Избор поезија

Неколку песни од стихозбирката „Ткажалки“, издание на Друштвото на писателите на Македонија, добитник на наградата „Даница Ручигај“ за најдобар необјавен поетски ракопис за 2025 година.

Шубе

Шубајлија!
Од шубе – пошубе.
Во уплав,
со ококорени очи
и дланки што се листаат.

Уплави, уроци
Да не дај боже
нешто лошо се случи!

Среќата е порок
во овој дом на уривање.
Не чини!
Скраја да е!
Не вели: Добро е!

Шубе ти оставам
во аманет, во мираз
С’клет нерастаен,
чеиз спакуван!

Дребулии
Редам брошеви по ќошеви,
заборавени оставштини,
подарени нежности
од бабите, од тетките.
Подзаплакувам врз светките
од некогаш светлите денови
на нивната младост.
Нежно допирам
парчиња семејни приказни,
мали неоткриени тајни
за убави сонови, домови
изгубени надежи
и исплакани туѓи среќи.

Местам дребулии,
небаре неимар
градам храм
во скришноста на орманот
олтар од ситници, невидлив за туѓи очи.
Редам дребулии, дрангулии,
ничии вредности!

Мастило
Во мене плачат ора
чии чекори не ги знам,
танци што ги бараат
солзните канали да се излеат.
Некоја дамнешна музика
татни посилно
од мојата вчерашна загуба.
Низ нотите што не ги свирам,
а липам! живеат ридањата на жените
од родот мој.
Извиени, вијат приказни,
историјата нема фазла мастило
да ги запише.

Замандали
Замандали ја портата
и славината,
тонот на телевизорот
светлата над шанкот.
Замандали ги
ударите,
шуштењата, штимањата…
Замандали ја вратата
на спалната

на умот
на домот.
Дремеж
долг – век
му е потребен на стравот
да се распадне.

Тагови од објавата
More from Александра Јуруковска
Скриен портал со емотивен полнеж
Кон „Скриено писмо“ од Митко Гогов
Повеќе
0 replies on “Избор поезија”