Ѓурѓовденскиот обреден комплекс и култот на плодноста

Врз основа на обичајната пракса која се изведува на поважните празници од христијанскиот/народниот календар, може да се реконструираат некогашните пагански култови кои лежат во нивната основа.

967488_602694913082991_71916746_n

Врз основа на обичајната пракса која се изведува на поважните празници од христијанскиот/народниот календар, може да се реконструираат некогашните пагански култови кои лежат во нивната основа. Наспроти познатата христијанска интерпретација за празникот Ѓурѓовден којашто се врзува за хагиографијата на светецот Ѓорѓи Кападокиски, обредните дејства прикрепени за овој празник (берењето билки, запотнувањето и опашувањето со зеленило, обредното тркалање по младото жито или по роса, обредното капење во реките и сл.) сведочат дека се работи за голем пагански празник во чест на обновата на вегетацијата. Повеќе од очигледно е дека обичајната пракса која се изведува на Ѓурѓовден нема никаква врска со она што го раскажува хагиографијата за светецот Ѓорѓи: во неговиот животопис се кажува дека бил висок римски великодостојственик кој бил погубен во времето на Диоклецијан во 303. година (на 23 април по стариот/јулијанскиот календар, или на 6 мај по реформираниот/грегоријанскиот календар) поради тоа што не сакал да се откаже од христијанската вера. Треба да се има предвид фактот дека култот кон овој светител се развил во V-от век, а во Рим бил потврден од страна на папата дури во 684-та год, и тоа по претходните отпори и „превирања“, кога папата Гелазиј во 496-та год. го прогласил неговиот животопис за апокрифен, а на Вториот ватикански совет за малку можел да биде исфрлен од римо-католичкиот календар поради „историска незаснованост“, но поради огромната популарност на ова народно празнување и неговата жилава вкоренетост кај народот, ги преживеал сите обиди за негација и искоренување.

George_killing_the_dragon_-_Struga
Свети Ѓорѓи ја убива ламјата, икона од Струга

Во прилог на древноста на овој празник, говори и фактот дека во животописот на Св. Ѓорѓи, најпрво воопшто не се споменувала легендата за неговата борба со ламјата – познатиот мотив Св. Ѓорѓи ја убива ламјата кој доживеал бројни поетски и прозни обработки, засведочен на фреските на кои светецот е прикажан како коњаник кој со копје ја пронижува ламјата (иконографија позната и од иконата во црквата „Свети Ѓорѓи во Струга). Се работи за култна легенда која ја варира универзалната и широко распространета митологема за јунакот/светецот кој го убива змијоликото чудовиште/ламјата коешто ги сопрело водите: ламјата бара жртва (девојка/девица) за повторно да ја пушти водата, а „змејоборецот“ убивајќи ја ламјата не само што ја ослободува девојката, туку ги ослободува и водите (истата митологема ја среќаваме и во митот за Персеј кој доаѓајќи во Етиопија на брегот на Црвеното море ја спасува Андромеда која требала да му биде жртвувана на од змејот, или борбата на Херакле со морското чудовиште за да ја спаси Хесиона која врзана за карпа на брегот, требала да му биде жртвувана на „управителот на водите“). Истражувачите сметаат дека оваа култна легенда најверојатно настанала некаде на исток (во легендата се споменуваат конкретни градови и локалитети, како Ширин-град кој упатува на градот Цирена во денешна Либија, а Владимир Проп тврди дека оваа „епизода“ е типична за аграрната концепција за принесувањето „девствена жртва“ на митскиот господар на водите – обред кој коинцидира со раното земјоделие кај народите кои живееле во долината на реките: Нил, Тигар, Еуфрат, Ганг и други народи кај кои аграрниот домен целосно зависел од водениот баланс. Во нашиот ареал, оваа легенда се врзува за Тројанград (локалитет кој се дешифрира како средновековен град лоциран во централна Србија), а рускиот научник Хиљфердинг оставил драгоцен запис според кој секоја година на Ѓурѓовден, христијаните и муслиманите од околината на Рашка, заедно доаѓале на езерото под Тројанград, каде му принесувале жртва на св. Ѓорѓи (колеле овен, неговата крв ја излевале во езерото, по што следувала колективна гозба). Самиот факт што во обредот заедно учествувале и христијаните и муслиманите, говори во прилог на тезата дека се работи за древен пагански празник. На истиот начин, Ѓурѓовден и денес, покрај христијаните го слават и „иноверците“ – особено Ромите, за кои Ѓурѓовден/Едерлези е најголемиот празник во годината (сосема е разбирливо што Ромите како номади, со посебен пиетет се однесувале кон овој празник кој го означувал прекинот на зимувањето во текот на зимското полугодие, и покренувањето на „чергите“ што го најавува повторното тргнување на пат), или пак Суфите кај кои овој празник е познат како Хидрилези (Рози-Хидр или Хидр-Елез). Очигледно е дека Ѓурѓовден не е само христијански празник, во прашање е општо (заедничко) паганско обредно јадро во кое се споени повеќе старобалкански и староевропски претхристијански култови, а новата христијанска интерпретација само се накалемила на старата паганска прослава (при што стариот и новиот ритус застанале еден покрај друг, во духот на специфичниот паганско-христијански синкретизам).

Во поетските верзии на култната легенда „Свети Ѓорѓи ја убива ламјата“, засведочени во македонската народна традиција (религиозно-легендарните песни во зборникот на Миладиновци), се разоткриваат траги од соларен мит (во секвенцата во која победувајќи ја ламјата, светецот ќе ја клоцне во „клетото срце“ и таа ќе ги исплука триста и шеесетте проголтани моми – само навидум се работи за бесмислена хиперболизација, а всушност во прашање е соларна митологема: проголтаните девојки одговараат на 365-те денови од новата соларна година, што ја афирмира познатата легенда како соларен мит – мит за сончевиот воин кој ослободувајќи ги водите, го ослободува и Сонцето, проголтано од митското чудовиште.

911719_602694916416324_744734888_n

Во народниот календар, Ѓурѓовден ја означува границата помеѓу летото и зимата. Веќе посочивме дека нашиот народ во претхристијанското доба, ја делел годината на две полугодија – зимно и летно, а оваа поделба се одвивала според пролетниот и есенскиот еквинокциј. Пролетната рамноденица (22 март) го отвара летното полугодие, а есенската рамноденица (22 септември) го најавува зимското полугодие, овие две точки се проследени со сложен ритус, бидејќи природната смена на годишните доба била од пресудно значење за опстанокот на заедницата (во зимскиот дел од годината доаѓало до потполн прекин на аграрните дејности, кои повторно отпочнувале во летното полугодие). Во своето паганско доба, нашите предци ги славеле почетоците на полугодијата: летното полугодие почнувало уште во март (1 март кој се означува како Летник, ја најавувал паганската нова година), а зимското полугодие започнувало веднаш по собирањето на летината (оттука, за некои народи новата година започнувала во есен), а зимското полугодие за земјоделците почнувало на почетокот на есенската сеидба, а кај сточарите – по спуштањето на стоката од планинските пасишта во низините. Ваквата поделба на годината на две полугодија, покрај земјоделските заедници ја практикувале и европските сточари (познато е дека Келтите ја маркирале годината од почетокот на мај, до почетокот на ноември), а за сточарите ваквата сезонска координација била уште поважна бидејќи во текот на летното полугодие стоката престојувала на планините, а во текот на зимското полугодие, ја враќале дома на презимување. И кај нашиот народ севкупниот живот и сите трудови дејности (и аграрни, и сточарски) се одвивале според овие две временски полугодија (познато е дека кога се најмувале аргати за работа на поле, или овчари за „испаша“, наемот околу нивната „служба“ се договарал од Ѓурѓовден до Митровден). Низ призма на оваа фактографија, јасно е значењето на ѓурѓовденското празнување коешто го означува доаѓањето на летното полугодие и почетокот на новата аграрна/сточарска година. Особено симптоматично делува податокот дека во некои земји Ѓурѓовден се празнува два пати во годината, и тоа точно на почетоците на летното и зимското полугодие: во Грузија, Ѓурѓовден се слави на 23 април и на 10 ноември (по јулијанскиот календар) или на 6 мај и на 23 ноември (по грегоријанскиот календар). Ова специфично „удвоено“ чествување на Ѓурѓовден во Грузија (дури и името на земјата – Грузија /Џорџија, ја потенцира врската со Св. Ѓорѓи/Saint George), уверливо сведочи за древното паганско поимање на народниот календар, во кој биле маркирани само две сезони.

Астрономски, празникот Ѓурѓовден би можел да се поврзе со онаа соларна точка која стои точно на половина пат помеѓу пролетниот еквинокциј (21/22 март) и летниот солстициј (21/22 јуни). Нема сомнеж дека на овој ден се слави доаѓањето на пролетта и обновата на вегетацијата, раззеленувањето и будењето на природата, и особено – почетокот на новата „стопанска година“ (бидејќи, како што потенциравме, обработката на полињата започнувала токму на овој ден, а тогаш и стоката за прв пат била пуштана надвор, дури и се верувало дека од овој ден волците веќе нема да претставуваат закана за домашните животни). Очигледно е дека Св. Ѓорѓи подеднакво го чествувале и земјоделците и сточарите: тој се јавува како покровител не само на вегетацијата, туку и на стоката (првенствено на овците, при што колењето јагне како курбан за Ѓурѓовден се поврзува со тоа што тој е заштитник и патрон пред сè на сточарските заедници).

912218_602726189746530_828080713_n

Имајќи го предвид фактот дека Ѓурѓовден е еден од најважните празници од пролетно-летниот циклус, кога се чествува будењето на вегетацијата, може да се претпостави дека во основата на Ѓурѓовден се наоѓа некогашниот голем пагански празник на оживеаната природа, кога со разни магиски обредни постапки се настојувало да се пренесе плодноста и силата на новата вегетација, врз луѓето и стоката. Во култната пракса поврзана со празникот Ѓурѓовден, доминантни се магиските практики поврзани со култот на плодноста и вербата во магиската моќ на водата и на билките. Китењето со млади и зелени гранки, миењето со вода со потопени пролетни билки, тркалањето по билките или нишањето на плодни дрва – сите овие обредни дејства имат цел да извршат трансфер на плодноста од вегетацијата врз луѓето. Како магиски постапки за обезбедување плодност и здравје на луѓето, стоката и на посевите, се практикуваат: 1. ритуално берење билки пред изгрејсонце (обредното билјебрање го изведуваат жените, кои вршат обредни дејствија за зачувување на магиската моќ на билките), 2. „запотнување“ со зелено или т.н. „магија со зелено“ која има за цел да ја пренесе плодотворната сила на новото билје врз посевите и стоката (воочи празникот се носат зелени гранки од шумата и со нив се закитуваат вратите и прозорците во домовите, за да се обезбеди здравје и добар род, а со нив се закитуваат и роговите на стоката како заштита од болести), 3. плетење венци од ѓурѓовденски билки (ѓурѓевче, млечка, коприва, зелена пченица, здравец), при што венците се ставаат над влезната врата и се оставаат таму цела година, до следниот Ѓурѓовден (во некои краеви, се прават и крстови од лескови прачки, кои се оставаат по нивите за да ги штитат посевите од град), 4. опашување со дренови и врбови прачки, или ритуално удирање со прачки од плодно или зелено дрво, т.н. суровење, 5. ритуално миење на лицето при изгревање на сонцето – измивањето се прави со вода во која се натопени билки (воочи Ѓурѓовден во садови наполнети со вода се потопуваат здравец и други лековити билки, со нив се потопуваат уште и дрен и црвено велигденско јајце, а изутрината сите се мијат со подготвената ѓурѓовденска вода, децата за да бидат здрави како дрен, возрасните за здравје, а девојките – за да идат плодни), 6. задолжителен дел од ѓурѓовденското обредно сценарио е ритуалното капење во реките/изворите, во кои се фрлаат цветни венци или се сипува млеко… ова ритуално капење кое се изведува пред изгрејсонце, или по неговото заоѓање. 7. обредно нишање на плодно дрво или на дреново дрво, кое важи пред сè за оние во фертилно доба (момчињата и девојките) со цел да ги засили репродуктивните моќи и да ја обезбеди нивната плодност, 8. обредно тркалање по роса или тркалање на момите по младото и зелено жито- чија цел е на себе да се пренесе моќта на вегетативниот/водениот дух.

Имајќи предвид дека народот е многу конзервативен кога е во прашање култната пракса (имињата на божествата со текот на времето се менуваат или исчезнуваат, но обредната пракса која се изведува во нивна чест, останува непроменета), може да се детектираат функциите и атрибутите на божеството кое се чествувало на овој ден. Истражувачите сметаат дека најверојатно Св. Ѓорѓи е супститут на паганскиот бог на вегетацијата и плодноста, кој во старословенската митологија коинцидира со атрибутите и функциите на богот Јарило, кој воедно се третира и како една од теоморфозите на соларното божество. Но, со оглед на фактот дека во ѓурѓовденското празнување доаѓаат до израз обредните дејства поврзани со вегетацијата и плодноста (вклучувајќи го и култот кон водата и култот кон билките), би можеле да заклучиме дека сите овие култови инклинираат примарно кон божеството на вегетацијата (иако, богот Јарило како потенцијално соларно божество, би ги имал истите функции од доменот на плодноста, само согледани на секундарно рамниште). Како бог на вегетацијата, богот Јарило целосно ја задржал својата „зелена фигура“ во хрватскиот обреден фолклор, каде во специфичниот митолошки лик – Зелени Јурај, е сочуван споменот на старословенското вегетативно божество (во хрватската традиција, ѓурѓовденското празнување се врзува за празникот Јурјево). Еден од централните обичаи кој се изведува на Јурјево кај Хрватите, се „јурјевските поворки“ во кои учесниците (т.н. „јурјаши“) го носат Зелени Јурај низ селото, пеејќи песни и собирајќи дарови. Еден од учесниците во поворката, го претставува Зелени Јурај и носи зелена гранка, целиот накитен во свежо зеленило, а домаќинките откинуваат гранчиња од Зелениот Јурај и ги внесуваат во куќите (или пак Зелени Јурај им остава гранче на сите оние кои ќе го даруваат). При тоа јурјашите пеат: „Зелен Јурај дошао,/иза оне горе, у то равно поље,/ дарујте га, дарујте/ Јуру зеленога!/ Куда Јура оди, туда поље роди! Зелената боја е исклучително важна поради претставата за делотворноста на т.н. „магија со зелено“- во прашање е комбинираниот принцип на хомеопатската/имитативната магија („сличното да произведе слично“, зеленилото да предизвика – зеленило/раззеленување) и контактната/контагиозната магија (допирот на луѓето и стоката со зеленото, да обезбеди пренос на плодноста).В. Белај истакнува дека денес овој обичај го изведуваат децата, но некогаш во обредот учествувале возрасните, што говори дека се работело за исклучително важен обред во кој учествувала целата заедница. (Слична пракса постои и во Македонија, каде е регистрирано „одењето скрсти на Ѓурѓовден“, кога старците оделе по полињата за да го бараат местото каде е закопан Ѓурѓовден/Свети Ѓорѓи). Во обредните песни кои се изведуваат на празникот Јурјево, се потенцира движењето на Зелени Јурај, што според Белај го симболизира календарскиот „од низ годината“ (оттука, во оваа зелена figura, тој гледа само едно од лицата на богот на вегетацијата, чија биографија може да се исчита токму преку „календарскиот код“, кон кој нè водат поважните празници од народниот календар).

Напишано од
More from РЕПЕР
Не признава смрт
Моделот на чевлите низ времето многу се разликува , од култура до...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *