Надењка, или тетратката пишуванки на нараторот

Пренесуваме неколку песни од Александра Јурукоска.

aleksandra-jurkovska

Надењка, или тетратката пишуванки на нараторот

 

Вечно осудена да ѕиркам во можната лавина под нашите нозе

Послужена со шега во шепот

непослушни недослушувања

на гласот ветерници
– сопнувања
недоречености
недовршености
совршени
снегулки
на моето палто
четиризрачна снежинка, „јас
Ве љубам, Надењка“.

Не, господине Павлович,
Вие љубите уште еден расказ во својата тетратка.

 

Сонуваш каде си?

 

Дојди
како Ван Гог чекајќи го Гоген
оргазам! оргазам!
одиме во бордел!
Дојди
историјата е забавна
толку умирања, а никој не заминува
Дојди
најубавите градови мирисаат на септичка јама,
а св. Стефан се расфрла со звуци на темјан и оргули
Дојди
како вчера родени
како од денот породени
Дојди
на врвот од Ајфеловата кула
ќе ги извикувам имињата на нашите неродени деца
како на стари љубовници
Дојди
ми се молчи под клавирот на Бетовен
да ти ги покажам глувчешките дупки
на неговата шупливост
вешто сочувани во детска игра од окото на критичарите
Дојди
се разведувам од светов
ми треба сведок
ми треба сладолед со екстра пуканки одозгора
Дојди
можам уште да измислувам
Дојди
ми остана клучот во бравата
Дојди
сега сум вечно отворена
Дојди
дочекувам ненајавени гости
Дојди
провери
Дојди
заседи си
Дојди
на кафе
на филм
на чај
на музика
на радост
на шега
на лага
на вистина
на случајно
на планирано
на петти
или на трети кат
на тераса
на чардак
на сендвич
на кревет
на тросед
на дрвен стол
на песна
на расказ
на роман
на еп ил епопеја
на плукање
на озборување
на сеир
на безделничење
на младост
на старост
на зрели години
на спомени
на гледање слики
на цртање слики
на стари сметки
на нови долгови
на паметење
на заборавање
на карање
на помирување
на пеглање алишта
на растурање ормани
на губење
на наоѓање
на љубопитство
на досадување

Дојди, де
не се чувствувам воопшто осамено

 

Реквием на сино

 

запретав сила во својата слабост
стојам пред тебе, клекната
ѓонот од сандалките нежно
молчи под моите две полутопки – јаболчиња
црвена сум однатре и под клепкиве
образите ми горат сино
твојата буква се слизнува по нив
син фустан (го украдов од креденецот
на туѓи спомени и таму некоја
семејна историја заклучена во нив)
шушкам со допири
црвена светилка во собата,
и твоите зеници ја носат ноќта
во аголот на твоите светнати чевли
курви даруваат љубов во
декасилабични стихови

Шекспир би убил за ваков сетинг
ѓонови што изодеа калдрми
на свадби и погреби
се кријат под мојот син фустан
син како твоето име
си се склопчил пред мене во
црн столб, светилник за
загубени бродови
рацете в џеб
ти грчат стравови

aleksandra-jurkovska2

Градот

Погледни ја мојата река како змија од уморно сребро
Моите бронзи како пломби на омразен заб
Моите плажи што со мирис се лепат за тебе
Мојот брод без капетан

Погледни ме како играм по калдрмата
Во `63 толку се занесов што се отворив сам
Погледни како за вас го чувам часовникот од времето
Под стапалата, јас онолцкав, кријам град Голијат

Вие, урбани магови, во своите пештери на катови
Ме оставате надвор каде што птиците уште само
Како пчели ви ги збираат гласовите
од улиште до улиште
од улиште во улиште
А тие прозорци очи урочливи се
Оти ми го сечат небото на стаклени залаци
Каде в зима со гранки соголени
Се јавувам како астматичар на рендгенски снимки

„Градот невозможен, непостоен, сонет
сронет во саѓосан поучен спомен
Градот разграден, ограден, огрден од себе
На изгрејсонце се обиде да ме заведе
Во разговорите меѓу долгите нозе на убавиците
Каде што се чуваат мислите на заљубените момчиња
Кои купуваат погрешни билети на станиците.

Градот што ме заведе вечерта
изгубен во луѓето што се движеа
како лепило и песна на ластовичка“.

 

Мојот љубовник е чудовишен ангел

Мојот љубовник е чудовишен ангел кога заспива
Сенката започнува да му нараснува со секое издишување
Во 2.35 Тој е Спалната
Ги отворам трите врати на едната соба
Звуците од улиците исплашено ги плазат јазиците
Но не се осмелуваат да влезат

Мојот сакан е Насмеан Буда кога спие
Главата ги прегнува молкот и мракот и ги пика под перница
Пред денокршење си ги ставам белите дробови во фрижидер
Се надевам дека ова ќе му е доволна казна
за никогаш повторно
да не се осмели
да ме напушти в сон

Мојот драг е дремливиот К`тулу од Папрадиште
Очите ги џвакаат душеците
Пред будење ги плукаат пердувите
Му ги газам ушите за да мисли дека стои кога лежи

Во утринската чинија
ми раскажува
како правилно се обессеменуваат калинки
Се допираме
како странец
на кој е најпаметно да му веруваме
Двајцата знаеме дека има пиено речно
Ждрига што значи дека е време за работа
Излегува на ќошот и се соблекува
78-годишната комшика вреска
Седнувам да го довршам цртежот
Во полумрачниот кревет
неговата сенка
ми ги покажува контурите на вчерашниот сон
Се смешка, ми ги јаде боите
сè додека прстите не ми потрнат

 

 

 

Тагови од објавата
, , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Уметникот и лечењето со психоанализа
Дали креативната способност на психоанализираниот уметник квалитативно и квантитативно ќе се измени...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *