО

Промотивен текст, 22.9.2026 г., Скопје

Почнувајќи ја вечерта со расказот „Шах-мат“, му благодариме на Нино Леви за прочитот и на Горан Тренчовски за изборот, за одлуката веднаш да нѐ матира, преплавувајќи нѐ со драмски мотиви и ликови. Но, дури и да не ги препознаеме асоцијациите со некои светски театарско-филмски остварувања, тоа не ни пречи да го следиме дејството во овој и во сите други раскази собрани во книгата „Крунски панагон“ и да уживаме во нив. Зашто кинематографските теми произлегуваат од животот, исто како и книжевните. И театарот и филмот ги поставуваат вечните прашања – смислата на постоењето, смртта и копнежот по вечен и осмислен живот, љубовта и омразата, семејните односи, моралните дилеми и насоки, болестите и лудилото, и ментално и општествено…

Кинематографскиот интерес на Горан Тренчовски произлегува од неговиот позив, од дарбата со којашто се родил и што ја развива со своето школување и дејствување. Дипломирал режија на Уметничката академија во Нови Сад во 1991 година, бил на стручна специјализација во Прага, а докторирал на темата „Интермедијалните верификации на романите Црвениот коњ од Ташко Георгиевски и Нежниот варвар од Бохумил Храбал“. Режирал повеќе филмски, телевизиски и театарски проекти. Предавач е и професионален соработник во академски програми од областа на културата, уметноста и образованието. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Европската филмска академија и на Британската асоцијација за компаративна литература. Во октомври 2018 г. неговиот игран филм „Златна петорка“ ја доби наградата за најдобар странски филм на меѓународниот филмски фестивал во Кардиф, Велс, и оттогаш живее и работи на релацијата Македонија – Велика Британија.

Горан Тренчовски најмногу го знаеме како основач и уметнички директор на филмскиот фестивал „Астерфест“ и како режисер на филмот „Златна петорка“ од 2016 г., за петтемина струмички студенти стрелани на 13 август 1951 г., на кои им го посветува расказот „Славната петорка“ во книгава што вечерва ја промовираме, а ги споменува и во расказот „Ангелска пошта“. Исто така, треба да се знае дека тој ја режираше првата македонска урбана играна серија „Бумбари“, како и „Вампирџија“ – првиот македонски игран ТВ-филм снимен со дигитална техника.

Но Горан е исто така и автор на десетина книги со есеи и студии, меѓу кои се „Поетика на (де)тронизацијата“, „Парс про тото“, „Кино неимар“, „Тези и аскези“, како и „Живот во ролни“, која во 2024 г. беше во најтесна конкуренција за наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика или есеистика на Друштвото на писатели на Македонија. Има напишано и две драми и неколку сценарија, а минатата година приреди едно издание кое е мошне значајно за нашата книжевност и воопшто за македонската културна меморија – „Кинестетични раскази“: антологија на македонскиот кинестетичен расказ по повод 75 г. од екранизирањето: 1950–2025.

Нишката на препознавањето

„Крунски панагон“ е составена од 22 кратки расказа, колку што има глави во „Апокалипсата“ и букви во хебрејската азбука, како што луцидно открива самиот автор во белешката на крајот од книгата. Тој ни појаснува: „Сите тие прози се инспирирани од моите долгогодишни аскетски средби и допири со драмската и филмската уметност и со хуманистиката. Нив ги поврзува нишката на препознавањата, а ги запечатува природната патина на спомените“. Според него, повеќето се сосема свежи и нови, во неколку се навраќа на познати и непознати мотиви, а некои се започнати пред околу триесетина години и се завршени сега. Меѓутоа, за нас како читатели, сите 22 расказа се исклучително свежи и нови, возбудливо раскажани, со богата кинестетична атмосфера. Колку и да се проникнати со светски кинематографски ликови, теми и дилеми, тие изобилуваат со наши, македонски мотиви, со легенди, преданија и историски факти. Во нив ќе ја сретнеме приказната за несреќната љубов на Струма и нејзиното предавство кон татко ѝ, кој ќе ја проколне земјата деветпати да ја исфрла од гробот. Ќе наидеме на легендата за настанувањето на Дојранското Езеро, како и на императорот Јулијан Отпадникот, кој наредува да им се отсечат главите на петнаесетмина христијански маченици. Како во секое големо книжевно дело, во оваа книга ќе најдеме и расправа за просторот и времето, за парадоксите, за случајностите и црните дупки, за измешаноста на времињата и за истовременоста на настаните од различни периоди, за релативитетот итн. А ќе посведочиме и дамнешни и сегашни настани и ситуации, како и несекојдневни средби со значајни луѓе. За една таква средба зборува и расказот „Вацлав и јас“ – кога еден струмичанец, и тоа првиот струмичанец професионален режисер со диплома за високо академско образование, се среќава со огнениот водач на Прашката есен, со прославениот Вацлав Хавел, како со колега драматург – каква чудесна средба за паметење!

Оваа книга, како дело на еден струмичанец, е недвојбено и своевиден албум на струмичкиот дух, на многу настани, легенди и личности поврзани со неговиот роден град. Од Астраион, преку Тивериопол и Уструмџа, до своето денешно име, Струмица не е само обичен географски простор, ами е град со богата култура и историја, лулка на астер-глобализмот, правецот што се надоврзува на планетаризмот на струмичкиот, а светски уметник Киро Урдин. Како што читаме во расказот „Астер-глобализам“: „Градот Астраион со неговите добронамерници бил непресушен вруток на една животна уметност која се испишува во меморијата на глобалниот, а сепак наш свет“. И уште: „Целиот струмички град – отворена сцена. Град-театар. Киноград. Град со кинематички импулс.“¹

¹ Горан Тренчовски. Крунски панагон. Скопје: Антолог, 2022, 14.

Да не бидеме желки што си ги кријат главите во оклопите

Расказот „Вацлав и јас“, што пред малку го споменавме, завршува со реченицата: „Судот на времето ќе одлучи што било погрешно и дали сме биле на вистинската страна.“ Тоа е, всушност, едно од многуте прашања што авторот ни ги поставува во својата книга, терајќи нѐ на постојано преиспитување. Читајќи ја, се потсетуваме дека нема награда за тешката борба за егзистенција и остануваме со горчливото сознание дека некако сме скршнале од животниот и историскиот пат, па наместо кралски да живееме, сме завршиле на отпадот на заборавените и отфрлените. „Дали земјата е местото каде што соништата на уметникот и воопшто на човекот се исполнуваат?“ – прашува авторот. Зошто љубовта многу често е неостварлива, а злото изгледа непобедливо во овој свет? Кој го посеа семето на раздорот, каде исчезнуваат убавината и смислата кога Бог го има создадено човекот да го љуби ближниот како себеси? Како ли дозволивме да тонеме во темнината и зошто станавме жртви на судбината, заборавајќи на Бога? А треба да се потсетиме дека Бог секое утро ни нуди нова можност за почеток, за излез од безизлезот во кој сѐ повеќе застрануваме.

Расказите од „Крунски панагон“ нѐ поттикнуваат да бидеме помалку како желки што си ги кријат главите во оклопите, а повеќе како Орфеј, храбро и со песна да им погледнеме во очи на проблемите и на насилствата, да се осмелиме да ги скршиме забраните и повторно да погледнеме во себе, во тој свет храм кој постепено се претворил во невидливо и недостапно место. Да не бидеме чираци во сопствената земја и емигранти од татковината, како во расказот „Пит(ер)“.

Од Мерилин Монро до Дојрана

Во „Крунски панагон“ среќаваме цела галерија ликови: Шлемил и Мерлин Монро, Антонен Арто, Шекспир и Хамлет, Брехт, Ибзен, Бекет, Ниче и Достоевски, Вагнер, Кафка и Чарли Чаплин, Колумбо, Ајнштајн, фараонот Зосер и многу други светски драматурзи, уметници, владетели и научници, но исто така и Силјан Штркот, Струма и Дојрана, Живко Чинго, Венко Андоновски, Данило Коцевски, Коле Чашуле, Блаже Конески итн. Низ страниците Горан Тренчовски нѐ шета од Охридското Езеро до египетските пустини и пирамиди, од Струмица до Прага, од Царевите Кули до Ѕидот на плачот, од подземјето од кое Орфеј нема да успее да ја извади љубената Евридика до настанувањето на Дојранското Езеро. Во последниот расказ „ХРОНОЛОГИЈА 555 години по Албертиевата шифра“ наидуваме дури на цела хронологија на светски значајни откритија и настани.

За македонскиот читател особено интригантни се повикувањата на нашето секојдневие, на минатото и на она што ни се случува во последните неколку децении, за што наидуваме на назнаки на многу страници, најчесто искажани со горчина во грлото или преку сатира: „оазите на мирот“, сеопштиот и претеран страв од тероризмот, вечните кризни состојби во кои се наоѓа хомо балканикус, соочен со нечии „налози за бришење на минатото“ (стр. 61). Во стилот на Живко Чинго, во „Познолетни денови“ читаме: „Тие беа последните мирни години пред почетокот на нова Балканска војна, кога веќе со сигурност престана да дува јужниот ветер, по што земјата ја поделија истите што многу бргу ја опљачкаа и опустошија. / Медот и сончевината беа минато, а иднината стана горчлива и мрачна.“ (стр. 18)

На такво навраќање наидуваме уште во првиот расказ „Медалјон“, кога од описот на круната на чудесната жена од Шведска, дејството одеднаш се преселува во нашите простори: „Турскиот паша на една од неговите најубави моми робинки по име Дојрана ѝ беше подарил скапоцен медалјон, за да ја примами да спие со него. Момата, пак, со омраза кон господарот и од срам пред другите, за навек потонува во водата, којашто во знак на сеќавање на неа, денес се вика Дојранско Езеро.“ И во знакот на чудесното, тој медалјон, тој крунски панагон, на крајот ќе се најде во рацете на нашиот автор, откако неговиот Учител ќе го отпрета од скаменетиот брег на Дојранско Езеро.

Чудесното и очудувачкото се присутни во сите раскази од „Крунски панагон“. Во нив се преплетуваат ликовите и времињата, кои на моменти протекуваат од едно во друго и течат напоредно, носејќи нѐ во некои нови, непознати светови. Низ своите стотина страници оваа волшебна книга нѐ прошетува низ целата човечка историја, низ цели два милениума – и тегобни и чудесни, и мрачни и светли и просветителски, и загледани во ѕвездите и потонати во пеколот. Сѐ е тука на показ – кажано со малку зборови, но со магични асоцијации и врски што ги испреплетуваат вековите, настаните, ликовите. Тоа е вистински подвиг што можат да го направат само ретки поединци кои со раѓањето се допрени од Бога, кои со својот творечки гениј се трудат да го разубават светот и да го направат подобро место за живеење за сите нас. А како што обично се случува, надарените луѓе, вистинските творци, се најчесто едноставни и скромни, не трчаат по пофалби и награди, туку тивко и трпеливо работат, градејќи го својот творечки универзум од кој несебично фрлаат светлинки во нашиот свет. Ти благодарам за тие светлинки, драг Горан, и посакувам нивниот извор во тебе никогаш да не пресуши.

Тагови од објавата
More from Виолета Танчева-Златева
5 песни
Патот // Заминување // Замини // Во потрага по дома // Се...
Повеќе
0 replies on “„КРУНСКИ ПАНАГОН“ – КНИГА ЗА ЧУДЕСНОТО И ОЧУДУВАЧКОТО”