ОТКАЖУВАЊЕ
Не може стеблото да се откаже од коренот и цветањето
Не може птицата да се откаже од воздухот и летањето
Не може детето да се откаже од раѓањето и родителите
Не може срната да се откаже од еленот и гонителите
Не може реката да се откаже од изворот и течението
Не може ученикот да се откаже од успехот и поведението
Не може рибата да се откаже од водата и пливањето
Не може боксерот да се откаже од модриците и претепувањето
Не може земјата да се откаже од небото и облаците
Не може сонцето да се откаже од светлината и зраците
Не може човекот да се откаже од животот и преживувањето
Не може поетот да се откаже од пишувањето и римувањето
ТРКАЛОТО
Да не беше тркалото џабе ќе беше и кадрото и седиштето
На новиот велосипед и тој немаше да стигне на вишниот рид
Но стариот мајстор спасот го видел во оската и силата на кругот
Пред кој се поклонуваат моќници и каде досега најдалечниот вид
Тркалото е кругот на животот па и кога не носи никаква среќа
Одеднаш тоа што е долу се искачува горе и се врти како рингишпил
Па и највисокото стебло и најтешкиот камен се поместува од местото
И стигнува на престолот само со кругот кој во секое движење се скрил
Во тркалото сите недоодени патишта и тајни скришно дремат
Ко образите на јадрата жена но и цветовите од жолтиот невен
Но набрзо штом окото посака да лидне тие за миг ќе се сменат
Благодарејќи на мудроста на пронаоѓачот и бесмртниот изум древен
ПСИХОЛОШКИ ДОЖД
И кога метеоролозите не гледаат ни еден единствен темен облак
Со голо око или преку сателит на чистото и проѕирно небо како срча
Тие веќе почнуваат да сонуваат дожд и халуцинираат дека ќе врне
И во шумата дека срната пасе и еленот по росна трева дека веќе трча
Во летната и неподнослива жега и бумбарот кон првата сенка бега
И сите глави и погледи се свртени кон пеколниот небески свод
Луѓето чекорат како сенки и почнуваат неразбирливо да зборат
Билките денизден горат и никако не доаѓа ветениот преселнички брод
И одеднаш небото ќе распука како презрела лубеница
Ќе натежнат мрачни облаци и ќе се појават секавици
Ќе грмнат громови и ровји и ќе потече дожд како река
Но сал на сликарските платна и во поетските страници
ВЕШТАЧКА НАСМЕВКА
Твојата насмевка е вештачка и ѕвечка како вештачко стакло
Твојата насмевка е вештачка и се развлекува како вештачка гума
Твојата насмевка е вештачка и е тврда како армиран бетон
Твојата насмевка е вештачка и е лесна и празна како стиропор
Твојата насмевка е вештачка и безлична како црн разлеан битумен
Твојата насмевка е вештачка и нетрајна како евтина пластика
Твојата насмевка е вештачка и растеглива како тенок најлон
Твојата насмевка е вештачка и лажна како вештачка кожа
Природни се само твоите бели бисерни заби како морски школки
И усните румени како црвено јаболко на гранка пред изгрејсонце
И очите кои светкаат како два брзи бистри и чисти речни извори
И образите кои не темнеат никогаш па ни пред ни по зајдисонце
(НЕ)ВРЕМЕ
Се памтат само големите поплави и надојдените реки
Но и пресекнатите извори и исушените потоци
Никој не ги заборава големите невремиња
И невидените временски крвотоци
Не се памти толку нежниот и пролетен ветер во косите
Колку големата луња што корне сал високи стебла
Исто како што и куќите за миг се без покриви
Дури мајката го чува детето во преграб
Не се памти пламенчето туку само големиот бесен оган
Кој со големата уста и црвениот јазик сè гори
Па црна пепел стана и Големата книга
И онеме оној што треба да збори
