ОДГОВАРАЈЌИ Ѝ НА ВЕНЕРА (45 фрагменти)
1.
Ноќта е сон на седумте молци
Зората е пев на петте сирени
Пладнето е гребнатина на трите стаорци
Самракот е сенка на една врана
2.
Чаша бистра вода
Дадена на птица попат
Испиена без здив
3.
Три кокошки
Пред микрофон
Дамлосани
4.
Девет ледени врвови на Хималаите.
Девет загатки на ум.
Девет пророци.
Девет божици со запазена девственост.
5.
Ера на Завојувани држави[1]
Лицето уште не ми е прасков цут
Дланките уште не се ластовици
Јас уште не сум Чјӯ Јуе́н[2] – или барем
Сеуште не сум му придружник
6.
Че́н Шѐнг[3]
Расплакани касарни. Расплакано камење.
Коњи ’ржат в ноќта, си ја толат жедта по крв.
Оние што рамо до рамо со мене маршираа
Заминаа по свој пат на крстопатот од громови и молњи
7.
Слепецот
Темнина доделена од судбината – опипуваш
Вечерва се опипуваш себе си, со заклучок –
Ова е човек, тело, а не дух.
8.
Дишам ли, што ќе ми помисли срцето?
Повратам ли, што ќе ми помисли душата?
9.
Секоја капка вода што ја истурив се стори птица
Секој камен што сум го фрлил ромореше во слобода
10.
Те молам прости ми за зарипнатиот глас:
Повикувајќи ги пеперугите, пеперугите остаруваат
Повикувајќи го крушковиот цут, крушковиот цут венее
11.
Еден начитан човек во дивината
Вознемирен од брзоплета мисла
Сталожен од една птица
12.
На отворено поле поставив седумдесет и два железни стола
Наспроти седумдесет и две ѕвезди на северното небо
Темата ми беше: седумедесет и два мудреци веќе си заминаа
13.
Жена се отвора себе си пред морето
Морските бранови надоаѓаат кон месечината
14.
Во ненадејна осаменост
Оној што малку се грижи за себе не може а горко да не заплаче
15.
Историските книги се преселија во палатата
Палатата се пресели во пожарот
А ти си оставен тука
Во копнеж по чист живот
16.
На работ на водите[4]
Нештата кои се премногу реални на крај си ја губат реалноста
Вие што убивавте, жаревте и палевте, на крај завршивте со убавина на легендите
17.
Поплавата што потопи осумнаесет провинции
Не успеа да ги згасне ѕвездите на осумнаесетве провинции
Ѕвездите на осумнаесетте провинции ги озаруваат
Судбините на рибите, судбините на птиците, судбините на луѓето
18.
Ги распорив стапалата на хризантемата
И намирисав слатка миризба
19.
Ох, сливов цуту
Ако не сакаш да се омажиш за мене
Тогаш барем омажи се за син ми
20.
Праскови гранчиња напролет се лелеат
Натежнати од цветови
Како половина на девојка што преку ноќ созреала
21.
Данте
Лебдејќи на небото облак – мојата
Беатриче застаната врз него
Од цела Италија само јас можам да ја видам –
Додека го запишувам првиот ред на Божествената комедија
22.
Дон Кихот
Попусто моево копје копнее по бој
Попусто моите златници ги сонуваат бедните
23.
Грст сончевина
Сјае врз дланките на
Сиромаво дете што требе пченица
24.
Кој смее да каже дека овој кратковид мангуп нема да стане
Изумител на нов вид измачување?
И кој ќе каже дека тој не би бил првиот што ќе го искуси тоа измачување?
25.
Владетелот без наследници
Бидува напуштен и предаден
Една повлечена и кревка мома
Забремени наесен дувнувајќи пламенче
26.
На оваа алова кинеска земја, мнозина полководци
Почнаа како одметници
27.
Заведуваш млада девојка
Еве го, доаѓа брат ѝ
28.
Револуцијата од 1911[5]
Челични орудија. Топови. Касарни за ангели.
Доволно за оние опасни типови
Да си го добијат своето
29.
Затворот Лју̌шу̀н[6]
Ходник. Правливи порти. Раката на месечината.
На јужниот крај од полуостровот Лја́одо̄нг
Илјада затвореници го слушаат гласот на морскиот прилив
30.
Паунд
Осамениот Езра Паунд лупи портокал
Додека месечината безгласно се лизга по небото над Атлантикот
Езра Паунд го мисли целото човештво
31.
Рудник под месечината, рудник каде паѓа температурата
Вашите проколнати животи
Нема да се променат од моите пофалби
32.
На земјата нема место без човечка трага
И кај мене дома
Некој друг има живеено
33.
Кога животот ми е во хаос
Часовникот ми е необично точен
34.
Враните ги решаваат вранешките проблеми
Јас ги решавам своите проблеми
35.
Колку поосамен, толку повеќе гости на славја
Колку посиромашен, толку повеќе песни за читање
36.
Далечното градилиште е во збрка
Триесет и трикатница никнува од земја
Вбивајќи триесет и три слоја темнина во небото
37.
Никој досега го нема пробано моливот
Да узнае колку зборови може да напише
38.
Расправите ме лишија од инаку мирната нарав
Книгите ми ги испорасипаа непорочните мисли
Цела ноќ останав тивок во главниот град на татковината
39.
Самракот во сеќавањето
Неиследлив чекор на призракот
40.
Надеж
Како последната црта пред мастилото да ми пресуши
Како падната месечина одбиена назад од земјата
41.
Месечевина
Напуштено кино
Еден леопард
Чека филмот да почне
42.
На природата не ѝ е грижа за правта што ја покрива
Кога си чул
Дивите животни да се жалат на правливост
43.
На полето е спокојно
Една пруга се протега право до месечината
На полето е спокојно
Еден воз полн со банкноти јури кон месечината
44.
Металот врз месечината. Правта на месечината.
Камењата на небото. Облаците што го обрале сновидението.
Некој бил таму, но веќе се има вратено.
45.
Утрото при целосното помрачување на сонцето градот беше цел в пепел
Без да има оган, без да се чуе глас
Некој помина меѓу мене и сонцето
(1984-1995)

A 00000
По уличката – двајца луѓе; и без да се осврне, тој знае дека чекорам зад него.
Извикува, рецитира: „Истави се од работ, твоето кревко тело не ја трпи тежината на гневот!“
Се сврте, па за миг здогледа како лилав ореол почна да се издига над моето теме. Замавна со главата, и сонцето набрзина зајде зад дрвјата.
Рече дека видел призрачна сенка по мене. (Ваков човек мора да ја искусил насмевката на бадемот и ја чул песната на азалејата.)
„Во август, треба да ги избегнуваш враните. Во септември, треба рано да стануваш секој ден.“
Ми предвиде голем к’смет в иднина, но сега за сега ме клеветат ситни души.
Се појави и трет човек на уличката. Непознатиот пред мене исчезна без трага. Ме фати јанѕа, дали в пресрет ми идеше судбината?
Се разминавме со судбината. Во овој лавиринт од руини сигурно пак ќе ме стаса.
Врана прелетува преку челото на август.
Замижав, но ја слушнав враната како вели: „Не плаши се, ти воопшто не си ти, многу животи се ползуваат со твоето тело.“
(Ноември,1996)
Песна без никаква важност
Не е важно дали мувата се нарекува „мува“
Не е важно дали нејзиното зуење станува сѐ погласно
Не е важно дали таа се препила мастило, па сега моча во сино
Не е важно дали решила да стане извонредна мува
Ние двајцата остануваме безгласни
Не е важно дали мувата одлетала, а в собата се нашол некој друг
Не е важно дали тој раздрдорен пука од смеа сиот среќен
Говоројќи дека е доволно умен да си тера ќеф и на небо, за потем штом замине
Да не е важно дали се сторил најумниот човек во рајот
Ние двајцата остануваме безгласни
Безгласни не сме само ние двајца
Туку и бандерата со разлеана сенка преку прозорецот
Не е важно дали на жицата виси обесен змеј
Не е важно дали околу бандерата сме истрчале круг од сто и осумдесет илјади милји
(Јуни, 2000)
Белешки за комарецот
Десет илјади комарци се сплотуваат во тигар, намалени до девет илјади се сплотуваат во леопард, намалени до осум илјади се сплотуваат во неподвижно шимпанзо. Сепак, еден комарец си е еден комарец.
Еден комарец крвопиец, женка, припаѓа на ист род со пијавицата и вампирот, кому можат да му се придружат и крволочниот чиновник, земјопоседникот, капиталистот. Доколку сите суштества под небото се подредат според исхраната, би можеле да се поделат на месојадни, тревопасни и крвопијни.
Во процепите на историјата комарците ги има насекаде. Тие биле сведоци, па
дури и учествувале во обезглавувања, черечења, пробои во насипите на Жолтата река, распродажби на синови и ќерќи, а сепак, во дваесет и петте книги династички истории – ниту едно спомнување на комарецот.
Комарецот на кого ќе наидеме денеска би можел да ги проследи своите предци сѐ до времето на Нју̌ва̄[7] (Нју̌ва̄ била убавица, барем така се вели во Родословот на божествата;[8] Нју̌ва̄ исто така ги љубеше комарците, но за тоа ништо не е кажано во Родословот на божествата).
Сепак, животниот век на комарецот трае приближно од изгрејсонце до зајдисонце, или во распон од две изгрејсонца и две зајдисонца. Следствено, за целиот свој живот комарецот може во просек да сретне четиримина или петмина луѓе, дваесетина или триесетина свињи, или еден коњ. Ова значи дека комарците немаат утврден став за тоа што претставува добро, а што зло.
Има луѓе што не отвораат прозорци, не отвораат врати од страв да не влезат комарци, но така, всушност, се сториле затвореници на комарците. Други, пак, од немајкаде мораат да се послужат со јавните тоалети по улиците, та кога ќе бидат каснати од комарец, сфаќаат дека јадежот е сосем поднослив.
Една од целите што си ги имам зацртано во животот е да бидам каснат од комарец. Со своите иглести усни тие ми ја пронижуваат кожата, во мојата сенка си наоѓаат ладовина, умираат во отровноста на мојот здив.
Среде ноќ, некој полузаспан-полубуден в кревет одеднаш ќе си залепи една. Секако, тоа не се должи на интроспекција, туку просто чул зуење на комарец. Колку посилно мава, толку процентот на убиени комарци е поголем но дотолку построг ќе стане и неговиот самопрекор.
Кога комарецот ќе умре, во кого ли се претвора? Во оној човек што сега пред нос ми зуи и се мота околу мене? Тој во претходниот живот сигурно бил комарец. Има и девојки кои премногу слабички, и нив ги нарекуваме „комарци“.
Заштитата на природата подразбира и заштита на комарците, но и на други, вклучително и богот на маларијата. Паралелно со заштитата на природата, ќе го зголемиме и производството на креми против воспаленија. Тогаш и комарецот ќе биде изгонет од природата. Додуша, ова се покажа малку тешко на пракса.
Да се носат комарци на авион, во воз, во странство и во далечни краишта, може да ни ја продлабочи носталгијата, да ни ја засили идентификацијата со Земјата. Секојпат кога ќе се отвори куфер, по еден комарец ќе излета од него.
Никој не ја знае разликата помеѓу место, на кое има слетано комарец и она каде што нема, токму како што никој не може да ја забележи разликата помеѓу места посетени од крадец и такви што уште не биле. Да се иследуваат трагите на крадецот исто е како да се набљудува комарец под микроскоп.
(Јануари, 2003)
За читањето
– според Ингер Христенсен
Има луѓе што премногу читале кинески книги, а премалку западни книги
Има луѓе што премалку читале кинески книги, а премногу западни книги
Има луѓе што читаат само западни книги, а не умеат да зуцнат ни збор на некој странски јазик
Има луѓе што читаат само кинески книги, па си земаат и псевдоним од типот – „горскиот отшелник еди кој си“, небаре навистина живеат скраја некоја планинска врвица
Има луѓе што се изначитале и кинески и западни книги, па преку глава им е и од светот
Има луѓе што ниту кинески, ниту западни книги имаат читано, а си живеат на светов строго по својот гениј и интуиција
Има луѓе што и без гениј и интуиција зборуваат непрестано, без тишината да им послужи како запирка или точка
Оние што умеат да се служат со точка и запирка и со цртички изгледа не се Кинези
Има луѓе што се изначитале кинески и западни книги, но немаат прочитано ниту една арапска или африканска книга
Има луѓе што прочитале по некоја латиноамериканска книга, но не им е јасно дали тоа било книга од Западот или Југот
Постојат ли воопшто книги од Југот? На јужната хемисфера годишните времиња се обратни од тие на северната
Сепак, книгите од Југот нема потреба да се читаат во насока од последната страница кон првата
Има луѓе што се убедени дека токму Кина е Истокот без да се свесни дека и Индија е Исток, додуша југот од Истокот
Но и пакистанските и авганистанските писатели пишуваат книги без да им е нешто грижа за Конфуциј
Има луѓе што прочитале по некоја книга, па чекорат со дигнат нос, судејќи им и на планините и реките. Планините и реките слушаат
Има луѓе што прочитале по некоја книга, па тоа ги напривило претпазливи и коректни, дишејќи претивко
Има луѓе што се преправаат дека прочитале многу книги, но во суштина се неписмени
Има луѓе што навистина прочитале многу книги, но всушност и тие се неписмени
Има луѓе што вистински се неписмени, а им се дерат на тие што читаат
Има луѓе што не сакаат дерење, па си отвораат книга за да ја побараат вистината
Има луѓе што не сакаат дерење, па се зарекуваат да не отворат повеќе книга, за да откријат дека и слоновите и елените не читаат
Има луѓе што не прочитале ниту една книга, но за нив е пишувано во книги без и да знаат за тоа
Има луѓе што читаат книги во потрага по радост, но не и по задоволство
Има луѓе кои трагаат по задоволство, а прочитале не малку книги, докажувајќи дека оние што читаат не се осудени на аскетска скромност
Има луѓе што слабеат од читање, згора и самобичувајќи се
Има луѓе што се дебелеат од читање, без никогаш да се заситат
Сите што читаат сѐ повеќе стареат, но тоа не значи дека ако не читаш нема да остариш
Кога станува збор за прашања од живот и смрт читањето или нечитањето книги не прави разлика, исто како што не прави разлика дали си знаел боречки вештини или не
Има луѓе кои колку повеќе читаат, небаре река што се влева во море, тонат в осама
Има луѓе што читаат додека не наполнат триесет години, за потем да запрат, стаписано загледани в земи сѐ дури не стасаат до триесет и седум години
Има луѓе што на триесет и седум години се збогуваат со својот таканаречен гениј и неконвенционален начин на живот
Седнуваат, палат ламба, и пишуваат со цел да се истрошат и бидат заборавени од светот
Има луѓе што прават соби за своите книги, а влегуваат во тие призрачни соби само преку ден
Има луѓе што преку ноќ седат во тие призрачни соби, но не спијат таму
Има луѓе што ги исфрлаат сите книги од своите библиотеки за да можат во празните библиотеки да медитираат
Има луѓе што ги празнат своите библиотеки за во нив да складираат стока, но самите никогаш не стануваат успешни бизнисмени
Има луѓе што мислат дека со празнење на библиотеките се празни мозокот
Меѓутоа во мозокот секогаш има некој што вика и пцуе, и тоа ги доведува до очај
Има луѓе што кога се очајни влегуваат во планина од книги, но всушност влегле во планина од списанија
Има луѓе што седат среде планина од книги и од таму не излегуваат зашто не умеат да го пронајдат патот што води надвор од планината
Има луѓе што палат оган во планината од книги, мислејќи како ќе бидат осудувани после стотина години
Има луѓе што среде пламенот од запалени кнги прснуваат во смеа од чиста омраза кон злото
Има луѓе што среде пламенот од запалени кнги прснуваат во смеа од убеденост дека тоа е најдобриот начин и самите да изгорат без трага
Има луѓе што мислат дека планина од книги никогаш нема да изгори, па оттука вечниот живот сигурно е можен
Има луѓе што излегле од планината од книги, а преостанатото време го користат да ги убедат другите да влезат во планината од книги
Има луѓе што излегле од планината од книги, но не кажуваат што има таму
Има луѓе што им зборуваат на книгите, небаре авторите им се стари познаници
Има луѓе што не им зборуваат на авторите, но им вршат метании, чиниш принесуваат жртва на своите предци
Има луѓе што веруваат дека полошо е да им се верува на книгите одошто воопшто да се нема книги, а ова се опасни фраери кои живеат во мигот
Има луѓе што веруваат само во она што го пишува в книги, презирајќи го живиот свет надвор, а за ова потребна е голема самоувереност
Има луѓе што мислат дека ако не читале три дена, лицето им огрдело
Има природно убави луѓе што мислат дека книгите ќе им ја одземат убавината
Во минатото, Кинезите велеле дека во книгите има ризници со злато, а денес цените на златото збудалено варираат
Царот Израилев Соломон има кажано: „Кој си го умножува знаењето си ги умножува патилата.“
Патилата на големите, сепак, не се исти со патилата на малите, зашто причините за нив се различни
Меѓутоа луѓето што читаат секогаш ги објаснуваат патилата на малите низ соодветство со патилата на големите
Пред ерата на Шесте династии[9] Кинезите беа тажни, но тоа не се должеше на читањето
Од династијата Со̀нг[10] наваму Кинезите сѐ повеќе љубеа да читаат, но ги читаа само Конфуциј и Менциј сѐ додека не се појавија Маркс и Ленин
Има луѓе што читаат со цел најсетне да ги остават книгите, односно да се напуштат себе си
Има луѓе што читаат книги сѐ дури неосетно не се претворат во книжни молци
(8 март, 2016)

[1] Ера на завојувани држави (战国: Чжа̀н Куо́; 476 – 221 п.н.е.) – последна етапа на древната династија Чжо̄у (1046-256 п.н.е.), во којашто династијата е конечно уништена (256 п.н.е.). Оваа историска епоха одбележана е со речиси непрекинати војни помеѓу локалните кинески држави. Истовремено, пак, се случува и особено жива интелектуална активност, одбележана со множество мислители, книжевници и философи. (бел. прев.)
[2] Чјӯ Јуе́н (屈原; 343-278 п.н.е.) – древен кинески поет, кој живеел во државата Чу̌ (楚). Чјӯ Јуе́н, кој потекнувал од огранок на владетелската лоза на државата Чу̌, првично имал висок чин на дворот на кралот Хуа́ј од Чу̌ (楚怀王: Чу̌ Хуа́ј-ва́нг; 328-299 п.н.е.), но подоцна тој бидува прогонет. Чјӯ Јуе́н е прочуен по својата неуморна дејност да го освести својот крал за опасноста од агресивната политика на државата Чи́н (秦). Неуспехот во справувањето со оваа опасност на крај ќе доведе до тежок пораз на Чу̌, кога војските на Чи́н во 278-ма год. п.н.е. ја освоиле дури и нејзината престолнина, градот Ји̌нг (郢). Чјӯ Јуе́н, кога ја чул оваа вест, решава да се самоубие фрлајќи се во водите на реката Мѝлуо́ (汨罗) во денешната јужна провинција Ху́на́н (湖南). Овој настан е повод и за традиционалниот кинески празник – „端午节“ (Дуа̄н Ву̌ Џје́), славен во 5-от ден од 5-от месец според кинескиот лунарен календар, којшто во странство обично се нарекува „Празник на змејовидните чунови“ и кога се организираат трки со чунови, симболизирајќи ги рибарите, кои поитале со своите лотки да го спасат поетот, којшто се фрлил во реката. (бел. прев.)
[3] Че́н Шѐнг (陳勝 ; †208 п.н.е.) – првично бил офицер во армијата на династијата Чи́н (秦; 221-206 п.н.е.), која претставува прва централизирана административна империја на Кина, основана од царот Чи́н Ши̌’ Хуа́нг (秦始皇; 259 – 210 п.н.е.), познат по својата бескомпромисност и суровост. Че́н Шѐнг бил задолжен да поведе група војници до нивните назначени позиции, но поради луња не биле во можност да стасаат на време, што според драконските закони на ‘Чи́н се казнувало со смрт. Оттука, тие решиле дека подобро е да се одметнат и почнат востание против династијата, кое е прво во низата такви движења што на крај и ќе ја соборат династијата ‘Чи́н. (бел. прев.)
[4] На работ на водите (水浒传: Шу̌ј Ху̌ Чжуа̀н) – наслов на класичен кинески роман, чие авторство се припишува на Шӣ’ На̀ја̄н (施耐庵; 1296-1372). Станува збор за повест, која ги опишува авантурите од робинхудовски тип на 108 одметници од епохата на династијата Со̀нг (宋; 960-1279). (бел. прев.)
[5] Станува збор за т.н. Шӣнха̀ј (辛亥) револуција од 10 октомври во 1911 г. крената во Ву̌ха̀н, со која била соборена последната кинеска династија Чи́нг (清; 1644-1911) и е воспоставена Република Кина. (бел. прев.)
[6] Затворот Лју̌шу̀н (旅顺) – озлогласен затвор за време на јапонската окупација на севеористочна Кина сместен во близина на градот Да̀лје́н (大连), каде биле затворени многу познати патриоти и антиколонијални активисти не само од Кина, туку и од Кореја. (бел. прев.)
[7] Нју̌ва̄ (女娲) – женска легендарна фигура од кинеската народна митологија. Нејзе ѝ се припишува и создавањето на луѓето од глина, како и поправањето на небесниот свод со што е воспоставен постојниот космички поредок. (бел. прев.)
[8] Родослов на божествата (封神演义: Фе̄нгше́н је̌нјѝ) – популарно книжевно дело од времето на династијата Ми́нг (明; 1368-1644), кое претставува компилација на преданија, во кои се состоела кинеската народна митологија. (бел. прев.)
[9] Шест династии(六朝: лјо̀у ча́о; 220-589)- збирен назив за неколку државни творби кои се изменувале во Северна и Јужна Кина после пропаста на династијата Ха̀н (漢; 205 п.н.е. – 220 н.е.), па сѐ до втората половина на VI век. (бел. прев.)
[10] Династија Со̀нг (宋; 960-1279) во економската, културната и научната сфера претставува ера на исклучителен процут. Под нејзино владеење Кина доживува вистинска економска револуција, кога поусовршените аграрни техники доведуваат до значаен пораст на населението, а развојот во претприемништвото и трговијата изнудува иновации во финансиската сфера, како што се првите книжни банкноти во светската историја и еден вид акционерско работење во стопанските здруженија. Барутот се става во употреба за производство на огнометни ракети, како и за првите огнени оружја во светот. Династијата Со̀нг се одликува и со карактеристичен процут на урбаната култура, а од уметничките достигнувања, за истакнување е пејсажното сликарство, кое во овој период го достигнува својот најпрефинет израз. Карактеристично за епохата е масовната употреба на печатарската техника и огромната продукција на книги што придонело за зголемена популаризација на речиси сите книжевни жанрови. (бел. прев.)
