Избор пoезија од „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“

Ели Пујовска е номинирана за наградата „Драги“ - 2026, за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година

СИНИЛО

Малата тага избезумено беснее

како дожд над дините,

малата тага гледа занемено

надолу, кон капините.

 

Црн плод од тага

на дождот, сладок и студен,

вилнее, зашеметено од височините.

Студени дини со натежнати облаци,

 

околу занемената тага што венее,

додека со сета своја

маленкост таа,

вика и беснее.

 

ПОЛЖАВ

Со празен чекор,

бавниот живот му се влече по трагата,

што од себе ја створил.

Од која се избавил и ослободил.

Напуштајќи го ѕвезденото небо без болка,

како свиткана поезија во школка.

 

ЛОЗИНКИ

Толку долго се учев да чекам

што се сепнав кога се појави;

за мене непознат створ

што го препознав од првиот збор,

па не помислив да чекам.

Две горили, Похотата и Лакомоста,

чуварите на големата порта;

во брод камуфлиран со едра на тромоста,

во градот отпловивме, низ речната аорта.

Затворена остана кошницата со колачи,

со години од устата моја поштедени;

никогаш немаше миг, ни миг одвишен,

да се избегне вечното одложување.

Сега веќе чекањето толку нѐ заслепува

што, како дете, на срце ни се прилепува.

 

СЕКСТ ЕМПИРИК: ТЕМЕЛИ НА СКЕПТИЦИЗМОТ

ПРИМЕНЕТИ ВО ЉУБОВТА

Она што од нешто е одземено,

мора да биде опкружено

со она од што е одземено.

Сè што опкружува мора да е поголемо

од она што е опкружено. Во љубовта:

1 + 2 + … + (n – 1) + n = ½ n (n + 1),

збир опкружен од наши осум ослабени екстремитети

(почувствувај ги тие крваво топли раце и нозе)

веќе во корпус од триесет и шест,

како преплет од змии

скриени в дупка можам да видам,

шестотини шеесет и шест, попрецизна да бидам.

Под нив се отворија благословени бездни

од броеви без сопирање среде судбоносен

пад ничкум, несомнено опкружувајќи

го целиот универзум. Не, Секст, кога барем

нешто би било одземено,

тогаш тоа би било отстрането.

Може само да се рече дека безбројноста

ми нанесе болка кога ги почувствував лично

тие темели на сопственото тело.

 

КАША СО МАТЕНИЦА

Си беше еднаш, некогаш, ох, како да е избришано —

а сè уште е тука, детето што тивко на маса седеше

и од наборите на слаткиот сируп врз киселата каша го читаше, она што беше

напишано. Сè уште сум дете, иако времето ме свитка

во кревок чекор по улиците, со срце парчосано од битка,

со празнина во зениците;

но никогаш нема да заборавам, ете,

дека некогаш и јас бев дете.

 

О, душо, не гледај ме така, о, љубов, не оставај ме вака.

Ниту добро, ниту зло не ти сторив,

о, остави ме во својот заблуден порив,

запишан во белезите како броеница

на киселата каша од матеница!

Понекогаш ги гледам оние на кои срцето им го дадов,

 

премногу за нивните животи мали.

А во мене сѐ уште трепери бранов

огнен што не догорува и постојано се пали,

и глас што се крева без сомнеж

со грло пресушено од копнеж.

О луѓе, бидете добри и љубезни,

простете му на плачливото дете во часовите вечерни:

О, душо, не гледај ме така,

о, љубов, не оставај ме вака.

Ниту добро, ниту зло не ти сторив,

о, остави ме во својот заблуден порив,

запишан во белезите како броеница

на киселата каша од матеница!

Беше некогаш, некогаш, ох, како да е избришано —

о, мајко, сè уште бев дете, кога исчезна како маѓепсница.

 

А слаткиот сируп горчлива судбина ми имаше запишано,

во наборите на киселата каша од матеница!

Ниту една љубов потоа не го смири моето кревко срце,

секогаш мислејќи: оваа е таа, вистинска –

една по друга го вкусуваа гладот од моето грлце,

оставајќи ме да стојам во празнина суштинска,

до срж скршена, згрчена од тага рутинска;

но никогаш нема да заборавам, ете,

дека некогаш и јас бев твое дете

издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Избор пoезија од „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“”