Консумирање на новата женственост


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Дека човековиот ум мисли и спознава во бинарни опозиции веќе не е никаква новост, баш како ни повеќевековното припишување на другата, темната страна од опозицијата на женското и женственото.

(Репатријархализација на жената во закрилата на популизмот)

Дека човековиот ум мисли и спознава во бинарни опозиции веќе не е никаква новост, баш како ни повеќевековното припишување на другата, темната страна од опозицијата на женското и на женственото. Постструктуралистичката опомена дека таквите мисловни склопови треба да се деконструираат, не во смисла на некое просто вртење, туку како доведување до мигот кога тукуречи самите од себе ќе се распаднат во сопствената обесмисленост, за феминизмот донесе своевиден теоретски благослов, каде што ја гледаме на дело во низа феминистички текстови што опозицијата машко-женско ја доведоа на работ на теоретска пропаст. Но се покажува дека вонтеоретската стварност лежи на повеќеслојни наслаги од патријархатот, баш како што и човечкиот ум балансира на лизгавиот врв (на фројдовската) ледена санта на сопствената потсвест, што не дозволува семантичкото поле на женственоста, кое собира илјадагодишни стереотипи за половина од човештвото, во неколку децении теориска работа, да се протера од системот на мислење и на дејствување. Дури, превласта на глобалниот капитал, која се одразува во паноптикумот на медиумите, сега на многу посуптилен начин ги одржува актуелни старите патријархални обрасци, можеби поактуелни од кога и да е.

541513_10152209810682790_935367154_n

Мит (или реалност) на постфемнизмот

Што во тој контекст се случува со еднакво славеното и озлогласено женско движење? Пришиен му е, со современо значење, тешкиот префикс пост- и асимилиран е, во сета своја разноликост, со камелеонскиот популистички дискурс во слава на полисемичниот, а инспиративен концепт на новата женственост, кој неизоставно се пресметува со стариот феминистички идеал по пат на слика на зајадливата и остарена женственост, која е повеќекратно надмината, значи заостаната. Еден стереотип верижно произведува друг: потсмевот кон самодекларираните феминистки е следен од скепса, па и од антифеминизмот на новата генерација жени, а многу констатации дека феминистичкиот активизам е надминат главно слепо реферираат на словото на законот, кое ја гарантира фамозната рамноправност.
Американските социолози Елен Џ. Хал и Марни Салупо Родригез овој феномен го нарекуваат „мит за постфеминизмот“ и во својата истоимена студија со статистички методи се обидувале да дојдат до сознанието дали на женското движење навистина „му истекол рокот“ и дали навистина ги изгубило поддршката и релевантноста меѓу жените од денешната генерација. Во таа смисла, интересна е нивната поделба со која се сумираат четири современи погледи на феминизмот: (1) поддршката за движењето (во периодот од 80-тите и 90-тите години на минатиот век) доживеа драстичен пад; (2) антифеминизмот цвета меѓу младите девојки, домаќинките со полно работно време и црните жени; (3) феминизмот е заостанат, надминат, било од постарите активистки што ја изгубиле надежта во постигнувањето рамноправност или од страна на младите жени што сметаат дека феминизмот го постигнал она кон што тежнеел и дека веќе не е потребен; (4) развиена е верзијата „не, но…“, каде што жените одбиваат да се „етикетираат“ како феминистки, ама го оправдуваат феминизмот и бараат еднаква плата, економска независност, сексуална слобода и репродуктивен избор на современата жена. Без оглед на резултатите на истражувањето на овие двајца социолози, самите појави на изопачени манифестации на феминизмот или, пак, на одбивање на неговото наследство/идеали ако се земат предвид, ни говорат дека во современото сфаќање на женственоста дошло (или доаѓа) до нови тенденции.

Враќање или ревитализација на женственоста

Паралелно или, попрецизно речено, длабоко испреплетено со овие појави, тече креирањето на една нова визија на жената, овоплотена пред сѐ во масовните медиуми, дистрибуирана во блескотните рекламни блокови, и, незанемарливо, во делата на популарните уметнички форми. Родовиот идентитет на жената во доцниот капитализам, кој би можело, на трагата на Фанг-чих од Ирена Јанг, да се нарече „убава и лоша“(beautiful-and-bad woman) , несомнено функционира како современ женски идеал. Таа, современата жена, не се колеба да признае дека тежи кон телесната убавина и женственост par exellance, додека, од друга страна, е горда носителка на новата „женска моќ“, се подразбира, рамноправна на машката, изразена во полето на кариерата и на социјалниот и на сексуалниот живот. Оваа допадлива слика, која е длабоко вкоренета во потсвеста на современата жена, фројдовскиот его-идеал на женската заедница, треба повеќекратно да се исчита. Идеалот на жената дејствува како помирлива симбиоза на традиционално машките и женските есенции, што не е ништо друго туку фантазам конструиран низ идеолошкиот филтер на глобалниот капитал: женската страна ја одликуваат, секако, традиционално сфатената женственост, телесната убавина пред сѐ, впечатокот дека е нежна, топлината и сочувствителноста, додека нејзината машка страна треба да тежи кон автономија, кон индивидуалност и кон независност, значи типична за машките обележја. Натаму, ваквиот навидум андрогин конструкт ја добива својата права актуализација дури во романтичниот љубовен наратив, каде што двете страни на оваа допадлива родова шизофреничност може да влезат во употреба. Повеќе отколку на кое било друго место, во беспаќата на медиумската нарација за женственоста, рецептурата за примената на новата женственост може да ја најдеме во класиците на литературата за самопомош, кои не се срамат вака конструираниот родово-идентитетски образец да го наречат „кучка“ или „гадотија“ (англ. bitch), како што е строго нагласено, во позитивна смисла. Благоглаголивите совети од планетарно популарните книги на авторите како Шери Аргов („Зошто мажите сакаат жени кучки“) ја водат читателката до целта, која, се чини, ни во текот на вековите патријархат, а ни на децениите феминистичка борба не е променета: да се осигурат врската и потоа брачниот статус. Задржаната, па и експонентирана женственост треба да ја асимилира есенцијата на машкоста, што, без сомнение, ги цементира илјадагодишните стереотипи или, како што вели Анџела Мек Роби: не едноставно старата, туку нова патријархална истост (…) закотвена во формата на популарната женска култура, прилив на новата бунтовна патријархалност скриена зад пофалбата на женската слобода“.

Посакуваното право на избор (на производот)

Стремежот на постмодерната да ги прибере и содржините на популарната култура, нејзините текстови, како релевантни, преку анализа на формите на т.н. женска медиумска култура, покажува дека сеопштото начело на визуализација ја зафаќа и сликата на современиот родов идентитет. Овој конструкт, покрај визуелните презентации, го карактеризира и придружна нарација исполнета со речиси стандардизирани тропи на новината и на славењето на слободата и на правото на избор.
„Новоста“ во синтагмата „нова женственост“, толку сесрдно фалена во разните инкарнации на „Космополитен“, „Ел“, „Базар“ и на сличните елитни женски списанија, е консумеристички ентузијастична и лажливо жива илузија со која успешно се конструира современиот родов идентитет. Како што вели Антеа Тејлор во инспиративната анализа на една таква статија, новото – во врска со жената и со женственоста – е редовно маркер на општествените промени што ја повикуваат претходната, потисната женственост што ја наследува, а во телеолошкиот наратив за феминизмот оваа нова визија на жената е сфатена како краен производ на феминистичкиот активизам. Важната карактеристика на таквата спрега на женственоста и на феминизмот е проткаена со априорниот волунтаризам, кој е ехо на оној зачуден „вистински избор“, единствено остварлив во границите на консумеристичкиот субјект. Правото на избор се покажува како барем двозначно: освен што се пресметува со заостанатите феминистички нарации, во таа смисла што се побунува против нив како предуслов за можноста да се креира сопствениот неоптоварен животен стил (lifestyle), тоа така во славата на новата феминистичка освестеност се пренесува во подрачјето на купувањето, ги одбира сите оние материјални средства што можат (или мораат) без оптоварување да ја сугерираат и да ја афирмираат женственоста во патријархална смисла.
Така и новиот ентузијастичен феминизам go-girl се открива како капиталистичка илузија, видлива во самата структура на списанието со две третини рекламна содржина, кој како да е рефлексија на онаа една третина „инспиративен“ текст, каде што посакуваните женски тела во провокативни пози и во високобрендирана облека како да го елаборираат оној првобитен волунтаристички принцип на имагинарниот избор на новиот женствен идентитет.
Тешко е да не се забележи волшебниот идеализам на таквите стремежи, доколку сме свесни дека заедно со позитивниот поттик стојат либералистичките фрази испразнети од значење со апстрахирање: слободата, правото на избор и еднаквоста стануваат обични производи, достапни на купувачите, чија женска моќ не е ништо друго, туку купувачка моќ во најбуквалната смисла на зборот. Така, досегот на новата женственост станува максимално стеснет, ориентирајќи се на припадниците на средната и на високата класа, а исклучувајќи го другиот дел: обичната жена, на која ѝ преостануваат гламурозната слика и горчливиот копнеж.

Тела што продаваат и тела на кои им се продава

И не толку проникливиот набљудувач во медиумското царство на денешницата зад навидум триумфалното освојување на медиумскиот простор од страна на жената и на женственото би можел да ја види рогатата опачина: традиционалното или „новосфатеното“ женствено не е ништо друго, туку непрегледен пазар на косумерскиот капитализам. Било да станува збор за каприциозната модерна индустрија, за производството на префинети козметички маски или за нешто трето, пожелно е женското тело во најоглемиот број случаи да доминира во краткиот продор на рекламата на нејзиниот молскавичен пат кон несвесното. Рекламното тело им одговара на строгите норми на убавината и покрај очигледниот мамец за муштеријата, за кој било производ и да станува збор, од кармин за усни до најновиот модел на автомобил, праќа суптилна порака за тоа кој е естетскиот императив на денешницата. И женските тела се одѕиваат, повторно, не со обичното купување на рекламираниот производ, туку многу повеќе со загрижувачкиот одговор на копнежот кон „новата женственост“, со која како во пакет да доаѓа и другиот, машкиот дел на својствата што би морала да ги содржи и личноста. Болната растргнатост на телото и на умот веќе не е само постмодерна теоретска дихотомија, туку сурова реалност на една тинејџерка, која, тукушто откривајќи ја својата женственост, ја смета за фалична и за непожелна.
Наоми Вулф во воведното поглавје на својот озлогласен „Мит за убавината“ нуди една сликовита метафора на средновековната справа за мачење што се викала железна девица: сандак во форма на женско тело со насмеано лице, во кој се затворала несреќната жртва да умре или од глад или од железните боцки што се наоѓале во внатрешноста на справата. Современата жена е исто така затворена во идеално тело, кое е своевиден мит на современата култура, па однатре е заробена со истата суровост. Оваа трка по лебдечкиот идеал на убавината во својата привидна баналност се покажува како многу посериозна отколку што се чини на прв поглед: трагедијата на анорексијата и на агорафобијата во широкиот спектар „на женските растројства“ ги наследува женската хистерија и неврастенијата на деветнаесеттиот век.
Телото на анорексичната се нуди не само како рогата опачина на онаа лелеава визија за женскиот родов идентитет туку и како текст чие политичко значење има длабоки импликации во конструкцијата на истиот тој идентитет. Со зборовите на Сузан Бордо: „…без оглед дали се работи за анорексија, за агорафобија или за хистерија, наоѓаме дека во болното тело е длабоко впишана идеолошката конструкција на женственоста карактеристична за периодот за кој станува збор“. Во духот на Фројдовата максима дека анатомијата е судбина, деветнаесетвековната жена е опишувана со поимите на хистерична личност; во денешно време, севидечкото око на телевизијата директно и буквално ја пренесува нормативната женственост и „правилата ги учиме директно од дискурсот на телото: преку сликите што ни говорат каква облека, фигура, фацијална експресија, движења и однесување се барани од жената“.
Телото на анорексичната девојка, кое покорно моли, турнато од маргините на симболичниот поредок, извртено во неговата опачина, зборува без зборови за теророт на медиумскиот конструиран идентитет. Тука паѓаат сите волунтаристички пароли и фамозното право на избор чија славна безгранична слобода се открива во радикализацијата на принципот на немуштиот крик на анорексичното тело и(ли) на неврастената личност. Повеќе од прогоненичка во сопственото тело, современата жена е прогонета како од симболичниот така и сурово од буквалниот капитал, каде што е експлоатирана и како слика и како консумент.

Плодна симбиоза на капитал-консумеризмот и на патријархатот

Идеологијата на глобалниот капитал има вшмукувачко дејство на секоја човекова дејност и магионичарска моќ да ја преобликува според барањата на пазарот. Истото, сосем очигледно, се случи и со феминизмот, кој мутира во магазинската форма go-girl, истото ѝ се случува и на сликата на современата женственост што ја пропишува мултимилионската модна и козметичка индустрија, потпомогната од вртењето на парите меѓу медиумските куќи. Добиваме меч со две острици, каде што женскиот дел од популацијата, според зборовите на Наоми Вулф, се затвора во сопственото тело да ги контемплира неговите недостатоци и да ги поправа, вклучувајќи ја и поправката на недостатокот на личноста преку улогата на консументот; додека на другата страна тој процес потекнува од горивото на длабокиот резервоар на патријархатот, исто така суптилно оформен да одговори на „барањата на времето“, создавајќи така своевидна класа консумеристички субјекти што се ловат на јадицата на сопствената потсвест.
Лукавата меѓуигра на формите на женската популарна култура, рекламите и моќните корпорации во трката за што поголема заработка нималку не придонесуваат за остварување на дамнешниот сон на феминизмот за крахот на репресивниот патријархат; напротив, зацврстувајќи го, тежи женското движење да го ублажи со допадливи слики на „новата“ женственост или, по можност, со создавање, повторно, слика на зајадлива бапска женскост што не ги остварила своите идеали, да го протера од медуимскиот простор. Така имаме, за доцниот капитализам симптоматична, ситуација на глобален статус кво, каде што патријархатот се храни од консумеристичкиот паричник, а системот на производство и на потрошувачка поради сопствениот опстанок го гои и го поддржува. Негде над тоа лебди духот на марксистичкиот феминизам, кој во своите несомнено идеалистички почетоци на критичката опсервација на капитализмот женскиот дел од популацијата го посматрал како класа, сметајќи ја за доволно јака за да го сруши. Денешницата одговара на тие тврдења како уверлив дистописки роман, каде што жените речиси и се станати класа, консумеристичка, потчинета, ама нималку освестена, цврсто врзана со јажиња за несвесните сили и строго контролирана, со сопственото „право на избор“.

Превод од босански: Ѓоко Здравески

Тагови од објавата
,
1
Напишано од
More from РЕПЕР
Препознатливиот седумосмински такт го имаме во крвта
Да ја насочиме својата енергија на конструктивната и на креативната страна. А...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *