Новогодишна здравица

Шест новогодишни песни за најмладите!

download

Новогодишна здравица
Стојан Тарапуза

Да е здрава како дрен,
да е светла како ден,
да е стројна како бор,
да е топла како збор,
да е цветна како цвет,
да е медна како мед,
да е појна како пој,
да е ројна како рој,
да е дрочна како клас,
да е крилна како глас,
да е вирна како вир,
да е родна како мир…
Кој тоа?

Годината што иде-
среќна да ни биде!

 dedo-mraz

 

Ѕунат, ѕунат светулки
Бистрица Миркуловска

Ѕунат, ѕунат светулки, сегде покрив бел,
дење ноќе патувам, минам светов цел.

Дедо Мраз, Дедо Мраз,
Дедо Мраз, иде Дедо Мраз..
Подајте си рачиња, оро вито в час,
дружно да запееме: радост, весел глас.
Носам вреќи играчки, нежност, љубов, цвет,
здрави да ми растете – деца од цел свет.

Дедо Мраз…
Дедо Мраз, Дедо Мраз,
Дедо Мраз, дојде и кај нас.

11082470-happy-santa-claus-face-greeting-vector-illustration-isolated-on-white-background

 

Гостин
Глигор Поповски 

Чук,чук,чук,
надвор некој чука.
Чук,чук ,чук,
што ли бара тука?

Тој за сите носи
дарој полна вреќа,
тој радост носи,
тој ви носи среќа.

Ајде деца брзо
отклучете резе
Дедо Мраз дошол,
па сака да влезе.

Чук,чук,чук,
секогаш на полноќ чука
тој многу сака
гостин да е тука.

santa

 

И Дедо Мраз греши
Киро Донев

Ита, брза Дедо Мраз во полноќен зимски час…
Снеже вее, ветер коси, а тој брза – дарој носи!
Моторчето бревта, бучи и, наеднаш, што се случи?
Низ густа снежна виулица, се најде сред улица. А крај
неа знаци и разни сигнали. Еден гасне, друг се пали…
Дедото се збуни и од чудо зина, па на црвено светло –
улицата ја мина!
Можеби не требаше така да биде, но дежурниот
полицаец, ете, го виде:
-СТОП! – му рече. – Ја претера, дедо! Во овој град си
се знае редот! При ваква грешка кој ќе се фати, прекршочна
казна мора да плати!
– Згрешив, признав – старецот му рече. – Работата,
синко, мора да си тече… За грешката, еве, ќе платам, нека…
Сал пушти ме, те молам – долг пат ме чека… А од сега
ветувам, пријателе драг: таква грешка веќе не ќе сторам пак!

 

santa-claus-clip-art-2 

 

Принцезата Нова
Александар Кујунџиски

 

Некој ваму, некој таму,
во животот – ширна река,
принцезата Нова –
секој негде ќе ја чека.

Некој дома, меѓу свои.
Некој негде в хотел свечен.
Некој гладен како волк.
Некој покрај овен печен.

Некој овде, некој онде:
мирни места, градој вревни,
среде џунгли, покрај дини,
и во дворци, и во плевни.

Сегде таа ќе пристигне.
Разни земји – разна клима.
Негде среде топло лето.
Негде среде ладна зима.

Секој ќе ја сретне неа.
Каде кој и да се згоди.
Нови сили да му влее.
Нова надеж да му роди.

Кралица е, убавица.
Плени сегде каде иде.
Една мисла сал ја води:
секој среќен нека биде!

santa-claus-clip-art-2

 


Полна вреќа среќа
Васил Мукаетов 

Ѕирнав во некои
волшебни бајки:
– Сам ли патува,
со своите санки?

Не!
Го следи развеан снег,
северецот над зелени ели.
Одѕивот на ѕвончињата,
зад патеките бели.

Па елените!
Жолтиот отсјај на фенерите.

И тоа што не се гледа:
– Кај и да мине по светот,
сите деца го следат!

Ѕирнав и јас,
во неговата вреќа:
Најмногу:
-Другарство, петки
и многу среќа!

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Ѕирнете во нашето минато
Блогот „РетроМК“ е еден од оние блогови кои се посетуваат не само...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *