Штипска светска премиера

Кон претставата „Парови“ од Миро Гавран, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во изведба на Народниот театар од Штип.

parovi

Премиерата на претставата „Парови“ од Миро Гавран, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во изведба на матичниот Народен театар во Штип, по подолго време донесе радост, полет и свежина на театарската сцена. Слично како во случајот со претставата „Хасанагиница“ од Љубомир Симовиќ, и овојпат публиката нестрпливо го очекуваше овој настан, на кој дојде во голем број.

Претставата „Парови“ е камерна и, би рекле, сообразена со габаритот на театарскиот подиум, но и со квалитетите на актерската екипа на овој театар. А самата изведба ветува дека „Парови“ ќе биде подолго време на сцената, и тоа не само во Штип туку и преку гостувања низ Републиката, па и во странство, зашто станува збор за гледлива, за привлечна и за популарна претстава.

И – она што е посебен куриозитет: драмскиот текст „Парови“ од Миро Гавран токму со оваа праизведба имаше светска премиера, зашто првпат во Штип беше изведен каде било во светот.

Инаку, Миро Гавран е вешт, минуциозен и духовит автор, кој мошне прецизно, пластично и доживеано ги транспонира трагичните животни ситуации, кои веднаш потоа стануваат комични или, како што обично се вели: кога не би биле за плачење – не би биле ни за смеење.

Приказната започнува со два пара што одат на одмор на море во Далмација: првите повозрасни и во соба со поглед кон морето, а вторите млади и во соба со поглед кон шумата. И едните и другите не се многу задоволни и воодушевени од собите, а првите воопшто не се задоволни и од заедничкиот живот. Напротив, тие одвај и се поднесуваат, а тука доаѓаат за да се обидат да се смират, да се обидат уште еднаш или дефинитивно да си кажат „збогум“, што подоцна и навистина ќе се случи. Другите двајца, пак, се дојдени за подобро да се запознаат и да се навикнат еден на друг, но и нивното предбрачно искуство завршува со негативен исход.

Но тоа не е сѐ. Како на филмска лента се редат, поточно се нижат, и бројни други заплети и расплети на речиси идентични, на слични или на сосема различни парови, кои, исто така, ги игра истата актерска екипа, односно секој од актерите се претставува во по три посебни и различни улоги. Тоа е убав, солидно избран режисерски концепт, но и необична и несекојдневна постапка, која претставата ја прави неверојатно динамична, полна со пресврти, со разиграност и со ведрина, а актерите имаат ретка и специфична можност речиси истовремено да влегуваат во повеќе идентични, слични или различни улоги и да се трансформираат, да се проверуваат и притоа да се докажуваат.

miro
Миро Гавран

Сепак, најголема заслуга за претставата, покрај текстот и режијата, има самата актерска екипа, која не само што беше на нивото на поставените задачи туку во одредени ситуации и мигови дури имаше и исклучителни блекави мигови и проблесоци, кога гледачот не беше сосема сигурен што се случува на сцената: театар или вистински живот!?

За машко-женските односи, појави и состојби во претставата беа задолжени: Валентина Ѓоргиевска, Милорад Ангелов, Пеце Ристевски, Миле Вратеовски, Виктор Арев, Ангелка Нашкова, Марија Минчева и Елена Ѓорова. Иако е тешко да се издвои само еден лик од сите нив – овојпат, се чини, бравурозен и најсвој беше актерот Милорад Ангелов, кој едноставно како да се пронајде во својата улога и според дикцијата на гласот и според самата актерска игра.

Сценографијата е дело на Валентин Светозарев, музиката е на Марјан Нечак, а костимите се на Благој Мицевски. Сценографијата е мошне едноставна, но функционална; музиката – непретенциозна, дискретна и ненаметлива; а костимите – скромни, стандардни и типични, со цел автентично да ја доловат нашата вообичаена современост, овдешност и реалност. Искусната и професионална тројка – Светозарев, Нечак, Мицевски – успешно си ја завршила работата, т.е. ја обликувала, ја опремила и ја заокружила претставата.

Најголемиот успех на оваа претстава е, сепак, изостреното чувство и осет за вкус и за мерка, зашто не се излезе од рамките на пристојноста, не се допре вулгарноста и баналноста, иако самиот текст и животните ситуации тоа на одреден начин го навестуваат, го дозволуваат и го овозможуваат. Но тоа е заслуга и на авторот Миро Гавран и на режисерот Љупчо Ѓоргиевски, кои, иако газеле преку тенок мраз и се движеле по тенка жица, не дозволиле да се струполат и да паднат во амбис, туку предимство и првенствено значење им дале на содржината, на духовната, а не само на егзистенцијалната понесеност и носивост, односно на психолошко-филозофските валери и на естетската димензија, а не на формата и на евтиниот хумор, на сатирата и на гротеската.

Ете, во Штип уште еднаш се случи добар и вистински театар…

Напишано од
More from РЕПЕР
You’re my thrill (по Billie Holiday)
You’re my thrill You do something to me You send chills right...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *