ПОРИВОТ ВО НАС или ПОСЛЕДНАТА ПЕСНА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

1.

Во последните три стихозбирки: „Сеизмограф“ (1989), „Небеска река“ (1991) и „Црн овен“ (1993), Конески навестуваше дека тие песни ќе му бидат последни. Сепак, трите збирки се случија, а во меѓувреме Конески објави и збирка есеи: „Светот на песната и легендата“ (1993). Водејќи се по неговото (одамна забележано) начело: „Тоа е порив и за смисла не прашува“, на 29.11.1993 година, Конески ја запиша „Зимско утро“, уште еднаш потврдувајќи го тоа начело.

Уште во 1989 година, во предговорот кон својата стихозбирка „Сеизмограф“, Конески нè потсетува на теоријата за единството на тријадата: дејство, време, место: „Никогаш не сум бил поблиску до теоријата за единството на дејството, времето и местото“, дополнително дообјаснувајќи дека „Сите овие песни се забележани во текот на последните три-четириесет дена. Само неколку од нив беа сосем грубо скицирани порано, а сега го добија својот конечен облик“ (Конески 1989: 5).

Предговорот кон стихозбирката не ни дава јасно кажување за тоа дека Конески не ветувал други песни по овие. Текот на искажувањето за периодот на бележење на песните (околу шест недели) потврдува две нешта:

  1. Начелото дека поривот на песната е посилен од поетот.
  2. Конески не ставал акцент на генерирањето нови песни.

Теоријата за единството (Аристотел) го наоѓа своето место во предговорот со причина. Фокусот на Конески не бил примарно врз песните. Дури, оваа стихозбирка се појавува релативно бргу – неколку месеци по „Златоврв“ (1989), дополнително потврдувајќи го кажувањето на Конески. Во „Сеизмограф“ се забележани дел од поинтимните песни кои го објаснуваат животот и околината во која се наоѓал Конески во тој период: „Зборот“, „Осаменост“, „Обврска“, „Лажни пороци“. Во науката овие песни се повеќепати анализирани и поврзувани со животниот тек не само на поетот туку и на човекот, кога ќе го задесат случки „како судбинско одвивање, како незапирлив тек и истек на човечкиот век, како што истечува реката на животот, без поетска и каква-годе друга афектација“ (Старделов 2000: 270). Стиховите ја нагласуваат драмата на и во животот, сите изместувања и немири, една нераскинлива врска со битието.

Во „Небеска река“ и „Црн овен“, во 73 песни (не сметајќи ги препевите поместени во двете стихозбирки), го гледаме она што беше на извесен начин најавено во „Сеизмограф“. Во двете последни стихозбирки на Конески имаме згустена појава на песни што говорат за животот, особено за животот на поетот. Поставен е премин од општото кон конкретното. Ако во „Сеизмограф“ имавме песни кои даваа генерална претстава за животот, овде Конески копа длабоко во интимното на своето битие и на секоја страница дава исповед за својот живот, без разлика дали само во еден стих или во цела песна. Тој веќе води смирен живот (тонот во песната „Хотели“ ја нагласува неговата немоќ да патува низ светот и да ја шири македонската култура), а е ставен пред „голгота“: сведок е на надворешни немири (периодот на осамостојувањето на Македонија), па ги отпејува во песната „Отпор“, по што го најавува и својот крај во двата (не случајно ставени еден до друг) катрени: „Античка трагедија“ и „Урна“.

Попрецизно, Конески го акцентира својот молк во предговорот кон стихозбирката „Црн овен“:

„Дојде време кога не само кај други, ами и кај самиот мене, почна да се јавува мислата дека е ред веќе да молкнат моите песни. Дури бев уверен дека ’Небеска река‘ ќе биде моја последна збирка. Затоа во целата прва половина од минатата година напишав само два-три пригодни текста. Но летоска во Дојран песните пак почнаа да се множат. Сега, токму спроти Свети Атанас, забележав дека сум пак обиколен од едно мало стадо.

Порано имало обичај на Свети Атанас да се коле курбан бел овен годинал. Годинак – за да се означи дека изминал уште еден годишен круг, бел – за да се знае дека уште еднаш денот ја навасува ноќта, светлината мракот. Но јас оваа година водам по себе црн овен. Прости ми, средсело!“

Овој предговор е датиран: Скопје, 3.II.1993 година. Укажуваме на фактот дека Конески работел врз оваа стихозбирка паралелно или веднаш по предавањето за печатење на неговата есеистичка книга „Светот на песната и легендата“ (чијшто предговор е исто така со датум: Скопје, 18.IX.1992 година).

Не случајно Конески ја отвора својата есеистичка книга со монументалниот есеј „Еден опит“, во кој говори за својот опит во поезијата. Слично, првиот циклус песни во „Црн овен“ носи наслов „Отпор“. Споредувајќи ги заклучоците изнесени во есејот со циклусот песни, забележуваме дека Конески истовремено зборува за поезијата, а во поезијата – за животот. Дали е ова случајно или не и дали Конески на своевиден начин говори за својот живот во песната, нека одлучи самиот податок за појавата на двете книги – токму во 1993 година, во која се понудени овие „тестаментални записи“.

2.

Поставувајќи ја „под лупа“ последната песна на Конески, насловена „Зимско утро“, не се соочуваме со некои незнајни податоци во врска со откривањето на песната, на начин на којшто зборуваше Конески за оваа практика. Тој не гледа на песната како на некаков проект што треба да се заврши во одреден временски период. Песната за Конески беше простор во кој се испреплетуваат народната традиција и современиот поетски терк. Во есејот „Еден опит“ јасно го кажува ова: „Тешко е и да се претстави, а камоли да се прикаже, сложеноста на една таква јазикотворечка лабораторија. Од комбинирањето на идеите, од вкрстувањето на содржините се оди до ситни подробности во поврзувањето на фонетскиот и лексичкиот материјал, – сето тоа сообразно со потребата за искажување на колективот и авторот во дадено време, која во еден миг како до фокус доведува до откривањето на песната“ (Конески 1993: 13).

Блаже Конески ни во својата последна песна не го напуштил своето поетско начело, кажано во антологиската песна „Везилка“, која во стиховите пее за „проста и строга македонска песна“, споредувајќи го спојот на традицијата и актуелниот поетски јазик со два конца:

„– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен“.

(Конески 1955: 7)

Пригодно е во овој дел од нашиов приказ да ја наведеме песната „Зимско утро“, настаната на 29.11.1993 година, а ја користиме објавената верзија во втората книга од изборот песни под наслов „Сите мои песни“, објавен во 2002 година:

Зимско утро

Молчи зимското утро.
Се стуткало в соба, како куче.
Уште не му се излегува надвор.
Студи.

Под мојот прозорец
и денеска цвркоти и си рипка
шалава сипка:
сип, сип, сип!
И тоа како порив за живот
во мене пак да буди.

29.XI.1993

Логично се наметнува прашањето зошто е објавена оваа песна на Конески, која не стигнала да биде поместена во некоја идна стихозбирка. Не отпаѓа ни можноста за дополнето издание на неговата стихозбирка „Црн овен“, каде што, покрај објавените песни и препеви, би се понудил и овој поетски текст на Конески, одделно од двата поетски циклуса што се застапени во стихозбирката.

Во претходните редови на овој текст забележавме дека Конески не ставал акцент на генерирањето нови песни. Оваа (датирана) песна доаѓа по речиси девет месеци од предговорот што тој го напишал за стихозбирката „Црн овен“, пред да ја даде на печатење. Два клучни фактора играат улога за оваа одлука на Конески. Прво, неговото здравје во последните години од неговиот живот значително се влошило. Неговиот најблизок соработник Трајко Стаматоски забележува дека „(…) Конески не можеше да опстојува без секојдневна нега од квалификувано лице, без туѓа помош“ (Стаматоски 2004: 242). Второ, Конески при крајот на својот живот знаел да нагласи дека сè што имал – оставил кај пријателите, и сè што имал да каже – кажано било:

„Што сум имал важно да кажам,
сè е кажано,
понекогаш со толку звучни зборови,
што дури ми иде срам“.

(Конески 1991: 23)

Не е случајно што одредени коментари на Конески наоѓаат свое место во неговото поетско творештво. Секој што се занимавал со поетското творештво на Конески е свесен за овој факт. Георги Старделов, гледајќи ги низ херменевтичка призма песните на Конески, забележува дека „во тоа е ретката поетска големина на Конески – од она на изглед обично, катадневно речиси поедноставено, да ги извлече и поетски да ги изрази трајните егзистенцијални константи на човечката живеачка во една треперлива мисла која има редовно голема поетска сугестивна моќ“ (Старделов 2000а: 101). Таквата сугестивна моќ на таа треперлива мисла е во тесна врска со сматната идеја – основната предлошка врз која почива стихот, што треба да ја претстави идејата на песната. Конески зборува за сматната идеја во неговиот есеј „Генерирање на една песна“, објаснувајќи го процесот на раѓањето на неговата песна „Одлагање“.

3.

Песната „Зимско утро“ по многу нешта се вклопува како своевиден дел од стихозбирките „Небеска река“ и „Црн овен“. Пораките што ги пренесуваат се поврзани со животното искуство, такво какво што може да биде сублимирано само при крајот на еден човечки живот. Песните во двете стихозбирки „како да се некој вид тестаментални песни-пораки“, а самите стихозбирки – „завети до македонските поколенија“ (Старделов 2000б: 275). Имајќи предвид дека името на Блаже Конески, во периодот кога се појавија неговите три последни стихозбирки, претрпе сериозни напади, особено од оние на кои во одреден период им бил инспирација, па и закрило, може со сигурност да се истакне непредвидливоста како човечка особина која е дел од стихот на Конески, дел од блажевиот запис, како што нагласува Старделов. Меѓутоа, тој т.н. блажев запис е, всушност, ars poetica-та на песната на Конески, оформената, конечната песна, која во себе јасно ја претставува сматната идеја. Тие две компоненти на стихот на Конески се нераскинливи.

На прв поглед, песната „Зимско утро“ претставува скромна поетска творба од две строфи, која во првата строфа има четири, а во втората – шест стиха, каде што е поместен и кусиот пев на птицата сипка. Се гледа дека во првата строфа, потпирајќи се на вообичаената појава (како изгледа едно зимско утро), Конески ја поставува сматната идеја: утрото е споредено со куче што е стуткано в соба и на кое не му се излегува надвор зашто студи. Интересно е да се забележи фактот дека Конески ја нагласува општата појава – студи, одредувајќи посебен стих за временската појава, како да не е доволен насловот на песната и неговото место во првиот стих. Со право се поставува прашањето зошто Конески има ваков, дури тавтолошки пристап, склон кон ослабнати места во песната. Зарем не се трудел да ги ублажи, како што тоа го направил објаснувајќи го процесот на генерирање на песната „Одлагање“, кога зборувал за она излишно повторување?

Пораката на првата строфа не е повторувањето или, пак, неможноста да се изнајде нов збор што повеќе би одговарал за да се избегне излишното повторување. Конески го истакнува студот не како општа (временска) појава кога доаѓа годишното време, туку се потпира на пораката што ќе му помогне да ја открие втората строфа. Конески во првата строфа ја устројува сматната идеја пишувајќи за „едно зимско утро“, а всушност, со хируршка прецизност, прави засек во човечкиот живот, кој е пред самиот крај. И тука, како и во почетоците на поетскиот пат, „Конески во својот запис е крајно скржав во зборот, успевајќи секогаш да го открие оној стожерен симбол во кој најсугестивно е изразен еден придушен емоционален грч од кој почнува и со кој завршува неговиот поетски запис“ (Старделов 2000а: 95).

Втората строфа отстапува простор на игривоста како особина што дополнително ја истакнува сматната идеја. Локацијата е позната: вметнувајќи го „мојот прозорец“, понудува блискост, читателот да ја почувствува песната длабоко во себе, поетската слика како да е доживеана лично од читателот, тој лично да го чул повторното пеење на птицата: „сип, сип, сип!“, и сето тоа да му враќа свежина, порив за живот. Поривот за живот е јасно изразен во вториот стих од втората строфа: „и денеска цвркоти и си рипка“, засилувајќи ја желбата кај човекот за уште малку повеќе време близу убавините на животот.

Дека Конески успеал на „прост и строг“ начин да ја долови и пренесе сматната идеја и во оваа песна е јасно. Уште повеќе, се забележува оној блажев запис кон кој прибегнува Георги Старделов: „(…) секој блажев запис има, главно, како во овој случај, два органски меѓусебно поврзани планови, преден и заден. Во првиот план сè во записот е на ниво на сетилната перцепција. Тој е исполнет со симболизации и затоа сè во него е на ниво на импресија. Вториот план, пак, ја напушта, неочекувано но не наврапито, преточувајќи ја импресијата и симболизацијата во експресија и рефлексија, обликувајќи ја во себе, како кода, пораката, односно поентата на поетскиот запис. Оваа и ваква структура на неговиот запис ретко се напушта. Неа како своевиден поетски стожер (во првиот дел како загатка, во вториот како разгатка) ја среќаваме во речиси секој негов поетски запис, независно дали е напишан во стих или во проза (Старделов 2000а: 98)“. Конески во првата строфа прави споредба на зимското утро со куче стуткано в соба, додека во втората строфа е нагласена средбата со сипката, односно со нејзиното пеење, кое буди порив за живот.

Конески, според понудениот податок, ја напишал оваа песна на само осум дена пред неговата смрт. Веќе забележавме дека последните години од животот на Конески биле полни со напади врз неговото научно начело, при што се извртувале неговите јасни намери, кривоверно тврдејќи дека бил на страната на државите кои се бореле против неговата мајковина Македонија. Конески на тие напади дал свој одговор и во научни текстови, а секако и во својата поезија. Тој ни ги подари песните „Молитва“, „Отпор“, „Претходница“, каде што јасно се гледа неговиот став за нештата. Дури се забележува и променет однос на Конески кон своето начело, да го „чува зборот добро врзан како необучен коњ“, ами почнал „да дава слободно оцени на настани и на личности, што инаку не му беше својствено, зашто веќе не се плашеше од зборот“ (Стаматоски 2004: 242–243).

Говорејќи за овие две поетски слики во песната „Зимско утро“, доаѓаме до уште еден принцип за кој пишувал Конески: тоа е т.н. двокатна песна. Во знаменитата книга „Светот на песната и легендата“ е поместен есеј со наслов „Двокатна песна“, во кој Конески се потпира на „зборот мотивиран по значење“, по што бара „двокатност на содржински план“ (Конески 1993б: 43). Пишувајќи за едно, навидум обично, познато зимско утро, Конески ја користи метафората за да нè упати на зимата во човечкиот живот, поточно на крајот како дел од антрополошкиот циклус кај човекот, кога надоаѓа смртта: „Молчи зимското утро. / Се стуткало в соба, како куче“ (истакнатото е наша забелешка).

Свеста за крајот на својот живот, меѓутоа, не го спречува одново и одново да му се навраќа на животот воопшто, да ги прославува сите збиднувања за кои посведочил, па со силата што му останала пак да пее за истите. Давајќи ѝ глас на таа „шалава сипка“, нејзината песна, нејзиното „сип, сип, сип!“ воскликнува, најпосле сфаќајќи дека убавината во животот се крие во малите нешта со експлозивна вредност.

4.

Можноста за пристап до одредени автографи од ракописната оставнина на Блаже Конески ни дозволи посуштински да навлеземе во генерирањето на песната „Зимско утро“. Материјалот што го консултираме при анализирањето на оваа песна е достапен на две места: како прилог – скен од ракописната верзија на „Зимско утро“, достапна во книгата „Лирската биографија на Конески“ од Атанас Вангелов, на стр. 240, кој, пак, е преземен од дневниот весник „Вечер“, и скен објавен на веб-страницата на Дигиталната библиотека „Браќа Миладиновци“. Последниот прилог од таа дигитална збирка се наоѓа на стр. 35.¹ Скенот од библиотеката е тој со којшто се послуживме при работата на овој текст.

¹ Ќе ја користиме кратенката ЗУ при секое спомнување на скенираната верзија на автографот на песната „Зимско утро“ од Блаже Конески.

Пред да пристапиме кон реконструкцијата на стиховите на песната „Зимско утро“, се повикуваме на текстот на песната запишан од Трајко Стаматоски: „Молчи зимското утро. / Се стуткало в соба, како куче. / Уште не му се излегува надвор. / Студи. / Под мојот прозорец / и додека цвркоти и си рипка шалава / сипка: / сип, сип, сип! / и тоа како порив за живот / во мене пак да буди“ (2004: 245–246).

Во голема мера текстот, како што го приложивме на почетокот на овој труд, се совпаѓа со текстот напишан од Трајко Стаматоски. Разликата, меѓутоа, се забележува на три места. Прво, според цитираната верзија од Стаматоски, песната не изгледа како да е поделена на две строфи, што е случај и со ЗУ, наспроти нашата верзија приложена на почетокот. Второ, имаме замена на прилогот „денеска“ со сврзникот „додека“ во шестиот стих. Трето, во цитираната верзија на Стаматоски „шалава“ и „сипка“ се поделени во два стиха, додека во ЗУ и во нашата верзија тие се во еден стих, по што следува ономатопејата „сип, сип, сип!“ во нов стих. Песната и во едната и во другата верзија содржи десет стиха, а единствените разлики се тие што ги посочивме.

Споредувајќи ја верзијата на песната „Зимско утро“, којашто најпрво ја забележавме овде, со автографот ЗУ, гледаме повеќе разлики кои помагаат полесно да го реконструираме генерирањето на истата.

Прво нешто што паѓа в очи, гледајќи ја ЗУ, е тоа што нашата верзија на песната е строфична (поделена е во две строфи, првата е катрен, а втората е секстина), додека ЗУ нема строфи, односно песната во автографот е астрофична. Првите четири стиха во ЗУ не претрпеле измени, за разлика од останатите, во кои се видливи повеќе измени и дополнувања. До стихот „Под мојот прозорец“ следуваат уште два-три збора што се пречкртани, кои со подетален увид ги реконструираме вака: „сивата сипка“. Во нов ред стои стихот „и денеска“ и повторно неколку пречкртани збора од кои последниот најмногу личи на ракописот на зборот „сипка“, а според тоа што можеме да го видиме, пречкртаните зборови би биле „пак си цвркоти и рипка“. Следува ономатопејата која во првичната верзија се повторувала четирипати, наместо трипати: „сип, сип, сип, сип!“, а второто „сип“ е пречкртано. Се гледа дека во подоцнежната верзија авторот интервенирал меѓу стиховите „и денеска…“ и ономатопејата, додавајќи го стихот „шалава сипка“. Последните два стиха од ЗУ се полесни за одгатнување. Стиховите „И тоа како порив за живот / во мене пак да буди“ првично гласеле: „И тоа некаква надеж пак / во мене буди“, по што поголемиот дел од стихот „И тоа…“ бил пречкртан, па ја добил формата „И тоа како порив за живот“. Последниот стих е проширен, со тоа што му биле додадени зборовите „пак да“, па ја добил формата „во мене пак да буди“.

Оваа можна реконструкција на последната песна на Блаже Конески пред сѐ укажува на свеста на авторот за формата што ќе ја добие неговото дело дури и во последните моменти од животот. Редакцијата на песната „Зимско утро“ е показател за тоа како поетите работат на своите песни, отфрлајќи го тоа што не одговара на т.н. „сматна идеја“, сѐ додека не го добијат посакуваниот резултат. Имајќи ги потребните стихови, на увид ја даваме нашата реконструирана верзија на песната „Зимско утро“:

Зимско утро

Молчи зимското утро.
Се стуткало в соба, како куче.
Уште не му се излегува надвор.
Студи.
Под мојот прозорец сивата сипка
и денеска цвркоти и си рипка:
сип, сип, сип, сип!
И тоа некаква надеж пак
во мене буди.


Користена литература

Вангелов, Атанас (2020). „Сип, сип, сип!“ Лирската биографија на Конески. Скопје: Слово (240–255).

Конески, Блаже (1955). Везилка. Скопје: Култура.

Конески, Блаже (1989). Сеизмограф. Скопје: Мисла.

Конески, Блаже (1991). Небеска река: Песни и препеви. Скопје: Македонска книга.

Конески, Блаже (1993а). „Еден опит“. Светот на песната и легендата: Есеи и прилози. Скопје: Гоце Делчев (9–20).

Конески, Блаже (1993б). „Двокатна песна“. Светот на песната и легендата: Есеи и прилози. Скопје: Гоце Делчев (43–47).

Конески, Блаже (2002). Сите мои песни: Книга 2. Скопје: Табернакул.

Конески, Блаже (2021). Црн овен. Поговор Зоран Анчевски. Скопје: Арс Ламина – публикации.

Стаматоски, Трајко (2004). „Последните денови на Конески“. Македонскиот јазичен идентитет. Скопје: Култура (239–248).

Старделов, Георги (2000а). „Записи“. Одземање на силата. Избрани дела, том 5. Скопје: Ѓурѓа (91–123).

Старделов, Георги (2000б). „Небеска река и Црн овен“. Одземање на силата. Избрани дела, том 5. Скопје: Ѓурѓа (273–284).

Онлајн извор:

https://digitalna.gbsk.mk/viewer/show/303#page/n33/mode/2up (пристапено на 26.10.2026)

Тагови од објавата
Напишано од
More from Пепи Стамков
КНИГА ЗА СВЕТОТ НА ЛИКОТ
КНИГА ЗА СВЕТОТ НА ЛИКОТ (кон романот Ветрилиште од Игор Анѓелков, Или-или,...
Повеќе
0 replies on “ПОРИВОТ ВО НАС или ПОСЛЕДНАТА ПЕСНА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ”