Пред смртта се стори пеперуга

ВАНА

Крстот што го носеше беше претежок
алиштата што сама си ги подготви за погребение –
прешироки
оти пред смртта се стори колку пеперуга
Имаше видено сè:
и живородено и мртвородено
врз тебе имаше паднато и планина
имаше пливано во бунар со нафта
имаше испиено отров од змија
изедено глава од желка
ја имаше видено Богородица на прозорец
го имаше слушнато нечестивиот на сон

твоите лалиња сè уште цветаат
секоја пролет

Крстот што го носеше беше претежок
алиштата што сама си ги подготви за погребение –
прешироки
оти пред смртта се стори пеперуга

СОТИРКА

Ја имаше видено
Втората светска војна
а длабоко во себе
ја водеше третата
Секогаш зборуваше тивко
оти долго време околу старата куќа
кружеле поткажувачи и кодоши
со списоци на забранети зборови и фрази
со листи на подобни и неподобни
Ушните ресички ти беа скинати
некој ти ги беше откорнал
единствените златни обетки што ги имаше
Се зборуваше дека во дворот
има закопано доволно оружје
да се ослободи Македонија
а сепак куќата ти се претвори во затвор

И колку поостри странуваа шилците во твоите зглобови
толку помек стануваше памукот во твојата душа
Колку поцрни беа облаците што доаѓаа
толку позелени стануваа ливадите во твоите очи
полни гороцвет и темјанушки
понекогаш таму наминувам
да соберам сила
за утре

ХАРИКЛИЈА

Вака се сеќавам на тебе:
седиш на каучот
немаш очи
а кожата ти е провисната и со меурчиња

Се сеќавам на тебе
како на единаесетвековен чинар
прстите ти се извиткани
како столетни ветки
ме галат по косата како развигорец
Јас имам две години,
малку се плашам што немаш очи
а кожата ти е темна, дамкосана и провисната

врз неа се исцртани
мапите на гастербајтерите морепловци
историските карти на Балканот
тајните патеки до скривниците со муниција
гробовите на децата што си ги погреба предвреме
нежните допири на внуците и на правнуците

Се сеќавам на тебе
како на единаесетвековен чинар

СУЛТАНА

Се сеќавам на една фотографија:
некој сеирџија
фрла макарони во воздухот
а пред него,
како ластовички во гнездо,
босоноги дечиња
чекаат со отворени усти

од небото напалм-бомби
се спуштаат место дожд

Низ вековите
така ни ги фрлаа ронките
од белосветските трпези
на кои го расчеречуваа и го ждереа
телото на нашата земја
и иако името ни беше да владееме, Султана,
ние слугувавме
по туѓите имоти и полиња
по туѓите штали и амбари

Ми раскажуваа
дека во престилката
си сокривала по еден грст пченка
од онаа за стоката
за да ја прехраниш
единствената ќерка
што ти остана
жива

VIA DOLOROSA

Некои патишта
мора да ги поминеш
бос, по ситно искршено стакло
по мраз создаван со милениуми
на лакти, по жежок пустински песок
гребејќи со нокти по карпите
навалени на работ на провалијата

Некогаш
мора да стапнеш и на лава
некогаш, без да знаеш,
ќе згазнеш и врз черепи
мртви галеби, град на мравки
врз некој црв кој штотуку го изел
своето стракче трева

Некои патишта
мора да ги поминеш
носејќи се себеси в раце
одејќи на раце
скокајќи на една нога
пливајќи во жива кал
секогаш држејќи се за сламка

А некогаш ќе можеш
да одиш

и по вода

Од поетскиот ракопис Golgotha feminarum

Тагови од објавата
More from Славица Гаџова Свидерска
Поезија од Славица Гаџова Свидерска
Ни праќаш пораки со непознати знаци / на контурите на планините /...
Повеќе
0 replies on “Пред смртта се стори пеперуга”